Велигденски концерт во Кичево

Животворните зраци на Христовата победа над смртта одново ја озаруваат вселената. Веста дека Христос Воскресна денес повторно ги топли и радува сите луѓе и Божествената сила која се излеа од празниот Гроб во Ерусалим и ја објави насекаде победата на животот, како светлоносен факел ги обзема душите и ја разгорува кај сите искрата на верата, надежта и љубовта.

Среде тоа пасхално ликување, на голема радост за кичевчани, втора година по ред, во просториите на Центарот за Култура на Кичево, вчера се одржа Велигденскиот концерт, во организација на Здружението на млади за заштита на народното и духовно наследство „Митрополит Козма Пречистански“.

На свеченоста, покрај нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, присутни беа и градоначалникот на Кичево, г. Фатмир Дехари, претставници на општина Кичево, директорот на Центарот за Култура на град Кичево, г. Мазлам Османи, голем број на културни и образовни работници, свештенството при храмот свети Петар и Павле во Кичево, како и повеќе монаси и монахињи и голем број на кичевчани.

Серадосниот настан го отвори милозвучното пеење на членовите на хорот Митрополит Козма Пречистански, којшто е основан со благослов на многупочитуваниот Митрополит, г. Тимотеј, а по силни заложби на владиката Партениј. Овие ревносни млади души, кои зеле учество на повеќе културни настани низ земјава, неколку години мошне успешно ги пренесуваат моралните и етички вредности, и придобивките од христијанската цивилизација помеѓу сите генерации.

Речиси неизоставен дел од нивните настапи е и групата „Чалгии Мерак“, сочинета од Филип Михајловски, Оливер Настовски, Тони Арслан, Тасос Јоанну, кои сега беа збогатени со големото музичко искуство на Роберт Ангеловски и Драган Теодосиев. Тие, во изведбата на своите творби и овој пат беа предводени од маестро Петар Христов, кој е наш верен соработник и пријател.

Особена радост предизвика емотивниот настап на истакнатата пејачка на традиционални песни, Евгенија Здравевска, или Зарина Првасевда, чиј што умилен глас ги стопли душите на сите присутни. Таа запеа за радоста која народот ја чувствувал заради Воскресението Христово, пренесувајќи ни ја неговата вековна борба за истрајност во доброто.

Овој велигденски настан беше крунисан со благодарноста која се излеа од срцата на членовите на хорот Митрополит Козма Пречистански, кои обраќајќи се кон владиката Партениј, меѓу другото му рекоа:

„Мир да имате помеѓу вас и во вашите срца – нѐ поучува Христос. Така и вие, Старче наш највозљубен, нѐ учите секогаш да имаме мир меѓу нас, да се сакаме, да растеме и да ја шириме љубовта Христова која го воскреснува и преобразува овој свет. Сведоци сме дека Вие постојано нé учите да бидеме добри, да ги љубиме сите, дури и оние кои ни грешат и нè навредуваат, да се трудиме да Го спознаеме и сведочиме Христа, да живееме во хармонија, и на тој начин да ги пребродиме сите тешкотии и притисокот на новото време. Едноставно, како и апостолот Павле што ги учеше Христијаните во тоа време, така и Вие денес: ‘Да ги имаме истите мисли како Христос!’ Да се соединиме со Христа и да живееме со Христа“.

Старецот, пак, Епископ г. Партениј од своја страна се обрати пред присутните и меѓу другото, татковски им рече:

„Ете, мрак и рано е и зошто, Марија, стоиш во гробот со многу мрачни мисли во разумот, прашувајќи се каде беше положен Исус?“

