Вечно живиот Свети Георгиј Победоносец

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, на вечерната богослужба во чест на Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во бигорскиот метох во Рајчица, изговорено на 5 мај 2023 лето Спасителово


Чесни отци,

Драги браќа монаси и сестри монахињи,

Возљубени присутни,

Најнапред им благодарам на архимандритите отец Матеј и отец Херувим од Црквата на Грција, што направија толкава жртва и допатуваа овде, за да го прославиме заедно големиот сведок Христов, Светиот и славен Великомаченик Георгиј Победоносец. Празнувањето на неговиот спомен за нас ќе трае три дена, почнувајќи од вечерва, а завршувајќи во Струга, со традиционалната литија низ градот со неговите свети мошти и со неговата чудотворна икона.

Мислам дека сите овде присутни почувствувавме длабоко умиление кога отец Херувим, со својот прекрасен глас, толку трогателно ја испеа стихирата што Отците предвиделе уште еднаш да се испее вечерва, при оддадението на Неделата на мироносиците. Имено, знаете дека според пасхалниот календар минатава седмица беше посветена на жените Мироносици, како и на Јосиф Ариматеецот и Никодим – главните личности кои го извршија сечесното погребение на Христа. Некој од вас можеби ќе се сети дека на Велики Петок, кога на вечерната богослужба литургиски се извршува погребението Христово, додека светата Плаштаница со телото Исусово се изнесува од светиот олтар и се полага во украсениот цветен епитаф, се пее една чудесна поетска творба, сочинета на византискиот петти глас. Во оваа лирска песна, црковниот химнограф става трогателни зборови во устата на Јосиф и на Никодим, како тие самите да Му се обраќаат на Христа при прогребението. Вечерва отец Херувим, кој со толкава љубов и побожност ја испеа стихирата, повторно ме внесе во атмосферата на тој величествен и свештен ден, Велики Петок, во кој се случија страшни, големи и преславни дела за нашето спасение. Тие дела мистично се поврзани со сите Светии и со секого од нас поединечно. Оти, да не беше Велики Петок, не ќе беше ни Воскресението. Сега дозволете ми да ја прочитам оваа стихира, која со векови ја трогнува Црквата Божја, и која беше преведена на македонски јазик од неодамна блаженоупокоениот отец Јован Таковски:

„Тебе, Кој се облекуваш со светлина како со облека,
од Дрвото Те симна Јосиф со Никодим и гледајќи Те мртов,
гол и непогребан, од срце заплака и ридајќи, говореше:
„Тешко мене, најсладок мој Исусе, од Кого сонцето, гледајќи Те на крстот, во мрак се облече и земјата од страв се тресеше и се раздра црковната завеса;
но, ете, сега Те гледам Тебе, Кој заради мене прими смрт:
како да Те погребам, Боже мој, или со каква плаштаница да Те завиткам?
Со кои раце да се допрам до твоето нетлено тело?
Или која песна да запеам на Твоето заминување, Милостиве?
Ги величам страдањата Твои, го воспевам и Твоето погребение со Воскресението, извикувајќи:
Господи, слава Ти!“

Значи, денес Црквата повторно нè потсети на овие трепетни зборови од Велики Петок, на жените мироносици, на Јосиф и на Никодим, кои го извршија славното дело на Христовото погребение, но пред сѐ и над сѐ – нѐ потсетија на безграничната љубов и добрина Божји, жртвата што Синот и Словото Божјо ја поднесе за нас, страданијата Негови и најпосле на Воскресението, заради наше спасение.

Вечерва, пак, прославуваме еден голем Христов атлет, кој од страна на Црквата се здобил со епитетот Великомаченик и Победоносец. Тој е еден неприкосновен сведок на Крстот и на Воскресението Христово. Впрочем, сите светии, мили кои, се сведоци на крстот и Воскресението. Сите тие, носејќи го крстот на подвигот и на доброволните лишувања и страдања, станале соучесници во Крстот Христов, а потем и на Неговото Воскресение. И сите ние овде, секој од нас поединечно понесува по еден животен крст, односно во поголема или помала мера трпи страдање во овој живот. Господ Христос во Своето Евангелие ни се обраќа на сите нас: Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот (Јован 16,33).

