Толкување на иконата на Рождество Христово

Уметноста на иконописот мора да ги следи потполно одредените строги правила. Тие правила бараат од иконописецот да го потчини своето творештво на свеста и совеста на Црквата, односно да ја држи својата мечта зауздана на таков начин што своето вдахновение секогаш и на секое место ќе го проверува во контекстот на богословието, Светото Писмо и Светото Предание.
Иконописецот знае дека неговиот дар треба да служи на молитвата и мора да ги остави зад себе сите земски грижи1. Овој вид на подвиг е сосема подобен на монашкиот подвиг, кој е пропишан од манастирските устави. Од подвижништвото исходи духовната трезвеност која е неопходна на иконописецот, како би можела неговата работа, т.е. иконата која тој ја иконописал, да го заземе своето место во Литургијата и да ги подражава верните во молитвата. Иконата е Свето Писмо искажано со ликови и бои. Кој и да началствува, пее или чита во Црквата, секогаш мора да ѝ дава предност на молитвата и да избегнува да дава нагласок на своите лични чувства, мисли и гледишта, како би избегнал привлекување внимание на себе, а на штета на вниманието кое би требало да биде насочено кон самата литургиска уметност.2 Свештеникот, ѓаконот или певецот говори во името на Црквата и не би требало да ја заменува молитвата на Црквата со своите сопствени чувства… Тој мора да овозможи да се слушне Словото Божјо онака како што е наменето за сите. Таквиот вид самоодрекување му овозможува на певецот (или иконописецот) да го открие најбогатиот и најкреативниот аспект на својата личност. Бог му враќа стократно. Со подвигот се достига творечката слобода и слободата на заедничарењето.3 Ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод. (Јн. 12, 24).
Во тој контекст, да ја погледнеме иконата на Рождеството Христово. Таа веднаш нѐ измирува со празникот Божик и прави да ја заборавиме возбудата што го придружува. Во неа владее таков мир, таква хармонија; сѐ е во празник, односно во радост. Ѕвездите блескаат во небесата, карпите се отвораат за да Го пречекаат својот Создател, животните се смирени, пастирите ја споделуваат својата радост со ангелите, мудреците весело брзаат да ја пронајдат Вистината што им ја откри ѕвездата. Сѐ се капе во светлина, една светлина со посебен сјај, онаа за која што зборува свети Лука: Ангелот Господов им се јави и славата Господова ги осветли (Лк. 2, 9).

Дева денес надсуштествениот Го раѓа и земјата пештера на Непристапниот принесува. Ангелите со пастирите Го славословат, Мудреците пак, со ѕвездата патуваат, зашто заради нас се роди Мало Дете, предвечниот Бог! (Кондак на Празникот).

Поетот, Роман Мелод, и анонимниот иконописец наоѓаат заедничко вдахновение, истиот извор што го црпат од Евангелието. Освен бањањето на Детето, подробност карактеристична за едно раѓање, и неизбежната зафатеност околу едно новороденче, иконографот е мошне верен на духот на Евангелието. Ако повторно ги прочитаме двата раскази за Рождеството, на Матеј и на Лука, ќе ги најдеме сите елементи обединети во боите на дрвото. Да направиме споредба помеѓу Евангелието и иконата (Мт. 1, 18-25). Најнапред сомневањето на Јосифа во девственоста на Марија и божественото потекло на Исуса. Во долниот дел на иконата Јосиф седи замислен, главата во рацете, искушуван од демонот на сомнението, под видот на еден стар пастир. Свети Јосиф Обручник нема да биде единствениот кој во историјата на човештвото се посомневал во оваа тајна, преголема за човековиот разум. Свети Јован Златоуст вели: Вочовечувањето не може да се испита. Научив молкум да го почитувам Неговото раѓање, без чудни испитувања и бесполезни расправии. Зашто, за сѐ што се однесува на Бога, не треба да се настојува на природниот происход на работите, но да се верува во силата на Оној Кој управува со сѐ.4 Јосиф намерно е насликан надвор од пештерата, за да не би некој да помисли, да не даде Бог, дека тој имал какво било учество во зачнувањето и раѓањето. По епизодата со Јосифа, кому еден ангел му ја открива вистината за човечката и Божјата природа соединета во Исуса, Матеј мошне бргу минува на самото раѓање во Витлеем и подробно го раскажува поклонувањето на мудреците (Мт. 2, 1-12). На иконата ги гледаме овие личности од високо положение, како Го бараат Царот Јудејски. Тропарот на празникот ја развива темата за мудреците:

Раѓањето Твое, Христе Боже наш, го осветли светот со светлината на знаењето, зашто во неа служителите на ѕвездите, од ѕвездата се учеа да Ти се поклонуваат Тебе, Сонце на правдата и да Те познаат, Истоку од висините, Господи, слава Ти!

