Кога би тргнал и по долината на смртна сенка, нема да се исплашам, зашто Ти си со мене.
Псалм 22,4
Стравот, вели Св. Јован Лествичник, е пород на суета и ќерка на неверието, во смисла, отсуство на вера во исчекување на ненадејна несреќа. Стравот е опасност на којашто се мисли уште пред таа да настане. Или, повторно: „стравот е трепетно чувство на срцето, кое трепери заради извесни можни настани“ – Св. Јован Лествичник.
Надмената душа е роб на страшливоста, зашто се надева само на себеси: се плаши од секој шум, од секоја сенка, од секој пораз. Нема пострашно од стравот; стравот е суета; стравот не си ти. Не си ти оној кој се плаши, ниту оној кој се вознемирува. Не си ти оној кој трепери и полудува, туку тоа се маските што си ги натоварил врз себе, а тие сакаат да те запостават и измамат. Претставувајќи се за нешто што не си, ставаш маска, одбираш костим и тргнуваш на пат. Среќаваш луѓе и кога се запознаваш, им велиш: „ова сум јас“, а не си. Тргни го умот од лагата, тогаш ќе видиш дека ти никогаш не си покажал страв; Стравот не ти припаѓа тебе, а на твоите улоги. Не е твој, тој е одговор на лагата што ја живееш. Тогаш, чуму ти е? Тоа не си ти, но, пак, ако се плашиш, тогаш, спомни си дека си умрел, уште пред да умреш, бидејќи љубовта Христова нѐ гони да го мислиме ова: „Кога еден умрел за сите, тогаш сите се умрени“. Но, Он умрел за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, туку за Оној Кој умре за нив, ама и воскресна. (Сп. 2. Кор. 5, 14-15).
Човечки е да се плашиш, но тоа може да биде и контролиран страв. Христос, за јасно да ги пројави својствата на двете природи, Божјата и човечката, се плаши од смртта како човек, но не очајува, т.е. не се подава на афектот на стравот и ужасот. Човек, кој не се надева на Бога, се плаши. Човекот ја гледа смртта насекаде и собира „смртоносен отров“ кој може да го преработи во серум и да го употреби токму против неа – против смртта. Затоа, светите отци за најефикасен лек за стравот го сметаат „сеќавањето на смртта“.
Духот, кој живее во тебе не знае за страв, немир и грижи, оти е Дар Божји исполнет со радост и светлина. Каква светлина? Интуитивно прекрасна – самата по себе прекрасна. Сѐ друго во материјалниот свет не е само по себе прекрасно, необјективно, туку низ некоја од човекот придодадена „интелектуална задоволивост“. Само Духот Животен исполнет со светлина, која го чини прекрасно сето видимо, е самиот по себе прекрасен, настрана од секакво расчленување, настрана од секаква форма.
Стравот кој го плаши човекот и ризикот кој би го убил човекот, се две различни нешта. Како што калајот се разликува од среброто, иако навидум личи на сребро, така и разликата, меѓу реалниот (природниот) страв и противприродниот (ирационалниот) страв, треба да е јасна и очигледна за оние што умеат да расудуваат. Да ги споредиме, на пример, бактериите кои се опасни и што ги има во сечија кујна и, на пример, сигурноста на јажето на кое сме врзани при качување на карпи. Првите, бактериите, иако се поопасни по животот, ама само затоа што сме навикнале да живееме со нив не нѐ заплашуваат, за разлика од мислата која нѐ преплашува: „што ако се скине јажето“, што реално многу ретко се случува. И само затоа што не сме доволно информирани за качувањето и не знаеме дека јажето е сигурно – се плашиме. Од друга страна, ризикот кој можеш да го контролираш многу помалку загрижува, од ризикот кој е надвор од твоја контрола. Ние не можеме во целост да знаеме дали ќе се скине јажето, ама можеме да имаме контрола врз кујната и да ја исчистиме.
Понатаму, луѓето многу повеќе се плашат од краткорочна отколку од долгорочна опасност, оти се навикнале на неа. Веројатноста некој да биде убиен во терористички напад или да умре од некаква зараза, на пример, е далеку помала, од можноста истата личност, доколку јади fatty food и пуши цигари, да умри од срцева болест. Ама терористичкиот напад и коронавирусот се случуваат сега, во моментов, а умирачката од срцева болест е од дистанца, на подолг рок. Терористичкиот напад и коронавирусот се надвор од наша контрола, а цигарите и пржените компирчиња – не, оти ги контролираме. Значи повторно „control factor“ е првозначаен за факторот на ризик.
Има уште еден значаен фактор „dread factor“, којшто произлегува од стравот дека нешто навистина ќе се случи или може да се случи. Тука има и еден парадокс на стравот со реалната опасност. Имено, кога опасноста навистина е голема, ама стравот е мал, луѓето помалку реагираат и ја занемаруваат опасноста. Меѓутоа, кога реалната опасност е мала, но стравот е голем, луѓето премногу реагираат. Во качувањето на карпи, на пример, при спортско качување, опасноста нешто да се случи е многу поголема во првите метри над земјата, отколку да речеме над 50 метри од неа. Друг пример, многу луѓе се преплашени од короната, бескрајно повеќе отколку од загадениот воздух кој реално повеќе ги убива луѓето – оти е тивок убиец, но короната ја сметаат за „посмртоносна“, бидејќи катаден ја трубат по телевизии, а, воедно, со тоа сеат страв.
Луѓето сме слаби, живееме во страв и често се плашиме од својата сопствена сенка, но оној кој станал слуга Господов само од својот Господ се бои. Стравот, исто така, се победува со искуство, но сепак, потребно да го предизвикаме тој опит. Светите отци велат дека совршеното сеќавање на смртта е слободно од страв. Човек ревнител усрдно ќе го испита тоа. Оној кој ќе го открие тоа со свое лично искуство, бескрајно ќе се радува на таа дејствителна сила. Накрај, и сеќавањето на сегдеприсутниот Бог го ослободува човека од стравот – според реченото: „Секогаш Го гледав пред себе Господа, зашто Он е од мојата десна страна“ (Пс. 18, 8).
Слава Му Нему.