Да ги приклониме нашите срца во покајание за сите

 
Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено во храмот, на Умилителната вечерна на простувањето

Господи, помилуј! Господи, смилувај ми се мене, грешниот! Господи, нека биде Твојата милост на мене онака како што се надевав на Тебе!

a-(5)Потребна ми е милоста Господова! Потребна ни е на сите нас! Нема човек кому не Му е потребна Божјата милост. Таа ги крепне нашите срца, ги гали и успокојува душите… Но, за да ја добиеме неа, постои еден услов. Слушнавме утрово на Светата Литургија како милостивиот Христос ги поучува луѓето, велејќи: ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен; ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите (Матеј 6,14-15). Како да сака да каже дека од нас самите зависи дали ќе ја примиме Божјата милост, која, пак, ни е дадена подеднакво на сите. А ќе ја добиеме доколку и ние покажуваме милост кон нашите собраќа. Гледајте колку е милостив Господ! Од љубов Он слезе на земјата и скапо, многу скапо –  со Својата скапоцена крв – нè откупи од смртта! Он ги зеде на Себе нашите немоќи и ги понесе болестите (Матеј 8,17), бидејќи ги знае човечките страсти и слабости. Го знае и тоа дека човекот, во својата слободна волја, може да ја заборави светлината и да тргне по мракот. И тагува поради тоа, и ненаметливо нè повикува да бидеме милостиви, за животворните капки на Неговата милост да стасаат до нашето срце, да се отворат нашите духовни очи, та од темнина да преминеме кон светлина.

На прагот сме од Великиот Пост, кој, да повториме, е подготовка за Празникот, за најголемиот Празник – Пасхата, што токму тоа и значи: премин од смрт кон живот. Во пасхалниот канон на Воскресението пееме: „Од смрт кон живот и од земјата кон небото, Христос Бог нè преведе“. Меѓутоа, потребна е нашата согласност, нашето покајание, за да може Христос да нè возведе во небесните височини на неискажливата радост. Зашто Он сака да општи и да се радува со нас. Затоа и Човек стана. Сега на нас останува дали ќе Му дозволиме да нè обожи со Својата благодат. А секој Велик Пост претставува една мисловна скала, по која, ако чекориме правилно, се издигнуваме сè повисоко во духовните пространства и доаѓаме поблизу до Бога. Да тргнеме, најмили мои, по таа скала! Секако дека е потребен голем труд, искушенијата се тешки и многубројни, но целта е прекрасна: соединување со Бога во Неговата неизмерна радост. Светата Четириесетница, најстариот пост востановен од Црквата, е најблагопријатното време за човекот да се приближи до Бога. Затоа и се нарекува Велик: не само поради должината, ами уште повеќе поради значењето, бидејќи е крунисан со најсветите спасителни Христови Страдања и со Празникот над празниците, кој ја дава смислата на нашиот живот.

Се радувам што ве гледам овде, и да знаете, Бог ве избрал да бидете претставници што треба да се каат во името на сите што од незнаење грешат. И тоа не треба да ви биде за гордост, туку за одговорност, бидејќи Бог ве привел кон богопознание и сте должни да Го сведочите Него и на другите. Се разбира дека и покрај тоа што сме Негови, ние сме многу грешни, но знаме каде е нашето спасение, Го љубиме и Го бараме Него. А, Он нема никогаш да нè остави. Важно е само да се каеме и смируваме. Гледате колку често во молитвите извикуваме: „Господи, помилуј“, „Боже, смилувај ми се!“, „Помилуј ме, Боже, помилуј ме“, „Боже, очисти ме, грешниот, и помилуј ме…“ Нема човек кој не греши. Но, многу важно е да се пазиме особено од најголемиот грев, од тоа кога човек ќе престане да го разликува доброто од злото и кога потполно ќе се предаде на страстите. Накрај таквиот човек ќе го изгуби и умот, па ќе рече: „нема Бог“. Рече безумниот во срцето свое: Нема Бог” (Псалм 13,1). Ете тоа е најстрашниот грев. За сите други гревови, без разлика какви и да се, има прошка во Божјата љубов, меѓутоа, како би можел да добие простување оној што самиот се одрекува од неговото постоење?

Кога се трудиме во простувањето, кога им проштеваме на сите, ние постепено се уподобуваме на Бога во љубовта. Деновиве си размислував: да не беше Светото Евангелие и верата во Христа, немаше да сакам да помогнам на ниеден човек; просто немаше да сакам ни да живеам. Но, токму Христа и Неговото Евангелие ми беа единствената побуда да го посветам својот живот во служба на ближните. Го отворив срцето за секаков вид луѓе и им дозволив да влезат во мојот живот. Многупати и страшно пострадав поради тоа. Но, никогаш не дозволив да се затворам за другите, туку постојано ме водеше љубовта што Христос ја проповеда во Евангелието. Пред некој ден на некои мои духовни чеда им реков дека не верувам во хуманост без Христос. Лесно е да бидеш хуман од своето удопство, и да даваш милостина од својот одвишок; или да сострадуваш со луѓето, гледајќи на телевизија како тие страдаат; или, поминувајќи на улица да му фрлиш на некој сиромав некој денар, па да си кажеш: „ах, кутрите луѓе! Јас многу ги сакам, хуман човек сум“. Ама сосема друго е да се љубат тие вистински, искрено, без никаков надомест за возврат, без егоистична себеисполнетост; да ги примиш во своите животи, да им дадеш простор во своето срце, да го земеш оној кој пита и да го нахраниш дома, и да го жртвуваш своето време и удоволствие за да им помагаш на другите… Доколку ја немаш верата, тоа е невозможно. Затоа мислам дека нема вистинска хуманост без Христос. Единствено Он нè учи да бидеме милостиви на божествен начин: бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец (Лука 6,36). Особено, пак, да се трудиме во милосрдието во текот на деновите што следат.

Да Му ги преклониме нашите срца во покајание за сите! Ако некој, можеби, и не се чувствува доволно грешен и смета дека нема причина за покајание, тогаш нека помисли на сите оние што страдаат и грешат, далеку од познанието за Бога. Нека се моли и нека бара од Господ милост за нив, обвинувајќи се себеси за нивните гревови.

Во проповедта утрово говорев, меѓу другото, и за Татковината. И вечерва повторно ќе проговорам, бидејќи моето срце, еве, веќе две години, така да кажам, смртно се нажалува поради целокупната ситуација во Македонија. Не можам да се изначудам, гледајќи како без љубов се однесуваме кон свештеното нешто што ни го оставија нашите предци. Оваа држава, иако мала, родена е во многу крв. А денес, така евтино ја продаваме! Исто како што Јуда предавникот процени дека вреди само триесет сребреници Оној Кој на светот живот му даде. Но, и преѓе кажав, а и сега ќе повторам: не смееме никого друг да обвинуваме или осудуваме, бидејќи за лошата состојбата во која се наоѓаме, виновни си сме ние самите – прво јас, па потоа другите. Затоа, ова благопријатно време во кое Црквата нè повикува на пост, засилена молитвата и покајание, да заплачеме духовно и да се каеме. Се надевам дека Господ нема да нè остави, туку ќе постапи онака како што се надеваме на Него.

Добар пост и Господ сила да ви дава, да светлите со добри дела и што повеќе луѓе да се привлечат за Христа од таа светлина!