За тоа дека Божественото е неспознатливо, и дека не треба да се истражува и да се испитува она што не ни е предадено преку светите Пророци, преку апостолите и преку евангелистите

Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот – Он Го објави.[1] Божеството, значи, е неискажливо и непоимливо. И никој не Го познава Синот, освен Отецот, ниту Отецот Го познава некој освен Синот.[2] Но и Светиот Дух го знае она што е Божјо, како што и духот човечки го знае она што е во човекот.[3] Меѓутоа, по првата и блажена природа, Бога никој – и тоа не само никој од луѓето туку и никој од надземните сили, па и самите Херувими и Серафими – никогаш не Го спознал, освен оние на кои Самиот Тој им се открил.

            Бог, меѓутоа, не нè оставил во целосно незнаење. Знаењето за Своето постоење Самиот Тој природно го всадил во сите нас. Самото создание, како и неговото одржување и управување, го објавува величието на Божествената природа.[4] И, прво преку Законот и Пророците, а потоа и преку Својот Единороден Син, нашиот Господ и Бог и Спасител Исус Христос, Тој – според мерата на нашето восприемање – ни го открил знаењето за Себе. Затоа сето она што ни е предадено преку Законот, Пророците, апостолите и евангелистите го прифаќаме, го разбираме и го почитуваме, не барајќи ништо повеќе од тоа; зашто Бог, бидејќи е добар, е причина за сите добри нешта, при што Самиот Тој не подлежи ниту на завист ниту на какво-годе страдање; зашто, далеку е зависта од Божествената природа, која е нестрадална и единствена добра. И бидејќи се знае и однапред се грижи за сечија потреба, Тој ни го открил она што ни е од полза, она што ги надминува нашите сили и нашиот разум, го премолчал. Да бидеме задоволни со тоа и да останеме при тоа, не поместувајќи ги старите меѓи,[5] ниту заобиколувајќи го Божественото Предание.

Затоа што може а што не може да се искаже, како и за тоа што може а што не може да се научи

            На оној што сака да зборува или да слуша за Бога треба да му е јасно дека во учењето за Бога и за Домостројот ниту е сè неискажливо, ниту е сè искажливо; И ниту е сè неспознатливо, ниту пак е сè спознатливо; и едно е кога нешто е спознатливо, а друго кога е искажливо, зашто едно е да се каже, а друго е да се знае. Значи, многу нешта, поврзани со Бога, што ги разбираме нејасно, не можеме на соодветен начин да ги изразиме, а за нештата што не превосходат, принудени сме да се служиме со човечки зборови, како, на пример, кога на Бога Му припишуваме сон, гнев, негрижа, или пак раце, нозе и слично.

 

           Ние, се разбира, знаеме и исповедаме дека Бог е беспочетен, бесконечен, вечен и постојан, несоздаден, дека не може да се преобразува, дека е непроменлив, едноставен (прост), несложен, бестелесен, невидлив, недопирлив, дека не може да се опише, дека е бескраен, неопфатлив, несфатлив, непоимлив, добар, праведен, семоќен, дека е Творец на сета твар и Седржител, дека се надгледува, за сè промислува, и дека е Владетел и Судија. И дека постои само еден Бог, односно само една суштина, И дека се открива и постои во три Ипостаси – во Ипостасите на Отецот и Синот и Светиот Дух; и дека Отецот и Синот и Светиот Дух по сè се едно, освен по нероденоста, по раѓањето и по исходењето; и дека Единородниот Син и Словото Божјо и Бог, поради Своето милосрдие, а за наше спасение, по благоволение на Отецот и со содејство на Светиот Дух, бессемено и непорочно бил зачнат и дека се родил со посредништво на Светиот Дух без болка од Пресветата Дева и Богородица Марија, како совршен Човек; и дека Тој истовремено е и совршен Бог и совршен Човек, со две природи, Божествена и човечка, и дека Тој се спознава во две природи, надарени со ум и со волја и со способност да дејствуваат, коишто се независни и коишто постојат на совршен начин, соодветно на атрибутите и на претставите за секоја од нив: претставата за Божеството и претставата за човештвото; но, истовремено и во една сложена Ипостас; И дека чувствувал глад и жед и замор, и дека бил распнат, и дека прифатил да ја доживее тридневната смрт и да биде погребан, и дека се вознел на небото од каде што ни дошол и пак ќе дојде на крајот. За тоа сведочат и Божественото Писмо и сите светии.

            Па сепак, што е тоа Божја суштина, или како таа е присутна во сè, или како Единородниот Син Божји и Бог, откако се понижил, се родил како човек од девствена утроба, зачнат на друг, натприроден начин, и како Тој, без да си ги намокри нозете, чекорел по вода; тоа ниту го знаеме ниту можеме да го искажеме. Значи, не е можно за Бога да се каже или да се помисли нешто друго освен она што на Божествен начин, преку писателите на Стариот и на Новиот Завет, ни е дадено, односно кажано и откриено.

(Продолжува)

Извадок: Свети Јован Дамаскин, „Точно изложување на православната вера“, Икона, Скопје 2005 (стр: 5-7)


[1] Јован 1:18.

[2] Матеј 11.27.

[3] Споредете 1 Коринтјаните 2:11. (Бидејќи, кој човек знае што има во човекот, освен човечкиот дух кој живее во него? Па така и Божјото не го знае никој, освен Божјиот Дух..)

[4] Споредете Мудрост Соломонова 13:5. (бидејќи според величината и убавината на созданијата може по сличност да се познае Создателот на нивното битие.)

[5] Изреки 22:28 (Не преместувај стари меѓи, кои твоите татковци ги поставиле.)