Вака, мили мои, започнува една чудесна црковна химна што се пее на Света Пасха, пред свештеникот да излезе од олтарот со свеќите и благодатно да ја предаде на сиот народ светлината од Христовото Воскресение. Тоа е мигот пред да го запее воспевот „Дојдете примете светлост од невечерната Светлина“. Слушајќи ги прекрасните и созерцателни песнопенија, што со толку голема љубов и посветеност ги испеаја сега пред нас милозвучните гласови на овие светлообразни членови на хорот по источно православно пеење „Митрополит Козма Пречистански“, придружувани од хармоничните звуци на ансамблот „Чалгии Мерак“, се досетив на оваа мистична стихира и размислував како сите ние многупати во својот живот наликуваме на Марија Магдалина. Збунети сме пред тајната на Животот, пред триумфот над смртта, збунети сме како и апостолите од Воскресението на Учителот. И тие, вели Евангелистот Марко, кога чуја дека е Он жив и дека таа (Марија) Го видела, не поверуваа (Марко 16,11).

Но, одговорот на нивното неверие беше во празниот гроб, кого и самите потем го видоа. Наскоро, Самиот Он им се јави, откако најнапред ѝ се беше јавил на својата Мајка, а потоа и на Марија, разрешувајќи ги нејзините мрачни мисли. Се јави потоа и на Петар, кој три пати се откажа од Него, а се јави и на сите Свои пријатели. На третиот ден Он воскресна, сведочи Апостолот Павле и му се јави на Кифа и потоа на Дванаесетте; после им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа… потоа му се јави на Јаков, и потоа на сите апостоли,  а по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче (1. Кор. 15,4-8).

Он, мили мои, се јавува и денес во срцата на сите кои Го бараат, кои копнеат по Него. Он, трансцендентниот Бог, присутен е меѓу нас, дојде помеѓу нас преку Својата пречиста и пренепорочна Мајка, беше распнат и воскресна заради наше спасение и воздигнување кон Него. Пред Своето распетие и Воскресение, Он на Своите апостоли им рече: Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам…  Да не се плаши срцето ваше, ниту да страхува (Јован 14,27). Ова го спомнаа и децата од хорот во својата беседа на концертот. Господ Христос, значи, знаејќи дека на апостолите им е потребен, пред сè, внатрешниот мир, преку кого ќе ги успокојуваат душите на луѓето, им го даде Својот Божествен мир и потоа ги испрати на проповед во светот: Ова ви го реков за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; но не плашете се, зашто Јас го победив светот (Јован 16,33).

Мислам дека е добро сите да размислуваме за ова. Христос е единствениот Кој може на човекот да му го даде тој толку потребен мир, по кого нашите души силно чезнеат. Неопходно е човек да го стекне Божјиот мир најнапред во себе, за потоа да може и на другите да го пренесува. А оној кој се здобил со мирот Христов, не се плаши повеќе од ништо. Оти, Христос го победи најстрашното нешто – смртта. И затоа, секој кој е вистински Христов, во себе го има Воскресението, го носи како залог, учествува и живее во него. Природно за таквиот е да не се плаши од ништо.

Па така, мили мои Христијани, ова наше заедничарење во името Христово нè потсеќа на тој мир од небото, на нашиот најсакан Спасител, Кој е суштото олицетворение на љубовта, на мирот и на сè што е убаво и возвишено. Да го носиме, затоа, тој мир во своето срце, победувајќи ги сите искушенија, внатрешните гревови и страсти и така да го шириме тој мир во нашето окружение. А на сите ни е јасно колку потребен е духовниот мир во нашево време. За жал, Христијаните, кои треба да сме носители на мирот, испратени од Христос да го шират мирот, не го правиме тоа како што треба, бидејќи забораваме на Бога и на одредбите Негови. Да се вратиме, затоа, при нашиот мил Спасител Христос, да се радуваме овој воскресенски период и кога до Спасовден ќе се поздравуваме со најрадосниот поздрав Христос Воскресе, да го кажуваме не обично, како добар ден, добро утро, туку и да го чувствуваме и да го живееме. Оти во самиот тој поздрав, во тие два збора кажано е практично сè.

Ви посакувам мирот Христов да биде со вас, во вашите срца и насекаде во светот, сега, секогаш и во веки, амин.

Христос Воскресна!