Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за Сирната Недела, изговорено во манастирската трпезарија
околку внимаваме добро, мили мои, на содржината од богослужението, за кое светите отци предвиделе да се пее и чита на овој ден, во Неделата сиропусна, сигурно забележавме дека таа искажува една силна внатрешна болка, еден длабок душевен крик, кои ги доживуваме и како наши скриени болки и таги. Беше тоа, всушност, плачот на првиот човек, на нашиот прататко Адам, поради неговото изгонување од Рајот: „Седна тогаш Адам и пред сладоста на рајот плачеше, со раце лицето си го биеше и велеше: Милостив, мене паднатиот помилувај ме“ (Икос на утрената). Пред да продолжиме да зборуваме за ова трогателно доживување, ќе направиме една кратка реминисценција за премудрата духовна педагогија на нашата Црква во претходните недели, со која нè доведе до самиот почеток на светиот Пост.
Имено, во изминатите подготвителни недели, Црквата ни постави повеќе теми за длабоко размислување, за созерцавање, за духовно издигнување. Најнапред, со Евангелието за Закхеј (Лука 19,1-10) ни покажа како треба да се издигнеме над метежот од овој свет, да го возвишиме нашиот ум над пропадливото и суетното, да создадеме во нас една незапирлива желба да Го видиме Оној, Кој ја врати убавината на стариот Адам. Зашто, сите ние на некој начин го претставуваме нискиот Закхеј: со нашите ниски страсти, со нашите ниски погледи, со нашиот низок, паднат дух. Но, ете, нискиот и грешен човек Закхеј искрено посака да Го види Христа, и не само што Го виде, туку и тој беше виден од Христа. Да се потрудиме и ние да ги слушнеме во нашата душа Христовите зборови: Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом.
Евангелието од следната недела после таа на Закхеј, кој, како што знаеме, бил цариник, повторно ни говореше за еден друг грешен цариник, но и за горделивиот фарисеј (Лука18,9-14). И овој цариник, како и Закхеј, беше заглавен во калта и бездната на гревовите. Меѓутоа, согледувајќи се себеси како грешен и крајно недостоен, беше оправдан од Бога повеќе отколку фарисејот, кој, за разлика од смиреноумниот митар, себеси се сметаше за праведен и се фалеше пред Бога со својата молитва и добри дела.
Оставајќи ни ја оваа параболата како поука за смирението, Црквата следната недела ни ја претстави прекрасната парабола за покајанието на блудниот син, искажана повторно од Божествената уста на нашиот Спасител (Лука 15,11-32). Преку неа, не само што нè поучи на неопходноста од покајанието, туку и ни го предочи неискажливото Божјо милосрдие, простување и бесконечна љубов, олицетворени во милосрдниот татко.
Минатата недела, пак, со евангелското зачало за Страшниот Суд (Матеј 25,31-46) се потсетивме на тоа колку ни е неопходно милосрдието за да можеме да се оправдаме, односно да влеземе во Царството на славата Божја, во заедницата на љубовта Негова. Видовме дека само за оние што ќе бидат милостиви и ќе прават добри дела во овој свет, на крајот ќе нема суд, туку ќе бидат препознаени од Синот Божји како Негови сродници, и како благословени од Отецот небесен, ќе го наследат Царството на вечната убавина, убавината што ја живеел Адам, а и повеќе од тоа…
И, ете, денес, во оваа Сирна Недела, на прагот од Великата и Света Четириесетница, Црквата премудро го положи споменот на изгонувањето Адамово од Рајот. Боговдахновените отци го направиле тоа за да ни напомнат од какво големо достоинство се лишил човекот. Го слушнавме пред малку, на блаженствата од Светата Литургија, Адамовото тагување: „Во рајот си ме облекол во боготкаена облека, Спасителу, како милосрден; јас, пак, Твојата заповед ја прекршив, на измамникот му поверував и ја видов својата голотија“ (од 6-та песна на канонот). За каква „боготкаена облека“ плаче овде Адам, а заедно со него и целото човештво? Тагува и плаче за изгубеното достоинство, за неговата поранешна Божественост, бидејќи беше создаден по образ и подобие Божјо (Битие 1,26), беше бог по благодат. Во првите страници од Светото Писмо читаме дека Бог го поставил човекот за господар на целото творение (сп. Битие 1,28). Но, токму поради невоздржание првиот човек го изгуби тоа возвишено достоинство и отпадна од Бога.
