Жената како мироносица – апостол на љубовта Христова

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено во Неделата на Жените Мироносици, во манастирската трпезарија во Рајчица

Не плашете се! Вие Го барате Исус од Назарет, Распнатиот. Тој воскресна, не е овде! Еве го местото каде што беше положен. Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петра дека Тој пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол


Мили мои, срцето сега навистина ми е исполнето со благодарност кон Бога што по Својата чудесна промисла ме донесе денеска во овој свет Манастир, посветен на големиот и славен Чудотворец, Светиот Великомаченик Георгиј – првиот женски манастир од нашата монашка заедница. Слободно можам да кажам дека овој Манастир е дом на храбрите жени мироносици. Зашто, монахињите се, пред сè, вистински жени мироносици. Така било во текот на сета христијанска историја, а истото останува да важи и денес. Но, тука би додал дека Христови мироносици се не само монахињите, ами и сите жени кои се заветиле на чесниот брак во Христа; кои го избрале подвигот да подигнат семејство и преку тоа да градат едно здраво христијанско општество.

На Светата Литургија денес го чувме Евангелското приповедание на Апостолот Марко за Воскресението на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Од него дознаваме дека првите што стасале до Гробот во кој било положено телото Исусово и воедно се удостоиле да ја слушнат радосната вест за Воскресението, не биле Апостолите, туку токму жените мироносици.

Што, всушност, ги однело жените до Гробот?

Во тоа време, скоро сите Евреи биле понесени од погрешната, би рекол, световна идеја за Месијата Христос, која сосема Му ја одзела Неговата духовна димензија. Тие верувале дека Он ќе биде некој земски еврејски цар, кој ќе ги ослободи од секакво ропство – секако и од тогаш најголемото, Римското – и ќе завладее со светот. Иако за Христа, се разбира, било пророкувано дека ќе биде духовен Цар и Неговото царство ќе биде вечно, сепак, малкумина го разбирале ова Божјо откровение. Па така, и овие жени мироносици за кои слушнавме денес, не биле поштедени од таквата погрешна месијанска идеја, која, природно, извршила силно влијание врз нив. Како и апостолите, прашање е дали и тие воопшто верувале во Воскресението на Христа. Веројатно не толку силно, со оглед на тоа што со себе понеле мириси за да го помажат мртвото тело на нивниот возљубен Учител. Тогаш, пак ќе се запрашаме, што е она кое ги однело до Гробот Господов и тоа во време кога и самото спомнување на името Исусово претставувало опасност по животот? Токму почитта кон саканиот Учител што почивала во нивното женско срце, нивната нежност, благоста, приврзаноста кон Него, нивната сочувствителност. Одлики со кои Бог ја обдарил жената, внесувајќи така топлина во светот. Ете, тие карактеристики ги довеле жените до Гробот Христов. Иако нивната надеж во Воскресението била многу слаба, сепак, почитта кон нивниот Учител, нивната нежност, нивната огромна љубов и сочувствителност, ги натерала, и покрај стражата, и покрај сите опасности, да отидат при запечатениот Гроб со желба да го помажат со миро Неговото тело. Таквата пожртвуваност ги удостоила да станат и први благовесници на Воскресението. Гледате како Господ ја цени и ја наградува сочувствителноста. Овие жени Он ги наградил со честа да го слушнат Ангелот како им вели: Не плашете се! Вие Го барате Исус од Назарет, Распнатиот. Тој воскресна, не е овде! Еве го местото каде што беше положен. Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петра – нарочно го издвојува Петар, кој се откажал три пати од Христа, за да не падне во очајание кога ќе слушне дека Он воскреснал – дека Тој пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол (Марко 16,6-7). Во тој миг тие, всушност, ја слушнале најубавата вест, влегоа во историјата на човештвото, а преку нив и сите жени се удостоија со таа возвишена апостолска улога и чест!

Овој настан ме потсетува на Житието на Преподобната Касијана Песнописателка. Имено, кога византискиот принц Теофил избирал жена од цариградските благороднички, искушувајќи ги избраничките што биле доведени пред него, ѝ подал златно јаболко на Света Касијана, која била особено убава и учена и ѝ рекол: „Секое зло во светот дојде преку жената“. Тогаш Света Касијана му одговорила: „Да, но и секое добро дојде преку Жената“ – мислејќи, секако, на Пресвета Богородица. Едноставно, Господ покажа и докажа со колку голема чест и достоинство ги удостоил Он жените! Ги избрал да бидат и првите благовеснички на Неговото Воскресение!

