Историјат на празникот Сретение Христово
Според Мојсеевиот закон било предвидено секоја жена што ќе роди машко дете да се смета за нечиста седум дена, а уште триесет и три дена таа воопшто не смеела да дојде во допир со ништо свето, ниту, пак, да го посети храмот. Пресвета Богородица, која немала потреба од очистување, бидејќи преку девственото зачнување и раѓање ја осветила својата утроба, заради искупувањето според законот, после навршувањето на четириесетте дена го посетила храмот и Го принесла својот Син пред Господа. Во тоа време, како што сведочи Евангелистот Лука, во Ерусалим живеел праведниот старец Симеон, кому му било ветено дека нема да ја види смртта сè додека во своите раце не Го прими Спасителот на светот. Воден од Светиот Дух тој влегол во храмот, токму во мигот кога Пресвета Богородица Го донела Младенецот Христос за да Го принесе пред Господа. Тогаш св. Симеон ја изрекол познатата фраза „Сега го отпушташ својот раб со мир Владико… “ и пророштво дека нејзиниот Син ќе биде „за паѓање и подигање на мнозина во Израилот и знак против Кого ќе се говори. А и на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца“ (Лука, 2, 34 – 35).
Празникот Сретение Христово влегува во бројот на 12 – те Големи празници, но не Господови, туку Богородични празници. На тоа укажува и неговото обележје дека ако се падне во недела, тогаш воскресната служба не се заменува со службата на празникот, што е карактеристично за Господовите празници, туку се пее заедно со неа. Овој празник има еден ден претпразненство и седум дена попразненство.
Празникот Сретение започнал да се слави во Ерусалим и тоа кон крајот на IV век, како „четириесеттиот ден после Богојавление“. Преданието вели дека се славел со огромна свеченост и „со најголема радост како за Пасха“. Значи во почетокот тој имал локално обележје, но подоцна, како што сведочат изворите, постепено се пренесувал по целата Црква. Според хронографот Теофан, овој празник бил прифатен во Цариград за време на Јустинијан, а во спомен на чудото кое таму се случило. Имено, болестите во Цариград и силниот земјотрес во Антиохија, направиле огромна штета. Но премилостивиот Бог му открил на еден праведен човек дека неволјите ќе престанат ако овој празник започне да се слави на тие простори. Така и се случило.
Најмногу проповеди на овој празник потекнуваат од Палестина. Есихиј презвитер ја напишал првата проповед и таа до денес е сочувана. Потоа проповеди напишале и Ерусалимските Патријарси Тимотеј и Софрониј, св. Кирил Александриски, Теодот еп. Анкирски, св. Амфилохиј Икониски, св. Методиј Патарски, св. Јован Златоуст, св. Кирил Ерусалимски, св. Григориј Чудотворец и св. Георгиј Никомидиски. Црковните песни и химни ги пишувале Патријарх Герман, монах Јован, Анатолиј, Андреј Пир, св. Андреј Критски и монах Косма.
Литургиското значење на празникот Сретение Христово
Празникот Сретение Христово не е едноставно празник кој се однесува само на Богочовекот Христос и објавува само еден настан од Божјиот Домострој за спасението на човекот, туку е и празник на човекот кој живее со Христа. Меѓу најзначајните личности, кои овој празник покрај Христос и Богородица ни ги претставува, се и старецот Симеон и пророчицата Ана. Самиот настан пренесува една силна порака, прави една нераскинлива врска меѓу овие личности, толку важни за нашето разбирање на празникот. Пред нас го имаме светиот Симеон, наречен праведен и исполнет со Дух Свети кој ја очекувал „утехата Израилева“, кој се удостоил да дојде во храмот за да Го пресретне Христа, да Го земе во своите раце, а бидејќи исполнет со сила одозгора, и да Го препознае како Богочовек преку дејството на Светиот Дух. И ние не правиме просто само спомен на неговата личност, туку покрај тоа, вдлабочувајќи се во зборовите кои евангелистот Лука ги напишал за неговиот карактер, се трудиме да извлечеме и една, пред сѐ, егзистенцијална порака.
Никој не може да Го сретне Бога ако нема духовни сили, ако не е воден од Светиот Дух, ако Он не му ги открие наднебесните таинства. Светиот Дух Кој сѐ движи, буди и раздвижува, го поткрепува секој наш чекор во стремежот да се соединиме со Него. Но за да се соединиме со Христа потребно е да извршиме соодветен егзистенцијален чекор – преобразба на нашиот внатрешен живот. Нашето спасение зависи од нашиот однос со Христа, од тоа како ние се подготвуваме за средба со Христа. А средбата со Него не е сетилна, туку вистинска морална и духовна преобразба на човечката личност. Не случајно Црквата востановила на Вечерната богослужба да се пее онаа величествена фраза што ја изрекол старецот Симеон во мигот кога во своите раце Го држел Богочовекот Христос: „Сега го отпушташ својот раб со мир Владико, според зборовите Твои…“. Оваа фраза сите нас нѐ повикува да стекнеме мир со Бога и ближните, мир во помислите, да го стекнеме мирот кој го израмнува патот до средбата со Богочовекот Христос, мирот кој ја доживува својата полнота во мигот на таа средба. А таа средба се извршува за време на Божествената Литургија, кога нашата природа се причестува со Христовата Богочовечка природа.
Боговдахновеното пророштво на праведниот старец Симеон, дека меч ќе ја прободе душата на Богородица и дека ќе се откријат мислите на многу срца, во целост се исполнило под Крстот на нејзиниот Син. Страдањата на Спасителот, преку различното расположение на апостолите ги откриваат и сите наши внатрешни расположенија. Петар, претходно ревносен, сега се одрекува од Него, учениците Го напуштаат, Јован останува и плаче под Крстот, Јуда се предава на сатаната. И целиот живот на Црквата го повторува ова пророштво: едни се спасуваат останувајќи во нејзините прегратки, други ја одрекуваат нејзината спасителна димензија.
Празнувајќи го настанот на Сретението Христово и внесувајќи ја неговата символика во нашите животи, се наоѓаме и пред уште една таинствена цел: да сѐ подготвиме за средба со Воскреснатиот Христос. На Воскресението му претходи Великиот Пост, кој секогаш календарски стои во близина со Сретението. А постот е време кога сите ние имаме прилика да направиме макар и најмала преобразба на нашиот внатрешен човек, кој заробен од гревот се буни против законот Христов. Пред нас се наоѓа една прекрасна патека, чијшто крај води до празниот гроб Христов. И доколку се потрудиме да принесеме и најмал труд во духовниот раст и напредок во добродетелите, ќе станеме сместувалиште на Светиот Дух, со Чијашто благодатна поткрепа, како духовни атлети, а по молитвите на Пресвета Богородица ќе стигнеме до крајот на таа патека. А таму, нѐ очекува секогаш радосната вест дека „Он не е овде, но воскресна“.