Во есхатолошкото Сега

На Фејсбук – што ли не има таму?! – налетав на мисли на еден современ Старец. Го прашуваат: „Еден млад човек студирал медицина, бил многу добар студент и многу добар човек – интелигентен, совесен, срдечен. Починал пред да ги заврши студиите. Зошто Бог му го зел животот толку рано? Тој ќе станел добар лекар, ќе им помагал на луѓето, ќе спасел многу човечки животи. Зарем Бог нема потреба од такви луѓе на Земјата? Зошто му го зел животот пред да се реализира?“
Старецот дава одговор што многу често го слушаме: „Таква била Божјата волја, не треба да му поставуваме прашања на Бога, треба да ја примиме Неговата волја со смирение. Грнчињата не му поставуваат прашања на грнчарот“.

Не знам дали тој што му го поставил прашањето на Старецот се задоволил од неговиот одговор, но за мене тој одговор е формален и поставувам уште едно прашање – што е лошо и нехристијанско во поставувањето прашања? Ние ги откриваме вистините за светот и за Бога, поставувајќи прашања – на пообразуваните од нас или на самите себеси. Човекот е суштество кое прашува. Поставувањето прашања е во основата на целото човечко спознание. Не ги земам предвид глупавите и бесмислени прашања, туку длабоките светогледни прашања. А, исто и детските прашања, тие се едно од најубавите нешта кај децата. А Христос вели да бидеме како нив. Долго време прашањето поставено кон Старецот стои во моето сознание и бидејќи неговиот одговор не ме задоволи, се обидов сама да го барам.

Многу од најталентираните творци умираат млади. Многу луѓе загинуваат неубаво – во сообраќајни несреќи и катастрофи. При некои сообраќајни несреќи загинуваат речиси сите патници, а се спасуваат поединци. Зошто едни загинале, а други преживеале? Зарем Бог одбира по некој критериум – по праведност или по гревовност, како што најчесто мислиме? Меѓутоа, секогаш забележуваме дека ваква „селекција“ не постои. Ниту жртвите на „Титаник“ се „избрани“ по таков критериум, ниту жртвите во секојдневните автомобилски несреќи. Така е и во војните, сите се на линијата на огнот, многумина загинуваат, некои преживуваат, но тие, исто така, не се одбрани по никаков критериум. Уште појасно станува при големите природни катастрофи – пожари, поплави, земјотреси – зарем Бог бира кој да биде затрупан под срушените згради, а кој да преживее? Исто е и со болестите – нели не се разболуваат и не умираат само грешните. А зарем има некој без грев? Можат да бидат набројувани уште многу примери. Делењето по слични критериуми не е само примитивно и површно, но е неморално и богохулно.

Во евангелието по Лука има настан, кој може да ни помогне да се доближиме до бараниот одговор. При Исуса дошле луѓе, кои му раскажале за еден трагичен случај – Понтиј Пилат ја пролеал крвта на некои Галилејци и ја помешал со таа на нивните жртви. Од краткиот текст не станува јасно за какви жртви станува збор – дали Галилејците принесувале некакви жртви или, пак, тие самите извршиле масовно убиство и биле казнети со смрт. Бил некаков потресен случај, за кој нема сведоштво надвор од Евангелието. Сите се прашувале за причината за убиството на тие Галилејци. Луѓето кои му соопштуваат на Исуса за трагедијата, веројатно го пренеле општото мнение, дека ужасната судбина што ги снашла тие Галилејци, веројатно е одмазда за страшни гревови. Очекувале Исус да го потврди нивното мнение. Но Он го отфрла таквото размислување, одговарајќи им со реторичко прашање: „ Мислите ли дека тие Галилејци биле најголемите грешници од сите Галилејци, па затоа така пострадаа?“ И за да појасни, за да утврди, за да не остане место за двосмислено разбирање, дал друг соодветен пример, споделил друга трагедија, која се била случила неодамна: „Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа највиновни должници од сите други што живеат во Ерусалим?“ Исус одговара, поставувајќи го истото реторичко прашање. И првиот и вториот пат повторува „мислите ли“, бидејќи знае дека тие токму така мислат. Во двојното повторување, „мислите ли“ е одговорот дека не е така како што мислат. И првиот и вториот пат Исус ни вели дека не треба да бараме брзи и лесни одговори.

И при двете трагедии Исус отфрла конкретен грев како причина за смртта, нè учи да не бараме причинско-последична врска меѓу гревот и судбината што следи, ја исклучува претпоставката дека големата трагедија треба да означува голема вина, не го прифаќа најчесто користеното објаснување за гревот како причина за нечија трагична смрт. Исусовата цел не е да го задоволи нашето љубопитство, предложувајќи готови одговори. Тој ни предложува вечен живот и ни го насочува фокусот на вниманието кон него. Сите сме подложни на физичка смрт, затоа не треба да ја примаме како трагедија. Вели дека трагично е ако смртта не затекне без покајание, затоа два пати повторува: „Ако не се покаете, сите така ќе изгинете“. Вистинската смрт може да се избегне преку покајание. Во иста насока расудуваат и двајца од најголемите современи богослови. Митрополитот Калист Вер го отфрла вообичаеното разбирање за смртта: „Единствено ако се соочиме со смртта, а не ако се обидеме да ја игнорираме, стануваме навистина луѓе. Смртта треба да е постојана величина и квалитет во нашиот живот, а не нешто што просто нè стасува во последниот момент. Кога смртта свесно бива држена надвор од светогледот, животот станува монотон и бесмислен. Кога ја тривијализираме смртта, го тривијализираме и животот. Пренебрегнувајќи ја величината на смртта, правејќи ја незначајна и клиничка, го лишуваме животот од неговото вистинско достоинство“. Во својата исихаистичка студија „Едно тело во Христа: смртта и причеста со Светиите“, тој го цитира митрополит Антониј Сурожски: „Смртта е аголен камен за нашиот однос кон животот. Луѓето коишто се плашат од смртта, се плашат и од животот. Ако се плашиме од смртта, никогаш нема да сме подготвени да преземеме ризици и ќе го поминеме животот плашливо, како претпазливи страшливци. Единствено доколку успееме да ја погледнеме смртта лице в лице, да ја сфатиме, да ѝ го определиме местото и нашето место кон неа, само тогаш ќе може да живееме без страв и во целост со нашите способности… Единствено сознанието за смртта ќе му ја даде на животот таа непосредност и длабочина, ќе го направи животот – живот, ќе го направи животот толку интензивен, што ќе го собере во целост во сегашниот момент“.

Така, наоѓаме многу подлабок одговор на прашањето, зошто починал толку млад еден иден лекар: поради тоа што се сеќаваме на смртта, ние секој ден живееме во есхатолошкото Сега, секојдневните зборови добиваат стремеж кон вечноста, кој во спротивно би недостасувал. Тој стремеж кон вечноста е вистинскиот светоглед и размер на животот и смртта. Ние не можеме да знаеме како ќе се развивал и ќе течел животот на починатиот иден лекар. Исто како што не можеме да го знаеме нашето утре и дали воопшто ќе го има. И двајцата цитирани автори – митрополитите Калист Вер и Антониј Сурожски, исто така, не се веќе меѓу нас – секој си го минува својот пат низ својот живот, подолг или пократок, оставајќи повеќе или помалку плодови. Нивниот плод е словото, во кое наоѓаме одговор на најголемото прашање – како може секојдневните зборови и дејствија да придобијат стремеж кон вечноста.


Избор и превод на текст: Петко Костовски