Љубовта Божја

– Отче, кажете ни како на дело да ги љубиме сите? Како да ги сакаме непријателите и оние што не ни се пријатни, а не само оние со кои ни е убаво.

– Одговорот нема да ви се допадне. Единствениот начин да љубите кого и да било е да запрете да се сакате себеси. А единствениот начин да не се сакате себеси е да Го возљубите Бога со целото свое срце, и со сиот свој разум, и со сите свои мисли, и со целата душа, а исто така и ближниот. Кога ќе го постигнете тоа, вие ќе љубите без да правите разлика, зашто во секого ќе гледате божествена искра. Ќе Го гледате Бога насекаде. Сега не Го гледате зашто стоите на својот сопствен пат, и сѐ мерите спрема себеси. Господ Бог ве возљубил, затоа и постоите. Тој ве сака толку многу што дури и вие не можете да се сакате така. Бог ве сака повеќе отколку кој било друг. Единствениот одговор за таков огромен дар е да враќаме со љубов. Исус Христос вели: „Ако Ме љубите, служете си еден на друг“. Само да започнете и веќе нема да можете да запрете. Кога ќе почнете да правите така, сѐ ќе се исполни со смисла. Вие повеќе нема да се мразите себеси, нема да страдате од депресија и растројство. Никој не сака да го види пенкалото со кое е напишано писмото. Луѓето сакаат да го видат самото писмо. Вие треба да го ползувате своето тело за да ја пишувате љубовта Божја во животот на другите. Луѓето бараат да видат љубов, а не нешто друго. Тоа ве води напред, а не ве враќа назад. Господ Исус Христос е сѐ што постои. Нема ништо друго. Тоа е сѐ. Без љубов вие сте ништо. Ако имате доволно вера ќе преместувате планини, ако немате љубов немате ништо. Ние не веруваме во нешто. Веруваме во Христа. Не веруваме во нешто, туку во Некого. Вие се обидувате да имате врска со Бога како со концепција, идеја, а љубовта е возможна само со некого, а не со нешто. Љубовта е насочена кон другиот, а не кон себеси. Како јас можам да сакам некого кој е непријатен. Вие не можете да сакате некого без да спознаете дека вие веќе сте возљубени од Бога. Он рекол: „Вие можете да љубите бидејќи Јас прво ве возљубив“. Вие го правите истото. Ако вие ги љубите сите, тогаш немате непријатели. Како може некој да ви непријател ако го љубите? Ако некој ве мрази тоа не ви пречи да го љубите. Гледајте вие како сте се противеле на Бога. Како јас сум се противел на Бога. Колку многу нешта сум рекол дека ќе ги направам, а не сум ги направил. Каков егоист сум. Како не ме интересира и не се грижам за работите за кои сум должен. Господ Бог не престанува да ме љуби. Бидејќи Он ме љуби не заради тоа што го правам, туку заради тоа што сум. А кој сум јас? Јас сум оној кого Он го љуби. Кој е тој, која е таа? Тоа се оние коишто Господ ги љуби. Кога вие не гледате личности, тие за вас се проблем, зашто вие ги гледате сите по однос на себеси. Наместо тоа треба да ги гледате сите по однос на Бога, и тоа прави вашите односи со нив да станат возможни.