Ќе се вратам повторно на овој манастир и на вас, возљубени сестри монахињи. Посебна чест ми е што денес сум со вас, мои мироносици, оти вие многупати сте посведочиле и секојдневно сведочите за радоста во Христа Воскреснатиот, Кој е смислата на нашиот живот. Носејќи го ова црно расо и живеејќи овде во подвигот на покајанието, вие непрестајно го имате уделот на жените мироносици, благовесничките на Христовото Воскресение. Затоа, радувајте се! Видете колку е голема Божјата љубов!

Во епохата пред Христа жената немала никаква вредност. А Он, Милостивиот, уште за време на Својот живот на земјата, ги удостоил жените да бидат Негови ученички и следбенички. Нешто што било незамисливо за било кој учител или народен водач пред Него. Впрочем, на жената дотогаш не ѝ било дозволено да биде последователка на некој учител, ниту пак, јавно да проповеда. Едноставно, таа била сметана за нешто подолу од човек. Но, после Воскресението Христово, жените не само што го стекнале полното човечко достоинство, ами станале и громогласни проповеднички, како, на пример, Марија Магдалена, која претходно била дури и грешница. Христос никого не презрел. Да се потсетиме само на жената фатена во прељуба, на која, според еврејскиот закон, ѝ претстоело да биде каменувана. Он ја помилувал и ја спасил. Потоа, да си спомнеме и за жената која се охрабрила да влезе во куќата на Симона Лепрозниот и да ги помаже нозете Господови со миро. Фактот што Христос влегол во домот на лепрозен човек, каде што било забрането било кој да влезе, ја охрабрил да тргне и таа по Него и со миро да Му ги помаже нозете Негови и со косата своја да ги избрише. Господ и неа ја оправдал… Накрај, Он ни покажа дека жените се достојни да бидат и најголеми благовеснички, да бидат ученички на Неговото Откровение.

Затоа, сестри мои, бидете силни и радувајте се! И вие што сте во монашки чин, но исто така и вие кои сте во брак, или допрва ќе влезете во светото таинство помеѓу мажот и жената. Впрочем, и вие треба во духот да бидете како жените мироносици и да имате храброст. Неслучајно Господ најпрвин им се обратил на жените. Го имал предвид нивното мајчинско достоинство. И вие сте носители на тоа достоинство, монахињите како духовни, а останатите како телесни мајки. За тоа колку е значајна улогата на мајката, сведочи тоа што првиот збор што новороденчето го кажува е ‘мама’. Мајката е таа која може да го научи детето за вистинскиот живот, за Бога. Но, само  доколку е со Христа. А ако не е со Него, тогаш на што би можела да го научи?

Токму затоа вие, монахињите, како духовни мајки, треба да им бидете пример во верата на телесните мајки, та да имаат и тие пример за мајчинската љубов, бидејќи најнапред доаѓа духовното мајчинство, како што пред сѐ и над сѐ е духовното татковство. Несомнено, духовното сродство е над телесното. Бог ве зел од светот и ве поставил овде за да се трудите усрдно и силно во подвигот на мајчинската љубов, како сведоци на Воскресението, оти од Гробот на Христос таинствено се излева воскресенската светлина, којашто сите нѐ повикува: „Одете и кажете им на сите дека воскресна Христос!“ Овие зборови, упатени најнапред на мироносиците пред две илјади години, сега допираат и до сите нас. Сите сме повикани да го имаме уделот на жените мироносици. Женското срце прво го виде и прво поверува во Воскресението. На мажите им било потребно да истрчаат и да видат, па да поверуваат. Кога апостолите Петар и Јован слушнале од мироносиците за радосната вест, истрчале до Гробот за да се уверат. Стравот и сомнежот биле присутни во нив. Такво е машкото срце. А потоа – и тие силно поверувале.

Благодарете Му на Бога, сестри мои монахињи, што ве избрал да се молите за целиот свет, за сите и за сѐ. Сега живеете во едно место што некогаш заприлегаше на материјален гроб. Иако храмот беше сѐ уште тука, на местото каде што во моментов седиме, имаше само една распадната штала. Некои од вас тоа и го помнат, имаат видено како беше тука. А сега, ова место прерасна во еден прекрасен манастир што сведочи за Воскресението, пред сѐ преку вас, монахињите мироносици, кои како нив непрестајно сведочите: гробот не е повеќе гроб, туку извор на живот. Така и овој манастир, кој некогаш беше мртов споменик во распаѓање, денес е жив, затоа што вие го послушавте гласот на Оној, Кој на чудесен начин ве повикал.

Простете ми и помолете се за мене, и вие, духовните мајки – монахињите, како и вие биолошките родителки, коишто во секој случај треба да се стремите и кон духовното мајчинство. На сите ви го посакувам благословот Господов! А секако, и на оние кои допрва треба да оформат семејство. Да сте живи и здрави и од Бога благословени!

Христос воскресе!