Основи на православната вера – VI дел

Одлуките на Вселенските Собори

Вселенските Собори низ историјата, ги претставуваа собирањата на епископите од целата вселена, на кои се изразуваше единството на Црквата, вистинската вера и знаење за Бога. Единството на сите Помесни Цркви на вселенско ниво се остварува кога нивните епископи, припаѓајќи на едното тело на Црквата, исповедаат една вера, односно кога според зборовите на Св. Игнатиј Богоносец: „Епископите од сите краишта на земјата се во едната волја (мисла) на Исуса Христа“.

 

Соборите – израз на верата и совеста на полнотата на Црквата

Целата Црква, епископите, свештенството и народот, учествуваат во искажувањето на правилното учење или догмати за Бог како Света Троица и за Божјиот однос кон светот. Значи вистината не ја искажува првиот во ерархијата, сам и одвоен од црковната заедница, ниту, пак, вистината е дело на мнозинството. Историјата на Црквата ни покажува примери од учителите и исповедниците на верата кои не заземаа највисоки црковни достоинства, а сепак биле столбови на Православието. Таков е примерот со Св. Атанасиј Велики, кој за време на Првиот Вселенски Собор беше ѓакон. Секако, Св. Атанасиј беше таков богослов поради тоа што со целото свое битие живееше во Вистината, и заедно со сите Светии го пројавуваше соборното единство на целата Црква. Вистината е дело на целата Црква како заедница, на секој нејзин член кој со својот живот Го сведочи целиот Христос. Само Црквата, како заедница на дарови, во која постои проникнување помеѓу првиот, како мистагог и сите други членови, ја поседува и објавува вистината за целиот Христос.

Поаѓајќи од ваков начин на поимање на црковниот живот, сите одлуки на Вселенските Собори се донесени така за да ја изразуваат верата и совеста на целата Црква, а тоа правило на верата стапува на сила, секогаш кога соборските одлуки ќе поминат низ проверка, односно кога се соборно прифатени од сите членови на заедницата. Тука треба да се истражува причината, зашто и Великите Вселенски Собори, како на пример Првиот и Четвртиот, не беа прифатени одма, туку поминаа години, дури и десет години, додека одлуките да добијат екуменско (вселенско) значење. Великите Отци и Учители на Црквата не се раководеа според идејата за моќ или власт во спроведувањето на своите одлуки, туку трпеливо чекаа Вистината да биде доживеана и прифатена во секоја пора на црковниот живот.

За соборната одлука да биде израз на живата вера, таа мора да биде соопштена во сите Помесни Цркви на Светата Литургија. Без согласност од верниот народ невозможно е една одлука да се спроведе во литургискиот живот. Имено, дури откако верните со своето Амин (што значи Така нека биде), ја изразат потполната согласност со одлуката на некој Собор, тогаш истата се усвојува. Со други зборови, Соборната одлука конечно се прифаќа кога во неа во потполност се огледува литургиското и подвижничко искуство на Црквата.

Вселенските Собори го следат образецот на утврдување и соопштување на вистината кој е составен на Апостолскиот собор во Ерусалим (49 г.), кога сите Апостоли еднодушно рекоа: „Зашто на Светиот Дух и нам ни беше угодно“ (Дап. 15,28). Тоа значи дека одлуките на Соборите подразбираат хармонија помеѓу двете волји во Црквата: Божјата, која невидливо ја соопштува Светиот Дух и човечката, искажана од епископите, кои со оглед на тоа дека Го оиконуваат Христа во Евхаристијата, имаат посебна харизма (дар), како началници и обединители на Евхаристиските собранија да го исповедаат единството на Црквата во Христа, а од таму и правилното учење на Соборите, исто онака како што тоа го правеа Светите Апостоли во раната Црква.

Одлуките на Вселенските Собори првенствено ја искажуваат вистината на верата доживеана во Крштението и Евхаристијата. Затоа, во одлуките на Соборите особено дојде до израз учењето, искажано во таканаречените Крштенски Символи на верата на Помесните Цркви, кои ги изговараа катихумените во текот на нивното Крштавање. Одлуките на Соборите, исто така, во голема мера се засновани и на антиеретичките списи од Светите Отци, кои ја исповедаа Вистината доживеана во Црквата како Литургиска заедница, наспроти еретичкото учење кое секогаш се заснова на поединечните мислења.

(Продолжува…)