Литургиски блесок во спомен на св. Георгиј

Како што по тивката, спокојна и ѕвездена вечер изгрева блескав сончев ден, така и преблагодатната вечерна богослужба се преточи следниот ден во невидено литургиско торжество озарено со небесната слава на Великомаченикот. Како и секогаш – рајчичкиот храм беше претесен да ги прими сите поклоници пристигнати да го чествуваат неговиот свет спомен. И како секогаш – благодатното присуство на Светиот можеше да се почувствува во секој миг од празничното таинство отслужено во негова чест. Нашите драги пријатели од Православната црква на Грција, архимандрит Матеј и архимандрит Херувим уште повеќе го збогатија и онака раскошното богослужение предводено од нашиот старец и владика, епископ Партениј. Литургиското заедничарење со нашите православни браќа секогаш го спушта благословот на Оној Кој рекол: Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив, затоа присутните верни не можеа а да не ги вкусат плодовите од таа сплотеност во Христовата љубов, умножени со молитвената поткрепа на Победоносецот Георгиј кој силно ги прегрна нивните од љубов разгорени души. 

Славен Великомаченику и Победоносче Георгие, непоколеблив сведоку на Христовото Воскресение, нас кои се трудиме да го следиме твојот свет пример, дај ни ја својата храброст и себезаборавачка љубов за да можеме подобно на тебе на секаде да Го сведочиме Распнатиот заради нас и Воскреснат во слава, Христа Животодавецот! Амин.