Во втората недела по Педесетница, Старецот Архимандрит Партениј отслужи Света Божествена Литургија во бигорскиот соборен храм. На трпезата што следеше потоа, тој им се обрати на присутните со проповед.
енес, мили мои, на Светата Литургија прочитавме едно мало по должина, но преголемо по длабочина, евангелско четиво, коешто се однесуваше на Христовиот повик на првите четворица Апостоли: најнапред на Петар и Андреј, а потоа на Јаков и Јован (Матеј 4,18-23). Едноставно и кратко Господ им се обратил на обичните рибари, во мигот кога тие си ги плевеле рибарските мрежи и ги фрлале за улов: Појдете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе. И од тој час тие станале Негови ученици. Евангелистот Матеј ни опишува дека тие веднаш ги оставиле своите мрежи, корабите, а Зеведеевите синови Јаков и Јован – дури и својот татко, и решително тргнале по возљубениот Христос.
На прв поглед некому, можеби, ќе му се чини дека во опишаниот евангелски настан нема ништо што би заслужило поголемо внимание; дека тоа е само едно обично хронолошко раскажување… Меѓутоа, доколку размислиме малку подлабоко, пред нас Евангелистот открива една сосема необична слика: простите и крајно сиромашни луѓе, чија животна егзистенција бил единствено риболовот, без прашања, без размислување и колебање, го оставиле својот занает и тргнале по Човек, Кој не само што бил најсиромашен – немал ни глава каде да потслони (сп. Лука 9,58) – ами уште и проповедал сиромаштво! Практично, тие оставиле сè; ја оставиле својата работа, своите домови, својата сигурност и мирниот живот и тргнале по Учител, Кој на своите следбеници не им ветувал некакви големи почести, богатства, слава и моќ, туку страданија и гоненија: Бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази… Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат (Јован 15,19-20). Но, и покрај тоа, Апостолите непоколебливо тргнале по Него. Тргнале по тој Божествен и чудесен Учител. Сигурно, во Неговиот глас имало некаква незапирлива сила, некој необичен духовен магнетизам, некаква неодолива сладост, што апостолите така одлучно се одѕвале на него! Во еден тропар од канонот на Света Пасха пееме: „О, Божествениот; о, љубезниот; о, најслаткиот Твој глас, Христе…“
Овие денови, после нашата неодамнешна посета на Светата Гора Атонска, размислував малку повеќе за карактерот на монаштвото, за тој необјаснив феномен. Знаете, во Градината на Пресвета Богородица повеќе од илјада години непрекинато се негува преданието на православното монаштво. Му благодарам неизмерно на Бога што денес, еве, и во нашиот свет Манастир, како и во други манастири во нашата земја, после долг временски рез, повторно воскресна тој светогорски дух на монаштвото!
Деновиве постојано ги набљудувам монасите и благодарно им се радувам! А на што се должи тоа воскресение? Зарем ние, последните и најбедните, ќе можевме да го обновиме тој монашки дух, да не беше оној Божествен глас, истиот кој некогаш ги повикал Галилејските рибари? Сигурно знам дека ни Апостолите не ќе можеле да тргнат по Христа, доколку не ги повикал со Својот моќен, преобразувачки глас. И да не беше Божјата благодат да ги поткрепува во нивното неиздржливо тешко дело, ќе можеа ли тие, дванаесетмина, да се спротивстават на разорителната сила од овој свет, кој трулеше во грев и смрт, и да ја рашират Христовата наука, радосната вест, Евангелието за царството, по сите краишта на светот, и тоа без никаква овоземна помош? Зашто, Христос не ги поткрепил учениците со некаква сила, надмоќ или власт од овој свет, туку единствено со Својата благодат. Исто како што нè поткрепува и нас денес, да бидеме служители во дворовите Негови.
Вчера, после бдението, враќајќи се накај ќелија, забележав како зад мене во темницата доаѓаат некои браќа, па на монахот што одеше покрај мене му реков: „Гледај, чедо, како ангели Божји да летаат“. И после две илјади години Бог повторно издигнува апостоли, не само овде, туку и насекаде по светот, поткрепени со не помала благодат од онаа што им ја давал на првите Апостоли! Истиот тој, Божествениот, љубезниот, најслаткиот глас на Христос, кој некогаш повикувачки прозвучил крај Галилејското море, денес повикува во срцата наши. И одеднаш, ти оставаш сè, тргнуваш по Него и повеќе не се вртиш ни лево, ни десно, ни назад, а само гледаш право кон Него. А на што повикува тој глас? На макотрпна борба со стариот, огревовен човек и со злото во светот, борба проследена со безбројни искушенија, страдања, маки. Но, во исто време тој, уште овде на земјата, дава небесна, неискажлива и славна радост (1. Петар 1,8) и најпосле ветува вечен живот, Царство небесно. Тоа, пак, – спасението и вечната радост во Царството небесно – е главната и единствена цел на нашето суштествување овде.