Во личноста на Свети Георгиј можеме да видиме јасно и целосно исполнување на овие зборови. Тој, со својата вера во Воскресението ја привлекол и неговата сила, преку која го победил светот, го совладал стравот од смртта и достофално ги претрпел сите маки, бестрашно исповедајќи Го Христос Бог. Неговото страдање станало пример за многубројни сурови набљудувачи на неговите измачувања, така што многумина од нив и самите станале Христијани, а потоа и маченици. Познато е дека Римјаните, како и останатите стари народи биле толку свирепи и со закоравени срца, што за нив забава било да гледаат нечие измачување и погубување. Но многумина од тие присутни гледачи, преку благодатта што тогаш на Свети Георгиј му ја испраќал воскреснатиот Бог, целосно се преобразиле и станале Христијани. Меѓу нив била дури и царицата Александра, жената на императорот Диоклецијан, жестокиот мачител на Христијаните. Гледајќи го страданието на светиот Великомаченик, неговата решителност и љубов кон Христа, таа лично посакала да Го прими Христа и да се крсти, заедно со повеќемина свои слуги и други сведоци на мачеништвото. Накрај и тие славно пострадале за Христа, овенчувајќи се со маченички венец.

Да не беше, мили мои, Воскресението и верата во него, никој не би се решил на такво откажување од животот во овој свет. Верата во Воскреснатиот Христос, мистичното гледање на Неговото преслатко и пресветло лице во скришната одаја на срцето, копнежот по Него, му дале на Свети Георгиј сили да се одрече од сè од овој свет. А се одрекол, навистина, не од малку. Тој уште од младоста своја била накитен со бројни воени трофеи, овенчан со слава, чест и достоинство, со убавина и богатство. Меѓутоа, тој сите тие нешта ги презрел и ги сметал за ништо, наспроти воскреснатиот свој Бог, со Кого од мало дете имал присен однос во молитва и љубов. Неговото општење и другарување со Христа се одвивало длабоко во неговото срце и разум, невидливо за очите на светот. Иако бил римски воен трибун, никој не знаел дека тој по вера и по дух е токму меѓу оние што особено ги мразела и гонела римската држава. Но еднаш, кога при празнувањето на некој воен успех, според праксата и воениот трибун требало да им принесе жртва на боговите, да им се поклони на лажните идоли. Тогаш Свети Георгиј исповедал и пред царот и пред народот дека е Христијанин.

И каква чудесна благодат од воскреснатиот Бог! Иако императорот му нудел разноразни почести, богатства, слава, па дури и збор дека ќе го направи свој царски зет, Свети Георгиј сето тоа го отфрлил како ништожност, наспрема „преважното познание на Христа Исуса, својот Господ, поради Кого се одрече од сè, и сè сметаше за отпад, само за да Го придобие Христа (сп. Филип. 3,8). Токму преку верата во Воскресението. Таа е силата којашто сите нас нè држи да бидеме вистински Христијани. Се разбира, доколку сакаме и се трудиме да бидеме тоа. Затоа, да отфрлиме сè што нè одвлекува од Христа, Кој единствен ќе нè направи среќни, луѓе во целосна смисла на зборот. Оти, за да бидеш вистински Христијанин, треба најнапред да станеш човек според мерката Христова. Само оној кој живее и дејствува преку Него и со Него и во Него, може да биде наречен вистински, целосен човек, човек во Божествена смисла на зборот.

За жал, сведоци сме дека денес, во светот без Христа, човечкиот стремеж не е насочен нагоре, кон идниот век, туку оди ретроградно, кон суровоста, несострадателноста, обесчовечувањето. Се движи во мрак. Сите христијански идеали се веќе погазени. Моралните вредности исто така. И кои се, впрочем, тие морални вредности, тие принципи на слобода и на неповредување на другиот, за коишто зборуваат дури и моралистите во светот, макар и да не веруваат во Бога? Тоа се, несомнено, христијанските начела, вредностите што охристовените луѓе му ги подариле на светот. Во  времето пред Христа не би ни можеле да зборуваме за некакви универзални морални вредности. Имало само различни племенски критериуми и норми. Некои племиња, на пример, биле човекојадци; за нив било морално тоа да јадат други луѓе. За други било нормално да живеат во секаков разврат, да се забавуваат убивајќи луѓе, да уживаат во суровост и крв итн. Токму во еден таков паднат и душевно гнил свет дојде Христос и сотвори нов свет. Неговото топло и возвишено учење воспостави трајни и универзални морални вредности, прифатливи за сите. Го создаде, пред сѐ, топлото катче на љубовта, емпатијата и слободата – семејството, како една света тајна на љубовта, довербата и себепредавањето меѓу еден маж и една жена. Така настана новиот христијански свет. И уште повозвишено, Христос го востанови и рамноангелскиот живот на земјата, кој го избирале безбројни монаси во текот на овие две илјади години.

