За иконата на Рождеството Христово

 

Светот до Овоплотувањето на Бога Словото наликуваше на изорана, наѓубрена и од влага натопена нива, која брза за да го прими семето на вечниот живот за да може да го зачне идниот век.

Навуходоносор во сон ја виде таинствената слика на Раѓањето Христово, за која пророчко објаснување даде пророкот Даниил. Каменот што без ничија помош се стркала од планината и го уништи идолскиот кип е образ на Раѓањето Христово. И обично, на иконата на Рождеството Христово, Спасителот како да наликува на тој камен што се стркала и ја уништи човечката гордост во вид на идол. Христос обично е изобразен на самата средина на иконата, повиен во пелени и многу малечок. Често Спасителот е изобразен како многу мал во однос на другите ликови на иконата, но Он истовремено има и господарско, царско место. Димензиите на ликот на Мајката Божја се поголеми во однос на другите ликови, со што е изразено исполнувањето на пророштвото што Навуходоносор го виде во својот сон, а кое Даниил го протолкува. Сликата на планината и на каменот кој сам се стркала од неа, е пророчка визија за приснодевството на Мајката Божја.

Во тоа смалување на Спасителот, Кој покорно ги прифаќа пелените и животинските јасли, е тајната на исцелението на човечкиот род од смртниот грев на гордоста што сатаната го внесе во „ушите Евини“. Целата човечка големина родена од вознесувањето на паднатиот сатана, со Рождеството Христово ја изгуби својата привидна неискажлива слава. Се исполни пророштвото за кое се пее во песната на Мајката Божја: „Ги симна силните од престолите и ги воздигна смирените“. Иконата на Раѓањето Христово е одраз на неминливата слава на Христовото доброволно снисходење, и сите нејзини црти, целото нејзино устројство зборува за тоа. Таа икона како да е печат на празникот со кој се изразува неговата основна смисла. Се изразува славата на доброволното вочовечување на Спасителот, славата на Неговото снисходење.

Се смета дека и канонот со кој цар Давид го победи надмениот поради својата сила Филистеец Голијат, е исто така прототип на поразување на гордоста со раѓањето Христово.

Сведоштвото за Богомладенецот Христос, Кој лежи во пештерата во прегратките на земјата, го наоѓаме и во Евангелието во зборовите на Самиот Спасител, во приказната за синаповото семе и Царството Небесно. Фрлено на земјата, семето синапово, иако најмало од сите семиња, станува големо растение и може да се каже дека Христос – Овоплотувањето на Царството Небесно, живиот Ерусалим, како синапово зрно фрлено во црните прегратки на земјата, се роди во темните прегратки на пештерата. И со самото тоа што Мајката Божја Го родила не некаде на земјата, туку во пештерата под земја, прегратките на земјата станале осветени и посолени, и во нив се зачнал еден нов дотогаш непостоечки живот. На иконите на Рождество пештерата обично е многу едноставна, нема обиди да се прикажат детали, да се прикаже светлина; тоа е обично една црна јама, како отворена уста на земјата, чиешто црнило со ништо не е ублажено. И како таква таа е спротивставена на светлината на Спасителот, на венецот што Му ја овенчува главата и на белината на пелените во кои Богомајката Го повила.

