Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на вечерната богослужба на празникот Крстовден, во Обителта на Свети Георгиј Победоносец во Рајчица
Добре дојдовте, мили мои, на оваа празнична вечерна богослужба! Силата на Чесниот Крст нека ве закрилува сите вас и вашите ближни!
Во едно многу познато црковно стихословие, кое секогаш се чита после воскресното неделно Евангелие, ние исповедаме: Ете, преку крстот дојде радост за целиот свет. Но каква е таа радост? Секако, не суетна, овосветска. Таа е радост што доаѓа преку страдание. Да ја погледнеме претставата на светото Распетие. Што гледаме на неа? Милостивиот Христос, распнат, како сострадува со целиот свет, носејќи ја болката на сето човештво, со раширени раце ја прегрнува вселената, сочувствува со болката на сето создание. Токму таква е пораката на Крстот Господов, чиешто Воздвижение денес го празнуваме. Сострадание кон сиот свет, Божјо сочувство кон човекот. Такво е Божјото послание кон нас од денешниот празник, кога свештениците насекаде низ православните храмови го издигнуваат Чесниот Крст пред нашите очи – послание за љубов кон ближниот, сочувство кон нашиот со-човек. Зашто, што е тоа што нѐ трогнува кога го гледаме Крстот возвишен пред нас? Љубовта што Бог ја покажува кон нас. Секогаш кога го целивам крстот Господов, чувствувам и извесна болка, нешто коешто ме трогнува, ме тера да се замислам. Љубовта Божја. Зашто токму таму, на Крстот, најсилно заблеска љубовта Божја – на него, имено, најмногу се прослави Синот Човечки. Одејќи пред Своето доброволно распнување, на Апостолите Он им рече: Дојде часот да се прослави Синот Човечки (Јован 12,23). Гледате? Преку страданијата Он се прослави. Тоа е вечната порака од Крстот: преку страдание до вечна слава. Затоа никогаш да не го оставаме крстот, односно сите искушенија и страданија што ни се допуштени во овој живот, а секако, за нашето смирение. Трпеливо и благодарно да го носиме крстот наш, имајќи го пред очи сведоштвото дека животот на Христијанинот е крстовоскресен. Ако преку Крстот Христос донесе радост за целиот свет; ако преку Своите страданија причини избавување за сите нас, тогаш неминовно, после маките што смирено ги поднесуваме секојдневно, на крајот ќе дојде и радоста. Затоа нашиот живот го дефинираме како крстовоскресен. После распетието – нов живот, воскресение.
Нашиот прататко Адам отпадна од заедницата со Бога поради непослушание. Христос, Новиот Адам, од послушание кон Својот Отец, Сам Себе се понизи, послушен сè до самата смрт, смрт на крст (Филип. 2,8) и преку Крстот го спаси целиот свет. Затоа ве молам, секогаш да се потсетуваме колку на Бога Му се мили послушанието и смирението. Он нѐ повикува на послушание кон Него: Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце (Матеј 11,29) и ни заповеда да ги љубиме сите. Да се смируваме во нашите страданија, но и да сострадуваме со другите во нивните неволи. Како што вели Апостолот Павле, обраќајќи се кон Христијаните во Коринт: За сите станав сè, та на каков и да било начин да спасам некои од нив (1. Кор. 9,22). Со тажните плачев, со радосните се радував. Само оној човек којшто сострадува со својот брат, со својот ближен, тој навистина може да се нарече Христијанин.
Оној кој смирено го носи својот крст и го љуби сето творение Божјо, имајќи ја за пример љубовта Божја кон Своето создание; оној кој не прави различие на луѓето на вакви или онакви, на верници и неверници, на Јудејци и Елини, на различни нации, социјални слоеви, општествени положби… Синот Божји и Синот Човечки од Крстот и за оние кои Го распнуваа извика: Оче, прости им, зашто не знаат што прават! (Лука 23,34) Се молеше и за нив! Така и ние, мили мои Христијани, треба да се молиме за сиот свет, бидејќи, поседувајќи ја Христовата вистина, носиме најголема одговорност за сите и за сѐ.
Да не ја заборавиме, значи, сострадателната љубов кон секој човек на овој свет и кон целокупното создание Божјо. А тоа нешто, мораме да кажеме, денес многу ни недостасува.
Вечерва, созерцанието од прекрасната богослужба, како и сите настани што се случуваат денес во Православието, ме наведоа да зборувам токму за тоа – за сочувствителноста на Господа кон секого од нас. За тоа како Он покажа крајна љубов кон нас и како ние кои се нарекуваме Христијани сме далеку, за жал, од Неговата љубов. Ние сакаме да бидеме Христијани, се гордееме со тоа свето име, милуваме да се украсуваме со крстот, да одиме во храмот, но сепак, од нашите усти и мисли, наместо христијанско сострадание, љубов, молитва и прошка за сите – излегува осудување. Гледам како луѓе, некомпетентни и недоволно запознаени со учењето на Црквата Христова, со таква леснотија се дрзнуваат да осудуваат свештеници, монаси, владици, па дури и претстојатели и патријарси, и она што е најстрашно и недопустливо – критикуваат и осудуваат соборски одлуки! Особено на удар се одлуките на последниот Сеправославен собор во Крит! Можеби никогаш во историјата осудувањето не било толку присутно како сега. Само дрзок човек, кој изгубил секаква црковна совест и заедништвото со Христа, може така да се расфрла со клевети и обвиненија. Христијанинот, пак, кој живее крстовоскресно, не ја издигнува гордо својата глава во осуда на другите, туку смирено ги осознава своите сопствени гревови и знае што значи соборноста во Црквата. Тој сфаќа како во него дејствува стариот човек по Адама, којшто се распаѓа во лажни похоти и секојдневно војува против него. Доколку би се набљудувале повнимателно себеси, ќе забележиме како честопати му отстапуваме повеќе простор на егоизмот во нас, отколку на Христа. А повикани сме, преку распетието на сопственото его, страстите и гревовите, да Го вселиме Христа во нас, та да можеме заедно со Божествениот Павле да кажеме: Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене (Гал. 2,20). Ако навистина бидеме такви, тогаш неизоставно ќе дојде радост и за нас, а и за оние околу нас. Впрочем, според логиката на Христијанството, поважно е да им биде подобро на тие околу нас, а потоа и нам. Тогаш ќе можеме со чисто срце и ние со црковниот поет да воскликнеме: Ете, преку Крстот дојде радост за целиот свет!
Да сте живи и здрави. Крстот Божји да нѐ чува сите!