Ете таков е Христовиот глас – повикува кон спасение и вечна радост. Неговата сила ги претворил неуките и немоќни Апостоли во духовни џинови, кои со мудрост го освоиле целиот во тоа време цивилизиран свет. А, познато е колку светот тогаш дишел со омраза кон новата христијанска вера. На Апостолите им биле спротивставени незнабожечките власти на Римската Империја од една и Евреите од друга страна. Каде и да се појавеле тие, читаме од Делата Апостолски, се соочувале со големи проблеми, било од нивните едноплеменици, било од незнабожците: противречења, прогони, затвори, бичувања, каменувања… Меѓутоа, и покрај сето тоа, овие храбри луѓе и нивните следбеници потоа, извојуваа победа, се разбира, поткрепувани од Божјата благодат. И до ден денес се случува истото. Еве, ние, најнедостојните и најпоследните, сме следбеници на Апостолите во нивниот подвиг и дело. Во молитвата што ќе ја прочитаме после трпезата, ќе Му се обратиме на Бога со зборовите: „Владико, Господи, Исусе Христе, Кој на Своите свети Апостоли си им рекол: Јас сум Лозата, а вие прачките; Кој и нас си нè повикал на апостолски живот и монашки подвиг…“ Значи, сè доаѓа од Божјиот призив и благодат. Деновиве на браќата монаси им зборував дека ние сами по себе сме, всушност, само една нула, ништо друго; и дека Бог ја дава таа енергија што дејствува во нас и преку нас, за продолжување на апостолското дело и за напредок кон обожението. Впрочем, Он за тоа и се јави на земјата како отелотворен Бог, за ди ги преобрази луѓето во богови по благодат. И не се ли Апостолите богови по благодат? Не се ли и нивните следбеници и сите Светии обожени личности во Христа Господа?
Божјиот повик од денешното Евангелие е упатен подеднакво до сите луѓе, не само до епископите, свештениците и монасите. Сите сме повикани да бидеме апостоли на некој начин; да бидеме утешители, сведоци за љубовта и вистината Христова. Затоа, мили мои, Христијанинот треба да се одликува со она со што се одликувале Божјите луѓе: со радост, љубов, со мир, внатрешен и надворешен, та сите во неговата околина да можат да речат: „Колку добар човек!“ – и да посакаат да бидат такви. Тој, пак, од своја страна, за да го зачува тоа духовно богатство, мора да се пази себеси во смирение, да знае дека сето тоа е дар на Божјата благодат, а не производ на неговите трудови; да знае дека не самиот тој е добар, туку добар е Оној во Кого верува и Кој му дава поттик и сили да станува уште подобар. Таквиот Христијанин, навистина, ја преобразува и осветува својата околина.
На апостолски подвиг, рековме, сме повикани сите, но, сепак, на тој повик целосно се одѕвале само монасите, бидејќи и тие, подобно на Апостолите, оставиле сè и тргнеле по Христа. Не го кажувам ова за да се пофалам себеси или моите монаси – ќе повторам: ние сме најпоследни од сите и бескрајно Му благодариме на Бога што, какви-такви, нас нè избрал – туку го кажувам за да ве поттикнам сите вас да се молите поусрдно за нив. Во раната Црква први на удар од непријателите биле Апостолите, а денес епископите, свештениците и монасите. И да знаете, епохата во којашто живееме не е во ништо помирна од таа на Апостолите. Погледнете само колку страшно разбрануван е светот денес! Пред нашите очи се рушат вековни принципи, се распаѓаат морални закони, погубни антивредности стануваат норма, светот со своите искушенија агресивно напаѓа на манастирите… Затоа, особено е потребна молитвата за монасите, Бог да им ја испраќа Својата благодат, та да би можеле да издржат докрај во подвигот што го прифатиле и така да се спасат тие, а да спасат и многумина други.
Нека Светите Апостоли се молат за сите нас, да ја добиваме неопходната сила од Господа. Секако, за тоа потребно е да ги отвориме и ние своите срца со постојана молитва и милост. Така без сомнение нема да останеме празни, бидејќи кој искрено и со трпение бара, Бог ќе го пресретне и ќе му ја даде потребната благодат за спасението – неговото лично, а и спасението на ближните. Оти, Бог го сака спасението на грешниците и не сака никого од нас да отпадне, туку секој да ја наследи Неговата вечна радост.
Нему слава и власт во веки! Амин!