Споменот на Свети Георгиј во Рајчица

Ликувајќи сè уште со неминливата радост на Воскресението, денес празнуваме уште еден славен сведок на вечната победа над смртта, која тој со својата маченичка смрт за Христа уште еднаш блескаво ја потврди. За нас верните нема поголем сведок на воскресението од оној кој и ден денес триумфално доаѓа на помош на бедните, поразените, несреќните, заробените од гревовното зло за да им ја даде победата во Христа. Затоа неслучајно светата Црква го одбрала торжествениот период на Воскресението за спомен на овој славен Великомаченик и чудотворец. Но како достојно да го прославиме овој ангелоподобен храбар Христов воин? Каква венец на пофалба да му исплетеме на пречистото пролетно цвеќе што посечено беше затоа што премногу Го возљуби Христа? Блескајќи со добродетелен живот уште од млади години, тој богомудро го презре гревот и желбата за световни наслади, ги отфрли како ѓубре сите примамливи предлози на суетниот свет, не ја пожали ни младоста ни својот живот, туку храбро, како што одеше на јуриш за земниот цар, потрча кон мачеништво и страдања за Царот на Небесата. И никакви маки не можеа да ја уплашат и скршат неговата млада, но во Христа силно вљубена душа. Одејќи на губилиште како да одеше на веселба, зашто Оној Кој го удостои да пострада за Него, му даде власт да го победува злото. Затоа и денес со своите смели молитви пред Бога Воскреснатиот, нè ослободува нас кои го славиме неговото свето име, од трикратното ропство на страстите, неверието и смртта.

Рајчичката света Обител што со неопислива радост и нетрпение го чека мигот за да се поклони на споменот на својот возљубен закрилник и патрон, денес ги отвора ширум своите врати за да ги пречека и прими во своите прегратки придојдените од сите страни кои како непресушни реки се влеваат во сеопштата монашка веселба. Нема кој не слушнал за храбриот подвиг на Победоносецот и не ја сетил на себе неговата чудотворна сила. Не постои верник кој не нашол во неговиот свет живот пример за секојдневната духовна борба со гревовниот тиранин и постојаното исповедање на љубовта кон Христа. А колку повеќе, пак, монашкото сестринство што си најде гнездо во неговиот свет дом и постојано се крепи од неговите силни молитви кон Бога. Сега собрани околу својот сакан Старец, епископот Антаниски Партениј, кој го измоли од св. Георгиј воскресението на Рајчичкото светилиште, ги принесуваат скромно низ молитва и своите благодарни срца, излевајќи умилно стиховни похвали за Великомаченикот: Дојдете, верни, собрани, дојдете да празнуваме, оти денес е споменот на страдалникот Георгиј, кој невидливо ги просветлува нашите срца, светлејќи со довродетели. Затоа, пеејќи еднодушно, да речеме: Радувај се, воину на великиот Цар Христа! Радувај се, пресветла пофалбо на верата! Радувај се, ти кој си светол и пребогат! Моли Го за нас Господарот на сите – Христа Бога, да бидеме запазени од искушенија на лукавиот, блажени, и да ги спаси душите наши.

Оваа благодатната вечерна богослужба беше прекрасно крунисана со небесното пеење на нашиот драг гостин и пријател, архимандритот Херувим, особено со чудесната изведба на велипеточната стихира која таинствено ги пренесе сите во амбиентот на оние славни и страшни настани што го сменија засекогаш текот на човечката историја. Вдахновен од неа, и благодатно преселен во подножјето на Христовиот Крст каде што се изврши тајната на нашето спасение, нашиот владика Партениј ја надополни чашата на слаткото духовно питие со просветлена беседа за Хистовата жртва и за Неговиот славниот сведок на Воскресението, големиот Победоносец Георгиј, чиешто исповедништво со маченичка крв треба да биде и наш постојан поттик за пролевање на духовна крв низ подвигот на пожртвуваната љубов кон ближниот.