Основи на православната вера – V дел

Свето Писмо

Покрај Светото Предание, и Светото Писмо претставува еден вид Божјо Откровение. Светото Писмо се нарекува уште и Библија, според грчкиот збор βίβλος, што значи ‘книга’. Во Светото Писмо на Стариот Завет преку пророците е најавено доаѓањето на Месијата Господ Исус Христос, а во Новиот Завет од Светите Апостоли е опишан Неговиот живот и спасоносните дела.

Светото Писмо на Стариот и Новиот Завет се една и единствена книга, зашто централна личност во нив е едниот и ист Господ Исус Христос, Кој е Алфа и Омега на Откровението. За единството на Светото Писмо зборува и Блажени Августин кој вели: „Новиот Завет се открива во Стариот, а Стариот Завет се открива во Новиот“.

Новиот Завет е исполнување на Стариот, зашто Христос во полнота го исполни Стариот Завет. Во Неговата Личност се остварија сите старозаветни пророштва и очекувања. Потврда за ова наоѓаме во Христовите зборови: „Не дојдов да ги укинам Законот и Пророците, туку да ги исполнам“ (Матеј, 5, 17). Во Новиот Завет со огромна снага настапува Евангелието – Благата вест – која не му противречи на Законот. Затоа никој не може да тврди дека е вистински следбеник на Мојсеј, доколку не верува дека Христос е Бог.

 

Стариот Завет – наследство на Црквата

Светите Отци отсекогаш настојувале да го сочуваат богатството на Стариот Завет, сметајќи го за наследство на Црквата. Бог најнапред го избра Израилот да биде примател и носител на вистината за Откровението, а во Новиот Завет оваа вистина ја прима Црквата, која уште се нарекува новиот Израил. Стариот Завет според сведоштвото на Св. Јустин Философ ѝ припаѓа токму на Црквата, а не на Јудеите, зашто според светоотечкото учење целиот Стар Завет всушност ја претставува Црквата во развој. Кога во првите векови на Христијанството се употребувал зборот „Писмо“ или „Писма“, тогаш се мислело на Стариот Завет, а со ова значење тој збор се користи и во Символот на верата и под него се подразбираат сите старозаветни пророштва и очекувања.

Црквата својата вера во Христа, и во Стариот, и во Новиот Завет првенствено ја пројавувала низ богослужението. Целокупниот богослужбен живот е заснован на уверението дека постои еден единствен и вечен Завет, кој Бог го склопи со луѓето, како и тоа дека постои потполна согласност помеѓу пророците и апостолите. Во прилог на тоа е и фактот дека пророчките книги и Псалмите биле основа на богослуженијата во раната Црква. Имено, Евангелијата не биле веднаш напишани, и затоа не можеле да бидат единствен извор на сознанието за Бога. Тие постепено се раѓале во крилото на Црквата, и тоа првенствено во нејзиниот литургиски живот. Согласноста помеѓу двата Завета се гледа и во тоа што називите на многу празници од Стариот Завет останале исти во Црквата (Пасха, Педесетница и др.), зашто сите тие претставуваа праобраз на доаѓањето на Новиот Завет.

Силното влијание на Стариот Завет се согледува и во богословието на новозаветните списи. Прологот на Евангелието според Јован неоспорно е под влијание на книгите на мудроста од Стариот Завет. Во посланието на Ап. Павле до Римјаните и Евреите очигледно е влијанието на старозаветните законски книги. Во личностите и настаните во Стариот Завет, светите Отци гледале „праслики“ и „икони“ на идните реални настани од животот Христов и од животот на Црквата.

 

Светото Писмо и Светото Предание

Содржината на Светото Писмо најдобро се разоткрива во светлоста на Светото Предание. Не може да се зборува за Светото Писмо без Преданието, ниту, пак, може правилно да се сфати и вистински да се доживее Светото Писмо без Преданието. Единствено со помош на Преданието содржината на Светото Писмо останува секогаш жива и пристапна. Светото Писмо не е запишан извештај на историско Предание или усни поуки, туку тоа е дадено во Преданието и постои напоредно со него. Со други зборови, со Преданието правилно се разбира Светото Писмо.

Да се разбере Светото Писмо, тоа значи да се открие најдлабоката смисла и значење на Откровението како историја на спасението. Услов за правилно толкување на Светото Писмо е неговото доживување во Црквата, каде што тоа и настана. Поради тоа Црквата никогаш Светото Писмо не го разбирала надвор од рамките на Откровението, така што од иста причина го отфрлила како туѓо и неприфатливо протестантското начело Solla scriptura – ‘само Писмото’. Имено, да се каже дека единствено Светото Писмо е доволно, тоа би значело да го отсечеш од Црквата која е негов светотаински извор.

 

Животот во Црквата – клуч за разбирање на Писмото

Христос Го проповеда Црквата, а не само Светото Писмо. Таа, како Тело Христово, на прво место ја става полнотата на Светото Писмо кое единствено во неа може да биде правилно протолкувано. Еретиците и оние кои се надвор од Црквата немаат клуч за да го разберат духот на Писмото. Писателот од раната Црква, Тертулијан, не ни сакал да разговара за Светото Писмо со еретиците, сметајќи дека тие, бидејќи не им припаѓа, немаат право да се служат со него. Според Св. Иринеј Лионски, еретиците „ги испревртуваат фактите од Светото Писмо и бидејќи се слепи за вистината, се противат и на сопственото спасение“. Св. Атанасиј Велики истакнува дека наведувањето на фрагменти издвоени од целината на Светото Писмо и занемарувањето на целокупната смисла води во ќорсокак. Еретиците не ги изложуваат зборовите Божји ниту во врска со вистината на верата, ни во врска со пораките на Светото Писмо, и не ја гледаат неговата цел. Св. Ероним сведочи дека Евангелието не се состои само од зборовите на Светото Писмо, туку и од неговото значење: „Не на површината, туку во сржта, не во лисјата на беседата, туку во коренот на знаењето. Светото Писмо е корисно за слушателите само тогаш кога се изговара со Христа, кога се изложува со Светите Отци и кога не се проповеда без Светиот Дух“.

 

Современоста и универзалноста на Светото Писмо

Господ Христос ги објавува Своите зборови на секое поколение, а преку Светиот Дух тие стануваат разбирливи за секој член на Црквата и на црковната заедница во целина. Зборовите на Светото Писмо имаат за цел да ги доведат верните во врска со Господ Христос, преку благодатното дејство на Светиот Дух. Апостолите најпрвин Го познаа Господа Христа преку Неговите дела, а потоа поверуваа во Писмото и зборовите кои ги кажа Исус (Јован 2, 22). За разлика од нив, ние кои сме нивни наследници, вистината за Христа ја осознаваме преку слушање или со читање на зборовите за Него, а потоа се запознаваме со Неговата Личност во заедницата на Црквата, првенствено во Светата Тајна Евхаристија.

Светото Писмо секогаш претставува една современа книга, зашто е упатена до сите генерации на човечкиот род, зашто Го проповеда Господ Исус Христос Кој дојде и Кој повторно ќе дојде. Тоа и значат Христовите зборови: „Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат“ (Марко, 13, 13). Зборовите запишани во Светото Писмо се зборови на вечен живот (Јован 6, 68), зашто верните кои ги слушаат и извршуваат, ги воведуваат во Царството на идниот век.

(Продолжува…)