Мудреци од Исток доаѓаат, да се поклонат на Господа…

Мудреците ги претставуваат учителите на старата наука. Уште од времето на Мојсеја, на непријателите на Израилот им било навестено пророштвото дека Месијата ќе им биде откриен на народите. Пророкот Валаам, кој не бил Израилец, но Го почитувал вистинскиот Бог, прорекол: Гледам, ќе излезе Ѕвезда од Јакова и ќе се подигне жезол од Израил (Броеви 24, 17). Свети Симеон Богопримец во Храмот ќе рече: Очите мои Го видоа Твоето Спасение што си го приготвил пред лицето на сите народи, светлина за просвета на јазичниците и слава на Твојот народ Израилот (Лк. 2, 30-32). Важно е во наше време да се потсетиме дека Бог не го изменил својот однос кон луѓето што не веруваат. Ако христијаните го примиле од Израил месијанското наследство, ако во личноста на Христа Го признаваат Синот Божји, тоа не значи дека треба да Го затворат и љубоморно да Го пазат во кругот на Црквата, туку треба Неговата слава да ја пронесат низ целиот свет. Мудреците се поучувани од ѕвездите и, благодарение на една ѕвезда, тие тргнуваат на пат во потрага по еден Цар кој штотуку се родил, а наоѓаат Дете легнато на слама. Тие сакаа да Му оддадат чест на Царот Јудејски, но кога Го најдоа Детето, тие беа исполнети со голема радост и честа ја заменија со поклонување. Тогаш тие понудија дарови: златото за Царот, темјанот за Бога, смирната за жртвата и погребот на смртниот Човек. Овие учени, дојдени од Исток, ја нашле самата Вистина, онаа која отсекогаш ја барале во ѕвездите. Сега тие Го познаваат Сонцето на Правдата, Исток од висините, Оној Кој доаѓа од небото. Но ова небо не е она што е створено во првиот ден од Создавањето, на кое ѕвездите се менуваат. Тие ѕвезди на мудреците можеа да им дадат само делумно познавање. Сонцето на Правдата е несоздадено, Светлината на Познанието Го открива Бога, Исток од висините што го запознаваат мудреците е Словото Кое во почетокот беше со Бога, Кое беше Бог (Јн. 1, 1), пред сите векови. Односно, Оној Кој е пред времето и пред создадената твар. Можеме да направиме споредба меѓу барањето на мудреците и откровението на пастирите, раскажано од свети Лука (Лк. 2, 1-19). На учените им биле потребни долги истражувања за да дојдат до Бога. А пастирите, Радосната вест ја примиле од ангел, без посредништво или подготовка. Евангелистот го изложува раѓањето на Исуса надвор од населените места, во полето; близината на пастирите сведочи дека настанот се одигрува во чиста природа. Но, ќе речете, раскажувачот не ја споменува пештерата, зборува само за јаслите. Јаслите претпоставуваат штала, бидејќи таму се хранат животните, а пастирите се служеле со пештери за да ги сместат своите стада, како и самите да се засолнат. Евангелистот не ги споменува ни магарето, ни волот. Логиката го дополнува расказот: за да патува, Јосиф имал магаре, а јаслите биле полни со сено за да се хранат животните. Овде волот потсетува на присуството на животни. Но, животните не се претставени на иконата од грижа за веродостојност, бидејќи секогаш и во сите земји Божикната иконографија се повикува на пророштвото од Исаија: Волот го познава својот господар и магарето јаслите на својот господар, а Израилот не знае, Мојот народ ништо не разбира (Ис. 1, 3). Пред пештерата, Богородица лежи во вообичаената положба на родилка. Нејзината силуета е монументална, таа зазема голем простор во композицијата на иконата; тоа ја изразува важноста на Дева во тајната на воплотувањето: Марија, со раѓањето на нејзиниот Син, станува Мајка Божја – Богородица. Но често човек се чуди, зошто Марија Му го свртува грбот на Детето? Таа со сожалување го гледа Јосифа кој се сомнева, а преку него и целото човештво кое е потонато во мракот на незнаењето. Нејзината рака се чини Го покажува Новородениот и со овој гест таа го води секој човек кон Синот Божји. Таа Го родила за спасение на човечкиот род, за да ја открие големата слава на Бога. Нејзината радост е надминување на мајчинската гордост, која е сосема природно чувство, но сепак премногу човечко.

Раката на Богородица во исто време е насочена кон детето и ставена на нејзините гради; зар со овој дискретен гест иконописецот не сакал да направи алузија на зборовите од свети Лука: А Марија грижливо ги пазеше сите овие спомени и ги слагаше во своето срце (Лк. 2, 19)? Целата сликовна композиција е сместена во пештерата кон која се сосредоточува сѐ. Тоа е како една спирала чија средишна точка би била оваа темна дупка од која блеска Светлината. Исус е во дното на пештерата, како да произлегува од самата земја. Оваа слика ни ја дава вистинската смисла на Воплотувањето. Кога Адам бил создаден, бил земен од земјата, а денес – вториот Адам – Христос, повторно го создава човекот во Својата личност. Синот Божји, во дното на пештерата, ја зел нашата човечка природа: Он е роден од земјата и пак ќе се врати во земјата, при Неговиот погреб – Првиот човек е земен од земја;
вториот човек е Господ од небото… И како што го носиме образот на земниот, така ќе го носиме и образот на Небесниот (1Кор. 15, 47-49).

Ако Христос слегол од небото на земјата, а подоцна и во адот, тоа го направил за да воскреснеме и ние со Него! Со празникот Божик, нѐ обзема голема радост, како мудреците и пастирите; ништо не може да ни ја одземе оваа радост, зашто Бог е со нас, што на еврејски се вели: ЕМАНУИЛ!


[1] Вся́кое ны́нѣ житéйское, отложи́мъ попечéнїе – од Херувимската песна на Божествената Литургија

[2] Н. Лоски, Размислувања за литургиската музика (на француски јазик), Contacts 113, 1981, стр. 51-62

[3] Исто

[4] Слово за Рождеството Христово