Денешниот наш славеник, Светиот Победоносец, се вбројува во Христовите маченици, во оние кои Го посведочиле Христа и ја наследиле вечноста со најскапоценото нешто – со својата сопствена крв, со животот. Но знаеле дека не овој земскиот, туку вечниот живот е конечната дестинација за која сме создадени, бидејќи тој е нашата вистинска постојба, нашето неминливо суштествување, во слава и ликување. Монасите, пак, имајќи маченичка совест, сведочат за Христа со духовната крв. Добро позната е светоотечката аскетска изрека: „Дај крв да примиш дух“.

Мили мои, сите ние, монаси и мирјани, сме повикани да Го сведочиме Христа распнатиот и воскреснатиот. За да Го сведочиме, пак, неопходно е најнапред да изградиме со Него еден вистински љубовен однос, како кон татко, како кон брат, како кон наш најголем добротвор, Кому должиме сè што имаме, бидејќи и животот наш ни дар е од Него. Сè ни дава Он оти премногу нè љуби. Дури и тогаш кога се оддалечуваме од Него, кога грешиме, кога забораваме на Него, Он е тука за да ни помогне. Колку е полезно човек да живее со благодарност поради сето она што Богочовекот го направи за нас! Ете, стихирита вечерва нè потсети на Велики Петок на крстната жртва на Синот Божји. Но не само вечерва, туку и во текот на целиот живот Црквата нè потсетува на големите, свети и спасителни настани од животот на нашиот Господ. Затоа ни одредила пост секои среда и петок, како би се сеќавале на предавството, страдањата и распетието на Христа, за – не дај Боже! – да не се вброиме меѓу оние што Го предадоа и распнаа. Доколку постојано се сеќаваме на спасителните настани и на љубовната жртва на Христа, а не само еднаш годишно – во Великата седмица пред Велигден, тогаш сигурно ќе станеме уште подобри. И обратно, залудно постиме секои среда и петок, ако сме бесчуствителни и немилосрдни кон нашите со-луѓе. А за жал, гледаме дека таквата појава е често присутна во Црквата.

Си спомнавме, значи, додека отец Херувим ја пееше прекрасната стихира од Велики Петок, за Сесветиот Гроб, за тој празен Гроб – живоносец. Си спомнавме и за тоа како човекот Му возврати на Бога, како созданието Го распна својот Создател. Нешто навистина несфатливо, просто запрепастувачко. Не можеле мудрите луѓе од тоа време, кои имале големи сознанија за Бога, за Словото Божјо, да сфатат како е можно Бог да стане човек и да пострада од Своето Сопствено создание; како е можно луѓето да го распнат Синот Божји. Затоа Апостолот Павле вели дека Христос распнатиот, Кој е за Јудејците соблазна, а за Елините безумство; за повиканите, пак, како Јудејци, така и Елини, Христос Божја сила и Божја мудрост (1. Кор. 1,23-24). Он е Тој Кој го спаси човештвото, Он е единственото ново под Сонцето. И единствено Он има толку многу сведоци во текот на човечката историја, од Неговото воскресение па до денес. Еден од најголемите меѓу нив е и нашиот мил Свети Георгиј, сенародно возљубен светец, славен и на Исток и на Запад, чествуван во многу светилишта, а еве, чествуван и во оваа наша светиња во Рајчица. Ви благодарам уште еднаш на сите што дојдовте тука, во овој манастир, кој самиот по себе е едно чудо на Свети Георгиј. Можеби ќе треба да потсетам, зашто гледам дека луѓето брзо забораваат а некои и не знаат каков беше овој манастир пред нешто повеќе од дваесетина години. Сосема заборавен и запоставен. Човек не влегуваше во него. Конакот беше всушност една до полу разурната штала од плитар. Но, по благословот и моќното застапништво на Свети Георгиј, и со трудот и заложбите на овие духовни херои – монахињите, сведоци на Христа со духовна крв, тој беше од темел возобнови и надограден, како што, впрочем, гледаме сега сите.

Да го земеме, мили мои, за свој пример Светиот Великомаченик Георгиј и да станеме, пред сè, подобри луѓе. Многу ни недостасува најнапред тоа. А потоа и добри Христијани.

Христос воскресе!