Да се живее крстовоскресно е највозвишена мудрост

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на Вечерната на празникот Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст, во Рајчица

 

озљубени мои, нека светиот Крст, преку силата му од Бога дадена, ве чува и заштитува! 

Во една своја омилија за Чесниот и Животворен Крст, Светиот Григориј Палама, големиот тајник на Божествените нешта, вели дека тајната на Крстот, во мошне длабока, скриена смисла, дејствувала уште во времето на Стариот Завет. Меѓу другите пројави на крстната сила, тој го наведува и примерот со праотецот Авраам, кога нему, во вид на тројца патици, односно на тројца Ангели, му се јавил Единиот Бог во три Лица: му се јави Господ кај дабот Мамре кога седеше пред вратата од шаторот свој, на пладнина. Откако ги крена очите свои, виде Тројца мажи како стојат спроти него. Откако ги виде, им притрча во пресрет пред вратата на шаторот свој, и им се поклони доземи (Битие 18,1-2). Внимавајте, вели: „му се јави Господ“, а Авраам виде „Тројца мажи како стојат спроти него“. Значи, еден Господ, три Личности. Исто така, и во дијалогот со Нив, Авраам им се обраќал како на Еден: Господи, ако сум нашол милост пред Тебе, немој да го одминеш слугата Свој (Битие 18,3). Иако гледал Тројца мажи,  беседел со Нив како со Еден, а и Тие Тројца му говореле со еден глас. Навистина несфатливо за човечкиот разум. Меѓутоа, ни праотецот Авраам немаше да се удостои на таа чудесна и таинствена, троична Теофанија на единствениот Бог кај дабот Мамре, доколку претходно не беше ја распнал својата човечка логика. „И на таков начин“, вели Св. Григориј Палама, „на Авраама се извршила тајната на Крстот“.

И зар не е сето тоа вистина? Колку пати, поучени од нашето лично животно искуство, сме доаѓале до заклучокот дека, кога станува збор за верата и духовноста, човекот мора  најпрвин да ја распне својата земна логика? Нашата логика, можеби, е добра за во математиката, добра за физиката, за природните закони и последователности…, но, кога се работи за возвишените тајни на догмите на верата, сфаќаме дека таа несомнено треба да биде распната. Тогаш само ни останува, со срдечна вера да им се поклониме и да ги прифаќаме Божјите неискажливи чудеса и Неговите недосежни величија. Ете, ја зедовме за пример највозвишената догма на нашата единствена света и спасителна вера, догмата за Троичниот Бог. Како Он е Еден, а сепак три Лица? Може ли човечкиот разум тоа да си го објасни? Се разбира, не. Но, таа најголема вистина се открива преку верата, во срцето на  човекот кој умее да го распне своето земно, материјално размислување. Тука, веќе, се покажува огромното значение на Крстот за животот на Христијанинот. Всушност, целиот негов живот, од раѓањето, па до смртта, е запечатен со силата на Крстот.

Така, значи, нашиот живот е крстовоскресен. Крајната цел на нашето битисување е воскресението и вечната заедница со Бога. За да се стигне, пак, до воскресението, потребно е и распетие, а каде што има распетие, каде што има крст, таму има и болка, зашто распнувањето неизбежно подразбира и страдање. Меѓутоа, зарем на Бог не Му е најбитна човечката радост? Не го создал ли Он човекот за вечна радост во заедница со Него? Се разбира, Бог неизмерно го љуби човекот и ја посакува неговата радост повеќе отколку тој самиот, и токму затоа ја  допушта и болката, како еден вид татковска педагогија. Зашто, нашето човечко срце, создадено од Бога со слободна волја да избира што сака во својот живот, многупати ја злоупотребува таа слобода и се закоравува во животните земни наслади и страсти, оддалечувајќи се од својот небесен Творец и Отец. Па, затоа, потребна е и болка што ќе затропа на човечкото срце, да го разбуди од гревовниот сон и така тоа да почне да се приближува до Бога. 

Вечерва особено ме инспирира второто четиво од старозаветните паримии, во кое од мудриот цар Соломон слушнавме совет упатен до секој човек: Не занемарувај ја, синко, казната од Господа, и да не ти е тешко од Неговото изобличување; зашто кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото синот свој што го љуби (Изреки 3,11-12). Ете, гледаме дека на секој човек во овој свет Бог му испраќа и казна, односно болка, така што животот на човекот, освен со радосни мигови, е исполнет и со болни. И, Блажен е човекот, продолжува цар Соломон, кој се здобил со мудрост, и човек, што спечалил разум (Изреки 3,13), т.е. блажени се оние што се научиле трпеливо и со надеж да го носат својот крст. А за тоа најдобар пример ни даде Самиот наш Господ Исус Христос, Кој, иако не беше направил никаков грев, смирено го понесе Својот Крст, и беше распнат на него заради нас, премудро спасувајќи нè преку него. 

