За Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква (VI дел)

Веродостојноста н авторитетот на Црквата

Во својство на божествената установа (институција), Црквата е раководена од Светиот Дух. Тој престојува во неа и ја прави непроменлива со догматско правило, „столб и тврдина на Вистината“. Црквата ја чува чистотата и непроменливоста на апостолското учење. Единствено таа може да нè приведе кон Вистината и да биде единствен и непроменлив судија кој е во состојба да се изјаснува во врска со спасоносните вистини на богооткриените учења. Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква која сите нејзини служители ја претставуваат на Вселенските собори, се појавуваа како единствен вистински судија, единствен и природен чувар кој стражари врз боговдахновеното учење. Само Црквата го решава прашањето за веродостојноста и авторитетот на Светото писмо. Само таа гарантира и грижливо го чува во своите прегратки неосквернето Предание и апостолското учење. Само таа може да ги потврди, објасни и формулира вистините, бидејќи е раководена од Светиот Дух. Само Црквата ги приведува кон Христа оние кои веруваат во Него и им дава вистинско толкување на Светото писмо. Единствено таа ги чува своите чеда на нивниот пат кон спасение и единствено таа со сигурност ќе ги доведе до спасение. Само оние кои веруваат во неа добиваат сигурна потврда за вистините во кои веруваат и за спасение на својата душа. надвор од Црквата, од тој Ноев ковчег, нема никакво спасение. „Ние веруваме дека Светиот Дух ја просветлува Црквата“, се вели во исповедта на Доситеј. „Тој е вистински Параклитос (Утешител) Кого Христос Го праќа од Отецот за да ја предаде Вистината и да го истера мракот од душите на верните“.

Без авторитетот на Црквата не постои ништо друго што би било постојано, неоспорно и сигурно за спасение. Единствено авторитетот на Црквата го чува чисто и неосквернето апостолското наследство. Само преку тој авторитет се предаваат чисти и неосквернети вистини за апостолската проповед. Без авторитетот на Црквата, содржината на верата би можела да биде изложена на искривување, додека, пак, апостолската проповед би се претворила во клевета. Без видливата, од Бога создадена Црква не може да постои врска меѓу членовите на било каква заедница, која во тој случај не би била Тело Христово, бидејќи Телото Христово – тоа е Неговата Црква, чија глава е Он. Без Црквата никој не може да се соедини со Телото Христово, никој не може да стане дел од Телото Христово ако не се препороди и ако не стане причесник на благодатта која се наоѓа во Црквата.

Протестантите кои Црквата ја дефинираат како невидлива заедница, собрание на избраните и светиите, како Света Конгрегација, заедница на верата и Светиот Дух во која наводно дејствува Спасителот, самите себе се оддалечуваат од Божјата благодат, бидејќи неа ја разделува Црквата, на која тие не и припаѓаат.

Оние кои ја одрекуваат Црквата Христова воедно ја одрекуваат и природата на Црквата, т.е. нејзиниот конкретен карактер кој ја прави божествена институција (установа) на земјата, во која непрестано се продолжува искупителното дело на Спасителот.

Оние кои сакаат да се нарекуваат членови на невидливата заедница на светиите составена од светиите од целата земја кои Му се познати единствено на Бога, оние кои веруваат дека со посредство на чисто теоретската врска со Спасителот стануваат причесници на Светиот Дух, оние што мислат дека Спасителот го извршува нивното спасение без посредство на Црквата која Он ја создал, живеат во заблуда, бидејќи „надвор од Црквата нема спасение“. Надвор од Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква нема никакво спасение. Таа Црква е видлива и таа не е едноставно собрание на луѓе кои веруваат во Христа. Таа е божествена установа. Нејзе и е доверено чувањето на вистините кои ни ги открил Бог. Во неа се остварува човечкото искупување. Во неа човекот општи со Бога и станува Божјо чедо.

Протестантите, кои ја напуштиле видливата Црква Христова и создале сопствена заедница на светии, грешат против темелниот карактер на Црквата. Тие сметаат дека само верата е доволна за спасение. Делото на искупување го толкуваат како богословска теорија способна да го спаси оној кој ја изучува или прифаќа. Меѓутоа, делото на искупување не е само богословска теорија. Тоа е таинствен чин кој се извршува во видливата Црква Христова. Тоа е токму она дело, кое носи спасение и кое ги прави верни причесниците на Светиот Дих. Надвор од Црквата не постои никаква теорија на верата и никаква заедница која би општела со Бога. Спасителот рекол: Кој поверува и ќе се крсти, ќе биде спасен. Токму Господ го подигнал видливиот олтар на Црквата. Поради тоа, Он заедно со теоријата бара и дела, дела согласни на онаа вистина која Он и ја предал на Својата света Црква, единствениот пристап во Животот, чија глава е Самиот Христос. Нејзе и ние мораме да и  се потчинуваме, во неа мораме да се научиме во Вистината и да се здобиеме со спасение. Единствено таа е столб и тврдина на Вистината, бидејќи Духот Параклитос (Утешител) вечно престојува во неа.

Преподобен Доситеј во врска со Црквата вели: „Ние мораме непоколебливо да веруваме во Писмото, но само онака, како што е согласно учењето на Соборната Црква“. Еретиците, секако, го прифаќаат Светото писмо, но го искривуваат со метафори, хомонимија, со софизам на човечко умување, кое го заплетува незаплетеното и го надмудрува она што не може да се надмудри. Ако би морале секојдневно да го прифаќаме мислењето на овие и оние, Соборната Црква не би била она што е по благодатта Христова, не би опстанала до ден денешен и не би го сочувала единственото гледиште кое се однесува на верата и не би верувала во едно и исто. Во тој случај таа би била растргната од многу ереси и повеќе не би била Света Црква, столб и тврдина на Вистината, неосквернета и чиста. Таа би станала Црква на лукавите, Црква на еретиците кои, откако би се формирале во неа, подоцна би ја отфрлиле без никаква грижа на совеста. Поради тоа ние веруваме дека сведоштвото на Соборната Црква не заостанува зад авторитетот на Светото писмо. И Црквата и Писмото се дело на еден ист Дух. Човек кој зборува сам од себе може да биде во заблуда, може да се излаже себеси и да греши. Соборната Црква никогаш не зборува самата од себе, бидејќи зборува со Духот Божји, Учителот Кој вечно ја збогатува. Таа не може ниту да греши, ниту да се прелаже, ниту да биде во заблуда. Таа е еднаква со Светото писмо и поседува неменлив и постојан авторитет.

Кирил Ерусалимски вели: „Труди се во Црквата да ги изучуваш и да ги запознаеш книгите на Стариот и Новиот завет кои сите ги прифатиле. Зошто би губел време на оние книги кои се сомнителни? Прочитај дваесет и две книги од Стариот завет кои ги превеле седумдесетмина учители“.

Зад зборовите на Кирил Ерусалимски стои авторитетот на Црквата. На Константинополскиот собор 1672 година, патријархот Дионисиј рекол во врска со непогрешивоста на Црквата:

Ние велиме дека Таа е непогрешива, раководена со Својата сопствена Глава, Христа, и просветлена со Духот на Вистината. Поради тоа, Таа не може да згреши, поради тоа апостолот ја нарекол ,столб и тврдина на Вистината’. Таа е видлива и до крајот на светот никогаш нема да ги напушти православните.


Превземено од: Хондропулос, С. (2007). Свети Нектариј Егински: Светител од наше време. Ѓаконија. (Pages 365-368).

(КРАЈ)