Со Адамовиот пад човекот ја изгубил својата нераспадливост, и целата природа западнала во мрачни тегоби, пропадливост и смрт. Наместо животот, меѓу луѓето се зацарила смртта. Гледајте колку многу Адам изгубил, и што е пострашно – самиот себе се изгубил, со тоа што не се воздржувал и не постел, согласно Божјата заповед! Токму затоа, новиот Адам – Христос, „имајќи милост за нашата природа опустошена од сатаната, откако се роди од Света Дева и достојно поживеа“, со Својот личен пример ни покажа дека преку воздржание и смирение ќе го најдеме патот до нашата загубена првобитна убавина и достоинство (сп. Синаксар на Сирната недела). Зашто, сега Рајот за нас е повторно отворен од Христа, Кој ги здроби бакарните порти и ги скрши железните резиња на адот (Псалм 106,16). Го воскресна Христос Адама, родителот на сите, и го врати во неговото исконско предназначение. На човекот, во Црквата Христова, во тој небоземен рај, Спасителот му дава можност повторно да биде личност во полнота, да биде вистински човек, да биде во заедница со Бога, да општи, да другарува со Него. Затоа, ништо друго не ни е така насушно, колку тоа да го прегрнеме постот и смирението, следејќи го Христовиот пример, и така да се доближиме до Бога. За човекот нема поголема радост од тоа да биде во заедница со својот небесен Татко. Ако првиот човек Адам, со своето непослушание и невоздржание, ни покажа како не треба, тогаш вториот Адам – Христос, постејќи четириесет дена, ни стана совршен пример за подражавање што води кон спасение и заедница со Бога. А и сите праведници од веки го примениле Неговиот Божествен метод, со тоа што старозаветните само го предобразиле, а новозаветните го последувале. Да се запрашаме, на пример, кога Свети Пророк Илија беседел со Бога (сп. 3 Цар. 19,8-18)? Или, кога Свети Мојсеј Го видел Бога (сп. Исход 24,18)? Се разбира, после пост. Или, како Свети Апостол Павле примил свето крштение (Дела 9,9-19)? Како Свети Апостол Петар видел видение од Бога (Дела 10:9)? Повторно преку пост и воздржание. Така значи, сите Светии постеле пред да направат некое големо дело и пред да стапат во општење со Бога.
Сепак, постот не секогаш може да нè доведе во заедница со Бога. Денес Господ преку Евангелието (Матеј 6,14-21) нè поучи каков треба да е нашиот пост за да биде вистински делотворен. Ни кажа дека тој не треба да биде само надворешен, формален, туку внатрешен и суштински; дека поважно е да правиме добри дела, да им простуваме на другите, да бидеме полни со љубов и милосрдие, отколку само телесно да постиме. Телесниот пост никако не смее да ни биде цел сам по себе, туку само средство за напредок и усовршување во добродетелите, за духовно издигнување по скалилата на обожението. Затоа, да ја помажеме глава своја не со елеј или мириси, бидејќи на тој начин пак ќе се истакнуваме само себеси, туку со духовниот елеј на Црквата наша – житијата на Светиите, книгите на Светите Отци, молитвите на Светителите наши… и најважно од сè: со добрите дела, со нашето внимание, љубов и грижа за ближните. Само така би можеле да се покажеме како вистински Христови војници, кои, за да Му угодат на својот Началник, не се вплеткуваат во светски работи (сп. 2. Тим. 2,4), туку, наоружани со пост, молитва, добри дела и смирение, храбро се спротивставуваат на непријателот. Затоа, да не си го заробуваме срцето со земни и минливи нешта, кои ќе ни навлечат само пропаст, туку да си собираме, според зборовите Христови, богатства на небото, каде што ни молец, ниту ‘рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат; зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше. Секако, оваа Божествена заповед важи за секој Христијанин, но колку, пак, поголема сила има таа за монасите, кои дале вечен завет дека се откажуваат од сè на светот! Монахот во своето срце не смее да остави простор за ништо друго, освен за Христос. Зашто некогаш и обичните и банални нешта, доколку страсно се приврземе кон нив, можат да ни направат страшни проблеми, толку големи што да нè оддалечат од Бога! Големите неволји настануваат од ситници. А непријателот на нашето спасение секогаш нè лаже: „Па добро, не е тоа ништо страшно, можеш да си го допуштиш…“ Но, после тоа, од една навидум безначајна работа, доаѓа до големо помрачување и на крај – оддалечување од Христа! Да нè сочува Бог сите од тоа!
Да бидеме секогаш внимателни и грижливи, да го бараме најнапред Царството Божјо, а од сè друго што имаме потреба, нашиот предобар Отец небесен нема да нè лиши. Господ да ни дава сили да издржиме до крај во подвигот што сега ни се предлага, за накрај да се соединиме со Младоженецот на нашите души – Христос. Како што добро знаете, овој Чесен Пост има шест седмици, а седмата е Великата и Најсвета Страдална седмица. Токму на нејзиниот почеток, од вечерта после Цветници, Црквата уште еднаш ќе нè повика на едно големо будење на нашите души: „Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ и блажен е оној слуга кој ќе го најде буден…“ Затоа, да бидеме духовно будни и трезвени за да ѝ Го дадеме на нашата душа Оној, Кого таа најмногу Го посакува – Христа, нејзиниот Младоженец, та да се сретне со Него на Светата и Велика Пасха, и да се радува со Него, сега и во вечноста. Амин!