Сретение Господово – средба со Бога и со себеси

Денес доаѓа Господ да го сретне човекот. Всушност, Господ не е скриен некаде, на некое непознато место, па сега одлучи да дојде, да го сретне човекот, бидејќи Он е секаде присутен и секогаш присутен. Но што всушност се случува? Господ се самопонижува Себеси, Се смирува, Се покажува како човек, сѐ прави за човекот да сфати, и да увиди што Господ бара од него. Доаѓа да го сретне човекот, за човекот прв да посака и да направи сѐ за да Го сретне Бога. А зошто луѓето бегаат од Бога? Зошто се кријат од Него? – Затоа што средбата со Бога е средба и со самите себе. Не можеме да Го сретнеме Бога, без да се сретнеме со себе, и обратно, не можеме да се сретнеме со себе, без да се сретнеме со Бога. Бог за нас е најчестото огледало, во кого секого од нас, гледајќи во Него, се огледува себе си каков што е. Бидејќи ние сме создадени по образ Божји. Можеби повеќе стравот да се сретнеме со себе, не спречува да Го побараме и да Го сретнеме Бога.

Средбата на Мојсеј со Бога на Синај, го направи и самиот да стане светлина, оти Бог е светлина. Кога Мојсеј слегуваше од гората, го покриваше своето лице за да можат Израилците да го гледаат, оти лицето му светеше со силна светлина. Така и ние, колку повеќе се среќаваме со живиот Бог, Отецот на светлините, толку се очистуваме себеси преку самоспознанието и постануваме светлина. Господ Христос за таа светлина ни зборува, велејќи: „Вие сте светлината на светот…“

Сите ја имаме скапоцената можност и прилика да се среќаваме со Бога Живиот уште овде на земјата. Таа средба се остварува во Таинството на Светата Причест, заедничарејќи со Него, преку неговото Тело и Крв. И колку поголема и посуштинска е подготовката за таа средба, толку поголем е нашиот удел и залог за големата и целосна средба во вечноста.

Во нашата Свештена Обител на вечерното бдение и утрово на светата Литургија началствуваше нашиот најсакан Старец и татко во Христа, Епископ Антаниски г. Партениј, во присуство и на сестринството од нашиот метох, заедно со многу Христијани. Сите застанати на средба со Бога, Животот наш.