Не е тешко…

Чинот на простување, се случува во нашиот ум, во нашата свест. Тоа нема врска со другата личност.

Луси Хеј

Во овие времиња сме повторно сведоци на уште едно искушение. Претходното уште не заминало, ова другото започна. Јас, лично, немам друг израз како ова да го наречам, освен жално и мизерно, но, како и за претходното, така и за ова, Господ Бог нема да ги остави своите чеда сами. А, Негови чеда сме сите ние…

Дали ние самите, ќе се оставиме сами? Дали ние самите повторно и повторно ќе нурнеме во сопствената мизерија и нечовечност?

Дали ќе ги изгубиме нашите души?

Душата се претставува и се појавува пред Бога. Таква каква што ќе се најде во нашиот последен миг, таква каква што ќе си ја оставиме и дотераме самите. Натоварена со сè она што сме си го носеле и натовариле самите. Целосно гола пред Христос ќе излезе. Со невидливиот резервоар што си го носиме од нашето раѓање: полн или празен, наполнет со добро или зло, доволен или недоволен, примерен или непримерен, искористен или воопшто некорисен, безвреден…


Од тој момент, тешко дека има назад, таа голотија не може да се покрие. Тоа не е срамна голотија, тоа е тешка голотија, вистинска голотија.

Ќе Го видиме Христос, Кој во рацете има подготвено бели, златни, небесни рува за нас, за да нè облече, за да нè покрие, за да нè дотера, за да нè стопли, за да нè прибере… Но, како ќе го стори тоа, ако ние не сакаме да разбереме дека сме вистина голи, дека сме разоткриени, дека сме замрзнати, дека ни студи, дека не сме чисти за новото руво, дека не сме порачале, не сме кликнале за нови одежди? Ако воопшто тогаш не Го познаеме Него, ако не го препознаеме лицето Негово…

Е, тогаш ќе се сетиме на ѕидините Ерусалимски и на портите црковни; тогаш ќе се сетиме дека не било тешко; тогаш ќе се сетиме на братот свој и на ближните свои; тогаш ќе се сетиме на нас самите и на нашето, на сопственото.

Да живееме по заповедите Господови, да живееме и да работиме по законот, да учиме по веронауката а не по етиката човечка, да ја следиме Црквата и да тропнеме на нејзините порти; да сме заедно со братот и со ближниот, да правиме сè со послушание и со благослов.

Чисто срце да создадеме, со чиста промисла, душата да си ја исчистиме од лоши мисли, лоши зборови, лоши дела…

Колку што мислиме дека сме подотерани, пред Него ќе бидеме поразголени. Тој нема да нè остави. Но, да ги избегнеме и да не ги предизвикуваме овие и ваквите искушенија, затоа што сè е од нашите гревови. Ние сме за гревови…

Да се молиме. Да не забораваме на молитвата. Па и да ни е допуштено некое зло, тоа помало и полесно да биде. Да се молиме…

Да простуваме, прошка да бараме. Не е тешко. Не е тешко, затоа што со барањето прошка и со простувањето, вистината ја бараме, вистината ја даваме, а вистината е во Воскресението.

Не е тешко, бидејќи Воскреснатиот ќе биде пред нас…

Проштевајте.