Земјата на иконата Рождество не е ни мазна, ни рамна; таа е целата во движење, полна со издигнувања, испакнатини и вдлабнатини. Нејзиното движење потсетува на морските бранови. Таа ридеста и брановита земја не зборува само за околината Витлеемска, туку има еден сосема поинаква, многу повоопштена и подлабока смисла. Земјата си го препознала денот кога ќе биде посетена. Таа Му одговорила на Христа така што целата оживеала, се раздвижила, почнала како тесто да расте, бидејќи во себе го почувствувала квасецот на вечниот живот. Земјата околу пештерата, брановидна и набрана, не е пуста, таа е исполнета со движењето на возбуда и радост. На иконите Рождество обично се изобразуваат и ангели, и мудреците и пастирите. Ангелите како први сведоци и благовесници на Рождеството Христово, мудреците и пастирите, пак, го претставуваат човечкиот род кој е повикан да се поклони на Христа. Мудреците и пастрите не прават еден хор и тие меѓусебно доста се разликуваат. Пастирите се претставници на одбраниот Јудејски народ кои на небото, кога тоа се отворило, здогледале мноштво ангели и ја слушнале нивната песна со која тие Го славеле Бога. Тие биле повикани да се поклонат на Христа во име на целиот Јудејски народ. Нив благовештението им го донеле самите ангели. Мудреците, пак, се претставници на паганскиот свет. И тоа на нивниот врв. Тие успеваат да ја достигнат смислата на Рождеството Христово. Но патот до тоа не е едноставен, туку дури и многу тежок, многу сложен пат; на поклонение кај Христа тие не доаѓаат од некаде блиску, туку од далеку, според Преданието на Православната Црква, од Персија, и патот кој го поминале раководени од ѕвездата бил долг и тежок. Не ги водел глас на ангел туку ѕвезда, иако тоа не било сосема едноставно. Св. Јован Златоуст вели дека ѕвездата што ги донела царевите во Витлеем не била обична ѕвезда, туку тоа бил ангел кој зрачел со светлина слично на ѕвезда; тој ги донел источните цареви на поклонение.

Пастирите и источните цареви на различни начини го слушнале благовештението, поминале различни патишта, а ги обединил и поврзал во едно Христос Емануил, Кому дошле да Му се поклонат; тие се обединети како два ѕида и поврзани со еден аголен камен на којшто почива единството на целата градба и без кој тие два ѕида никогаш не би можеле да се спојат, ниту би ја имало таа градба. Таа мисла многу јасно се гледа на иконите на Рождеството Христово.

Мудреците кои одат на поклонение прават една засебна група, не мешајќи се со пастирите. Пастирите стојат одвоено и ги слушаат ангелите. Во горниот дел на иконата веднаш на пештерата прикажана е ѕвездата која ги води царевите на поклонение на Христос. Ѕвездата не е прикажана едноставно, таа како да е предодредена да застане над пештерата; таа не е некоја самостојна појава, туку како да се раѓа од небесата прикажани при самиот врв на иконата. Символот на Витлеемската ѕвезда не е сочуван само на иконите на Рождество, туку се чува и во црковните обреди. При крајот на проскомидијата, на дискосот се става „ѕвездичка“ над агнецот изваден од просфората и положен на дискосот. Ѕвездичката е символ на ѕвездата што заблескала над Богомладенецот Христос во јаслите. И свеќникот којшто на Бадник се изнесува и се става на средината од храмот е исто така символ на Божикната Ѕвезда. Се смета дека ѕвездата има такво значење за празникот на Рождество Христово, бидејќи таа е неговиот таинствен праобраз, за што наоѓаме сведоштво во Откровението: „Јас сум потомок и род Давидов, сјајна Ѕвезда Деница“ (Откр. 22, 16).

На иконата Рождество Христово Свршеникот Јосиф е обично прикажан во длабока тага, измачен од сомнежи, бидејќи не може да ја сфати тајната на Рождеството од Дева. Пред него е лошиот дух во лик на старец – пастир, кој сака да му внесе немир. За многу икони на Рождество карактеристично е Мајката Божја да не е со лицето свртена кон Спасителот, туку кон Јосиф Свршеникот; на нејзиното лице се гледа голема тага и жалост. Како Мајката Божја да сака со својата сила да му помогне на Свршеникот Јосиф и таа нејзина загриженост веќе зборува за службата на Мајката Божја како Царица Небеска, како Застапничка на човечкиот род, Онаа што на себе ќе ја понесе тагата на целиот род човечки.

Спроти Рождеството Христово стариот свет бил под неприкосновена власт на Цезар. Со светот господарел Цезар Август. Власта на Римската Империја била организирана како власт на едно многу надворешно одржувачко и обединувачко начело. Иако едвај видливо, во светот сепак постоело уште едно обединувачко начело – Еврејството, кое било расеано. Како тенка златна мрежа тоа пронижувало и соединувало многу народи. Како безброј канали за наводнување тоа ја прекрило земјата и преку тие канали потекла водата на апостолската благовест.