КАРАКТЕРНИ ОПАСНОСТИ во интерперсоналните односи

Проф. д-р Методи Чепреганов, специјалист по невропсихијатрија и епилептологија

  1. Хипертрофија на егото (со две тешки карактерни особини ИНАЕТ и СУЕТА), кои сеат од личноста: злоба, омраза, завист, љубомора, деструкција, параноја, со таква личност нема разговор, таа знае сѐ и што било да кажете за нив е деструктивно, капитулантско, десператно и инфаустно. Во секојдневниот живот тие се главните креатори,  и  подгревачи, на најголемата  опасност на иднината за секој од нас во ЕКОЛОГИЈАТА НА ДУХОТ – во НАШИТЕ ИНТЕРПЕРСОНАЛНИ ОДНОСИ, поточно проблемот на агресијата односно моќта  на човековиот деструктивен инстинкт (нагон), од нас и врз нас самите. Како ја дефинира невронауката агресијата: Агресијата е интелектуална немоќ за справување со соговорникот, таа е знак на отсуство на знаење, немање ментален капацитет и концентрација, култура на комуницирање и однос кон дијалогот во меѓучовечките односи. Во најширока смисла на зборот АГРЕСИЈА е начин на однесување, начин на размислување и дејствување со силен непријателски набој кон соговорникот, секогаш ДЕСТРУКТИВНО.
  2. Малигна нарцисоидност  означува човечки деструктивни нагони, извршување на задоволство од суета, егоистичен восхит на сопствените физички или ментални атрибути, кои се експримираат со арогантност и гордост. Таквата личност живее за конфликти и се храни со конфликти. Конфликтуозните состојби што ги креира самата и режира, се нејзина насушна и душевна храна. Особините на нарцисоидната личност се именуваат со гордост и тврдоглавост, интолерантност, заробеност во егото, заробеност на умот. Никогаш не покажуваат желба и склоност за разбирање во интерперсоналните односи, за меѓусебно договарање, за почит, за емпатија. Малигно нарцисоидната личност никогаш нема чувство за вина, туку обратно во секоја  конфликтна ситуација, таа умее да ја обвини секогаш другата страна и МНОГУ СВИРЕПО СЕ ОДМАЗДУВА. Сепак, во секојдневното живеење многу позастрашувачка е ГРУПНАТА НАРЦИСОИДНОСТ, која создава еден многу опасен феномен на солидарност и кохезија на една одредена група или популација, „созреаната група“ e многу лесна за  манипулација и злоупотреба, ништо не може да ја стопира, особено кога ќе се појави и градација, фанатичност и фанатизам, како еден од најкарактеристичните квалитети на групната нарцисоидност.

ПОУКА :

Во нашето  секојдневно постоење : УМОТ ЦАРУВА, А МОЌТА И СНАГАТА ТРУЛАТ, тоа е енграмот на енергијата  на најмоќната  промена низ цивилизациските психоемотивни и интелектуални  основи и смислата  на животот: да живееш и да  постоиш значи да учиш, да работиш, да твориш, да креираш, да создаваш, да умееш, да почитуваш, да те  краси емпатија, флексибилност  и толерантност, значи да имаш изграден  свој психопрофил со богат резервоар на знаења и инкорпорирани норми во совеста на сопственото его.

Во чест и за молитвен спомен на Проф. д-р Методи Чепреганов, долгогодишен пријател на Свештената Бигорска Обител, кој денес си замина од овој свет. Царство му Небесно и нека добриот наш Христос ја всели неговата богољубива душа во ангелските обители.

Превземено од: Неуромедика.мк