Струшката Еордија во најсјаен блесок

Традиционална струшка Еордија…

Торжествата кои сè уште го следат серадосното празненство на Воскресението Христово, со особено ликување ги радуваат срцата на Христијаните не само од земјава, туку и од подалеку. Така, и оваа година традиционалната струшка Еордија, која веќе прерасна во сенароден настан кој собира огромно множество верни, восхитувајќи ги и сплотувајќи ги во еден дух и во една мисла, му оддаде благодарност и почит на големите светињи – моштите на Светиот Георгиј Победоносец од манастирот во Рајчица, неговата древна чудотворна икона, како и Крнинскиот образ на Мајката Божја. Како ниедна година досега, десетици илјади луѓе стоеја на улиците, тротоарите и плоштадите, следејќи ја раскошната литија, составена од Христовите свештенослужители, монасите, псалтите, бигорската мијачка гарда, знаменосците, Градскиот дувачки оркестар на Скопје и младите облечени во народни носии. За возврат, пак, сите добиваа обилен благослов од Мајката Божја и од Победоносецот, кои ги озаруваа нивните срца со вишен благослов.

Празничната вечерна богослужба беше отслужена од страна на нашиот почитуван Митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, од возљубениот ни Старец епископот Антаниски, г. Партениј, а на наша особена радост, учество во вчерашното празнување во Струга за прв пат зеде и архиереј од Вселенската Патријаршија, Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, кој допатува на покана од владиката Тимотеј, за да биде негов почесен гостин.

Дворот на струшкиот храм посветен на Светиот Георгиј, каде што заедно со светите архиереи богослужеше и голем дел од свештенството на Дебарско-кичевската епархија, беше преисполнет со огромен број верници, кои со нескриена радост се присоединија кон молитвената поворка за да го чествуваат чудесниот и народно омилен Светец Божји и да го испросат неговиот моќен благослов.

Беше радост да се види како благочестивите Илија Ѓоргиевски, Сашо Донев, Расте Талевски и Гоце Симјановски, достоинствено го издигнаа цветниот епитаф со моштите на Победоносецот, кој го благословуваше градот Струга, а побожните Николче Јованоски, Зоран Јованоски, Горан Стојкоски и Горан Танески на своите раце со голема љубов ја носеа Пречистанската икона на Пресвета Богородица – Крнинска. Не помал подвиг направија и Бојан Стојановски, Владо Затаркоски, Стефан Андоновски и Арсениј Карамитревски, кои врз своите рамена ја поставија чудотворната византиска икона на Свети Георгиј, та сите заедно, следени од десетиците илјади народ, со посебен трепет чекореа по предвиденото шествие.

Торжествата, пак, продолжија до самиот крај на овој настан, кога во дворот на храмот на Победоносецот, со специјално изготвена културна програма се претстави хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, како и културно-уметничкото друштво „Бисер“ од истиот град.

Огромна е нашата благодарност и кон организациониот одбор на струшката Еордија, особено кон старешината на храмот Свети Георгиј, отец Васко Голабоски, како и кон сите стружани кои несебично се обединуваат, за да го издигнат и разубават овој сенароден настан.

Посебна благодарност должиме и кон благословениот тим на фотографи и сниматели, кои несебично се потрудија да го документираат и овековечат ова несекојдневно блескаво собитие: Стојан Стојановски, Дарко Цветаноски, Димитар Бирачоски, Влатко Василески, Перо Рајчиноски, Александар Менкиноски и Дејан Донески.

Нека милостивиот и воскреснат Бог го прими овој подвиг за благослов и духовна поткрепа на целиот православен род, та во иднина да можеме во уште поголем сјај и торжества да ја славиме величествената струшка Еордија, која го направи градот Струга препознатлив во целиот свет.