Историјата на «василопитата» доаѓа според еден настан, кој се случил во IV век по Христа во градот Кесарија Кападокиска, во Мала Азија. Во тоа време, свети Василиј Велики бил ѓакон на Црквата во градот Кесарија и живеел во единство со своите сограѓани, со љубов, разбирање и помагање еден на друг.
Еден ден, кога Јулијан Отстапникот, нечесен цар и гонител на Христијаните, сакал да оди за Персија и да војува со Сасанидите, тој поминал близу Кесарија. Тогаш свети Василиј, кој добро го познавал, бидејќи биле соученици во Атина, излегол заедно со народот да го пречека и почести. Јулијан побара дарови, очекувајќи злато и скапоцености. Но, светиот немал ништо друго, освен три леба од јачмен, кои му ги принел на злобниот цар. Треба да се знае дека тој не принесол скапоцености, затоа што не сакал да даде нешто повредно, туку бидејќи мнозинството на жители во Кесарија било навистина сиромашно. Кога го видел тоа, Јулијан им наредил на своите слуги да соберат трева од ливадата и да му ја дадат на ѓаконот Василиј за возврат. Тогаш светиот праведно му одговорил на Јулијан: Ние, цару, откако ни побара, ти принесовме од нашата храна, па и ти, очигледно, ни возврати од тоа што и самиот го јадеш. Кога ги слушнал овие зборови, Јулијан многу се налутил и ветил дека кога ќе извојува победа во Персија, ќе се врати во Кесарија, ќе го запали градот и ќе ги пороби неговите жители, а Василиј ќе го награди со иста мера.
Поради тоа, св. Василиј побарал од народот да го соберат сето злато што го имаат и да го зачуваат некаде, за да му го дадат на среброљубивиот Јулијан кога ќе се врати, па така, можеби, да го намалат неговиот гнев. Исто така, светиот им наложи на Христијаните да постат и да се молат, додека не се врати Јулијан.

За време на богослужбата, светиот имал небесно видение: Пресветата Мајка Божја, носена на ангелски престоли, нареди да го повикаат маченикот Меркуриј и го испратил со војска од ангели против Јулијан, непријателот на нејзиниот Син. Тогаш го видел и свети Меркуриј, вооружен и јавнат на коњ, како заедно со ангелските војски, тргнал против безумниот цар и го убил со своето копје. Освестувајќи се од ова видение, свети Василиј, во придружба на неколку клирици, побрза во храмот на свети Меркуриј, кој сто години пред тоа имал пострадано во Кападокија и видел дека од храмот биле исчезнати неговите мошти и копјето, кои таму се чуваа. Подоцна дошле во градот вести дека Јулијан е убиен. Всушност, тоа што го видел великиот Василиј, било токму тоа, што во истиот миг, навистина се случило на едно место недалеку од Кесарија.
Така се спасил градот Кесарија. Но, тогаш светиВасилиј се нашол во многу тешка положба. Требало да го подели златото, кое граѓаните го собрале, за да се избават од гневот на Јулијан, но таа поделба да е праведна, односно, секој да си го добие своето. Се помолил светителот и Бог го просветил што да направи. Тој ги повикал своите ѓакони и помошници и им рекол да замесат лебови и во секој леб да стават по малку од златните предмети. Кога лебовите биле готови, епископот ги поделил како благослов на сите жители на градот Кесарија. Во почетокот сите се зачудиле, а потоа нивното изненадување станало уште поголемо: кога секое семејство го пресекло лебот, во него нашло скапоцености, но не било кои, туку токму оние што му ги имале дадено на својот епископ.
Така значи, со тогашната «василопита», свети Василиј им донел и благослов на луѓето и радост заради избавувањето. Оттогаш и ние, на денот на свети Василиј, 1 јануари, месиме василопита и внатре ставаме паричка, во спомен на чудото, кое се случило во Кесарија.











