Слово на Старецот, Архимандрит Партениј, изговорено на Умилителната вечерна на простувањето
и сакал вечерва, мили мои, да споделам со вас некои чувства што ме обземаа во текот на оваа прекрасна умилителна Вечерна на простувањето. Верувам дека ќе се согласите со мене дека особен впечаток оставаше великиот прокимен, кој гласеше: „Не одвраќај го лицето Свое од чедото Твое, бидејќи страдам; бргу услиши ме; пази ја душата моја и избави ја“. Каква чудесна молитва! Каков силен израз на внатрешната потреба на нашата душа! На сите нас насушно ни е потребна Божјата милост. Зашто, без милоста Божја нашата душа неизоставно многу страда, венее, се суши. Кога, пак, ќе ѝ капне роса од Божјата милост, таа веднаш освежува, расцветува, се радува. Мислам дека нема човек, кој кога ќе почувствува како над него се излева преслатката Божја милост, а да не се разнежни потполно во своето срце и душа и да не Му благодари на Бога за таа прекрасна состојба на умиление, којашто, можеби, е најубавата состојба за човекот во овој свет. Сите сакаме да бидеме љубени и да ни се простува. А во едно можеме секогаш да бидеме сигурни: дека Бог безмерно ни простува и нè љуби. Гледајте колку Господ го љуби светот! Сè што гледаме околу нас опстојува по Неговата неизмерна милост, и на некој начин е нејзин особен израз. Ете, и кога ќе го погледнеме човештвото и светот во целина, ние најпрвин се згрозуваме од егоизмот во луѓето, од ужасните гревови, од стравотните војни едни кон други, но и крајно се изненадуваме од Божјата безмерна милост и долготрпение. И можеме лесно да сфатиме дека да се простува е Божествена, а не човечка особина…
Денес, кога разговарав со еден брачен пар, мои духовни чеда, за простувањето, сопругата, крајно разочарана од својот маж, ми рече: „Отче, па тој веќе ги изгуби дури и човечките особини!“ Јас, пак, ѝ одговорив: „А какви се, чедо, човечките особини? Не се ли тоа: егоизмот, нечувствителноста, суровоста, алчноста, немилосрдието? За жал, токму тие се особините на падната човечка природа, особини што ги има во секој од нас“. Во човекот има премногу егоизам – тоа е неговото главно обележје. Но, ако мислиме за оние особини како сочувствителноста, милосрдието, простувањето, е тогаш веќе излегуваме од човечкото и навлегуваме во Божественото. Зашто сето тоа Му е својствено единствено на Бога. И доколку човекот се труди што повеќе да се уподобува на Бога, да живее обновен живот во Духот, тогаш станува вистински човек, човек кој се восовршува според мерата на растот Христов (Ефес. 4:13). Бидејќи нашиот Спасител Христос, со Своето неискажливо доаѓање на земјата, ни покажа што значи вистински човек, онаков каков што Бог го сака и го создаде на почетокот. Така, поучувајќи нè за простувањето, во Евангелието според Матеј Он ни вели: Ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот (Матеј 5,23-24). Забележете добро, не вели: „Ако ти имаш нешто против братот твој…“ За тоа Господ не сака ни да зборува. Туку нè поучува да простиме на оној кој има нешто против нас. Во тоа е големината на простувањето. Бидејќи, што посебно правиме ние доколку оној кој ни згрешил сам дојде да ни побара прошка? Навистина ништо особено, и тогаш за нас не ќе има награда, наградата ќе ја понесе другиот. Величината е во тоа ние први да побараме прошка од оној кој нам ни згрешил. А сите знаеме колку е тешко некогаш тоа да го направиме. Има луѓе кои многу ни згрешиле, нè натажиле, го згазнале нашето достоинство, луѓе на кои многу пати сме им проштевале, а тие повторно ни грешат. И колку тешка борба е потребна во нас за да најдеме прошка за другите! Бараш од Господ сила: „Дај ми, Господи, сила да простам“. Многупати, пак, не наоѓаме и велиме: нема потешко од тоа да се прости. Но доколку искрено сакаме да сме Христови ученици, тогаш бездруго треба да се научиме да простуваме. Зашто Неговиот глас ни вели:
Ако сакате да бидете Мои ученици, тогаш љубете се еден со друг, како што Јас ве возљубив вас (сп. Јован 13,34-35). И ако сакате синови Божји да се наречете и совршени како вашиот Отец небесен да бидете, тогаш љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат (Матеј 5,44). Зашто Јас од Крстот им простив на оние кои Ме распнуваа.
Така, добро е постојано да размислуваме за тоа колку сме подготвени да простуваме на овој начин, како Христа. Да согледуваме колку ние, како Христијани, се украсуваме во нашиот живот со тие Божествени особини на љубов, простување, сочувствителност. Оти само тогаш, само ако сме украсени со тие особини, нашиот пост ќе биде вистински, богоугоден пост. Затоа, доколку оваа вечер не успееме да се простиме со оние кои навистина ни згрешиле, да го направиме тоа во текот на Светиот Пост. Но, пред сè, искрено да се помолиме на Господ да ни даде сили да простуваме. И да се молиме не само за нас, туку и за тоа сите луѓе да се обратат кон Христа и да ги стекнуваат Неговите Божествени особини, да не војуваат едни против други, да се помират помеѓу себе и со себе, зашто војните најнапред стануваат лично во нас, во срцата наши, а потоа излегуваат оттаму и заземаат големи размери во општеството, меѓу народите и државите, и целиот свет станува една голема глобална војна. Денес, од кога и да било повеќе, на светот му е потребна молитва… и многу покајание! Молитвата, покајанието и трудот на еден човек на духовен план, можат да направат многу. „Смири се ти“ – вели Св. Серафим Саровски – „и илјада околу тебе ќе се спасат“. Таков пример ни наведува и Св. Ап. Јаков, кој зборувајќи за Св. Илија, вели: Голема сила има усрдната молитва на праведникот. Илија беше човек смртен, како и ние, и со молитва Му се помоли на Бога да нема дожд, и не падна дожд на земјата три години и шест месеци. И пак се помоли, па небото даде дожд и земјата го даде својот плод (Јк. 5, 16-18). Св. Пророк Илија успеал во тоа затоа што целото своето срце Му го предал на Бога, и вистински постел и се молел.
Да ни даде Господ сили и смиреномудрие овој пост да го поминеме со духовна будност, украсувајќи се со Божествени особини, и тогаш во полнота ќе заедничариме со Бога, ќе ја чувствуваме Неговата милост, која ќе ги гали нашите срца. И верувајте, од таа милост и од таа заедница нема ништо поубаво! Затоа Господ во Постот нè повикува постојано да се соединуваме со Него преку светата Причест, за на крај, како круна на тоа соединување, да дојде благодатта од најголемиот христијански празник – Христовото славно Воскресение, преку кое добиваме живот вечен.
На крај, отци свети и мили браќа и сестри, смирено барам да ми простите мене, грешниот, сѐ што згрешив во овој ден и во сите денови на животот мој, со слово, дело, помисла и со сите мои чувства!