Затоа, мили мои, да се живее крстовоскресно е највозвишена мудрост. Еве, да го земеме монашкиот живот, кој е превосходен пример за крстовоскресно живеење. Самиот завет на монасите е имено тоа: крстовидно сораспнување со Христа. И монашката схима тоа го означува; секој монах на своето тело ја носи светата рамноангелна схима, на која е изобразен Крстот Христов со зборовите: јас раните на Господа Исуса Христа на телото свое ги носам (Гал. 6,17). Нели е распнување на човечката логика и егоизам тоа што монахот потполно се предава себеси на послушание кон својот духовен отец? И тоа што монахот постојано, преку болка, ги победува своите страсти, правејќи послушание? Меѓутоа, истото важи и за брачните луѓе: колку труд, колкава болка и пожртвуваност се потребни за брачните другари и сопатници да ја зачуваат својата заедница, победувајќи ги личните страсти, најнапред егоизмот! Потоа, и кога ќе воздигнуваат потомство, не треба ли родителите до крајна мера да го распнат својот егоизам за да може децата на правилен начин да се израснат и одгледаат? Едноставно, потребно е да се пролее духовна крв, за да би можел да се зачува еден христијански брак.

Затоа, да го избереме патот на Крстот, кој е единствената вистина; оти надвор од крстовоскресниот живот нема вистина. Можеби, светот денес проповеда дека има вистина надвор од Христа и од Крстот Негов, но, двеилјадигодишната историја на христијанската Црква го докажува токму спротивното: дека надвор од Христа и од крстовоскресниот живот во Него нема, и не може да постои вистина. 

Нека пресветиот, преблагиот наш Господ Исус Христос ни дава сила да издржиме во нашиот крстовоскресен, себераспнувачки подвиг, и да можеме на правилен  начин да се ползуваме со болките, внатрешни и надворешни, та преку нив постојано да ја спознаваме вистината, доживувајќи го секојдневното наше преобразување и воскресение. Зашто, веќе рековме, преку Крстот дојде воскресението и, подобно на тоа, преку нашите болки што секојдневно ги поднесуваме, победувајќи го нашиот егоизам, ние го распнуваме стариот човек по Адама, кој се распаѓа во лажни похоти и страсти, и доживуваме преображение и воскресение на нашата внатрешна личност во Новиот Адам – Христос. 

Утре, во текот на Утрената богослужба, ќе го пречекаме нашиот многупочитуван надлежен Архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тимотеј, кој според типикот на Црквата, на крајот од Утрената ќе го издигне среде храмот Светиот и Животворен Крст, а потоа, заедно со нас, ќе отслужи и Света Божествена Литургија. Но, она што исто така многу нè радува и кое би сакал посебно да го истакнам, е тоа дека утре, по завршувањето на Светата Литургија, заедно со Владиката, ќе ги осветиме темелите на новиот манастирски конак, што ќе се наоѓа на источната страна во манастирскиот двор. Всушност, станува збор за доградба и пренамена на една недовршена станбена куќа, која полека, полека, со Божа помош, ја откупивме од нашите соседи, при што помогнаа многу наши духовни чеда, кој колку можеше – нека сите тие бидат благословени и запишани во Царството Божјо! Ви го зборувам ова, затоа што сакам да ви укажам на уште едно големо чудо на Крстот Христов. Имено, бидејќи финансиски целосно истоштени, ние воопшто немавме намера да започнеме со проширување на Рајчица оваа година, така што не ни помислувавме за некакво осветување на темелите. Меѓутоа, неодамна во посета на манастирот дојде една наша долгогодишна пријателка, благочестивата госпоѓа Елена Пандева, сопственичка на модната куќа „Елена Лука“ од Скопје. И бидејќи одамна не беше дошла во Рајчица, сестрите ја прошетаа насекаде, па меѓу другото ѝ ја покажаа и новокупената куќа, објаснувајќи ѝ дека таа треба да се пренамени во нов конак, поради тоа што во постоечкиот им е многу тесно и немаат повеќе ќелии. Трогната од маката на сестрите, Елена дојде кај мене и ми рече: „Отец, би сакала, доколку благословите, финансиски да го помогнам она што го планирате, за што побрзо да се изгради новиот конак“. И ете, така се случи и ова чудо Божјо. Исто како што пред точно 17 години, токму на овој празник, 27 септември 1999 година, на чудесен начин ги осветивме темелите на стариот конак, така и сега, повторно на Крстовден ќе осветиме темели за проширување на манастирот. А чудесно е и тоа што и самото осветување на храмот непосредно по неговата изградба, се случило на овој пречесен Господов празник. Гледате ли колку е голема и неискажлива Божјата благодат, пројавена преку Неговиот Животворен Крст! Ако имаме вера, Господ секогаш ќе биде со нас. И, да знаете, нашиот народ низ историјата ја разбирал крстовоскресната тајна и затоа напредувал и ги победувал сите искушенија. Затоа и на моите монаси особено им посакувам да бидат секогаш крстообразни, онака како што ветиле и како што им приличи; оти тие на себе ја носат светата схима, образот на Крстот Христов, и како такви тие треба да бидат сведоци на Воскресението.

Господ да ни ја чува нашата напатена Татковина, која и сега поминува низ не помалку искушенија и премрежија, како и порано низ историјата. Но, рековме, после сите болки и страданија доаѓа воскресение. Ако се покаеме, сигурно Господ ќе благослови да видиме и поубави денови во нашата држава. Амин!