Мајко, Царице, слава ти!

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на празникот на Пресвета Богородица, пред почетокот на бдението во чест на нејзината чудотворна икона „Достойно естъ“

 

ечерва повторно ќе ги упатиме нашите молитви кон пресветиот лик на Богомајката. И, навистина, нам тоа толку ни е неопходно, бидејќи ние, духовно слаби и ранливи во своите христијански борби, во своите искушенија, постојано имаме потреба од сочувствителност и утеха. А после нашиот Господ, со нас најмногу сочувствува и сострадува Пресветата Богомајка, Која Господ ни ја подари како Мајка на целиот човечки род. Во своите најголеми страдања, распнат на Крстот, нашиот Спасител љубовно погледна кон Својата Мајка и покажувајќи на Својот ученик, Св. Јован Богослов, ѝ ги упати следниве зборови: „Жено, ете ти Син“, и истовремено на ученикот: „Ете ти Мајка“ (Јован 19,26-27). Со тоа, Он како да му се обрати на целото човештво рането од гревот и ни ја покажа Мајката, кон Која во неволјите ќе прибегнува сиот човечки род, и Која секогаш пожртвувано докрај ќе се застапува за сите кои веруваат во нејзиниот Син. И навистина, Таа како најтопла и најнежна Мајка, секогаш ги услишува молитвите на оние кои Го подражаваат нејзиниот Божествен Син. Гледате ли – Мајка! Вие сами знаете колку љубов и пожртвуваност се крие во тој збор, што значи мајката за своите деца. Зашто, децата, секогаш кога имаат потреба, своите прозби и барања најпрвин ги упатуваат кон својата мајка. А мајката, пак, со најголема нежност и грижа, трудејќи се во рамките на своите можности и сили, ги исполнува барањата на своите дечиња. Па така, кога тоа го прави секоја телесна мајка, колку неспоредливо повеќе прави за нас нашата духовна Мајка, Која е толку сострадална и сочувствителна кон сите нас, кога сме притиснати од искушенија и маки. Не штедејќи се, Таа неуморно ита да му помогне на секој христијанин и затоа во црковните химни, нашата премила Богородица се нарекува уште и заштитничка на родот христијански, неразрушлива стена и покров на христијаните. Царицата небесна е секогаш тука да нè укрепи, подигне и заштити од зло.

Свети Андреј Јуродив

Во житието на еден светител, Андреј јуродив, се вели дека тој од некој божествен патеводител бил однесен во небесните височини и му биле покажани сите оние убавини на небесниот град. Но, таму тој не ја видел Онаа Која е „почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите“. Горејќи од желба да ја види, го запрашал својот патеводител: „А, каде е Пречистата Богомајка?“ Божествениот патеводител му рекол: „Таа е долу на земјата, постојано им помага на сите што имаат потреба“. Токму затоа, треба секогаш да прибегнуваме кон Богородица, бидејќи Таа непрестајно бдее над нас, бескрајно се радува на нашите издигнувања кон небесата, се радува кога правиме подвизи, кога Го славиме Христа, а мајчински тагува, кога живееме во гревови и кога постојано паѓаме, не сакајќи воопшто да се подигнеме од понорот на гревот. Да ѝ се помолиме од срце и нашата молитва сигурно ќе биде услишана, Пресвета Богородица ќе биде со нас. Вечерва чувствувам дека Богородица е навистина со нас.

Еве, ќе ви кажам за тоа како монасите овие денови непрестајно се радуваа – и монахињите и браќата ми велеа: „Прекрасно, отец, ќе правиме бдение за Мама“. Тие така блиску ја чувствуваат Богородица, што навистина ја сметаат за своја Мајка. А таа е Мајка и на целиот христијански род.

Сакам да споделам со вас и нешто што деновиве го зборувавме на едно монашко собрание во женскиот манастир, што се нарекува синаксис. Разговарајќи со сестрите, им напоменав за тоа дека нашиот живот треба да биде непрестајна света Литургија. А животот да ни биде постојана света Литургија не подразбира само редовно посетување на црквите и причестување, туку непрестајна подготовка за Литургијата, преку нашето пожртвувано живеење и несебично, целосно давање на нашата личност на Црквата; ние треба да бидеме пожртвувани кон нашите ближни, треба постојано да сочувствуваме со сите, да помагаме, да бидеме гостопримливи, искрено да ја покажуваме својата љубов. Дури откако ревносно ќе се потрудиме во сите христијански добродетели, ќе можеме да се наречеме вистински христијани. Бидејќи Свети Апостол Павле вели: „Ние, христијаните, имаме ум Христов“ (Сп. 1. Кор. 2,16). А, ум Христов ќе стекнеме тогаш кога ќе научиме постојано да се жртвуваме, онака како што Он се жртвува Себеси за нас грешните, засекогаш давајќи ни пример на неприкосновена и бескрајно пожртвувана љубов. Доколку сакаме да бидеме вистински христијани, за нас нема друг пат. Затоа, ако сакате достојно и без осуда да се причестите, не губете време тогаш, мислејќи на неважни работи, како на пр. дали сте јаделе риба или маслинки, или масло и така непотребно заморувајќи се себеси и својот духовник, туку размислете во кој степен сте ги исполниле Христовите заповеди, дали во периодот пред светата Причест вистински сте биле пожртвувани и несебично сте му послужиле на ближниот во неволја, и дали сте Му ја посведочиле својата љубов на Христа, односно со колкава посветеност и љубов, молитвено сте се подготвувале пред некое бдение, или пред некој празник.

Нашата одговорност како Христијани е навистина голема. Ние секогаш треба да бидеме пример за другите со своето однесување, така што тие, гледајќи го нашиот љубовен однос да можат да кажат: „Еве, овој е дејствителен Христијанин, бидејќи знае да биде пожртвуван, знае да љуби вистински“. Е, тогаш на светата Литургија ќе можеме во полнота да се сретнеме со Христа. Тогаш, сведочејќи Го Христа и љубејќи до самозаборав, ќе можеме да кажеме дека живееме евхаристиски. Бидејќи што се случува на секоја Литургија? Доколку внимателно ги следите молитвите за време на Литургијата, ќе видите дека таа е, всушност, едно жртвување на Божјиот Син за светот. На светата Литургијата Христос доаѓа при нас во светот, се жртвува за нас, давајќи ни го најсветото, т.е. ни се предава Самиот Себеси во вид на вино и леб, а тоа е Неговото свето Тело и Крв, нашето најголемо осветување. Значи, потребна е постојана борба со себеси и својот егоизам, неуморно да се трудиме да Му се уподобиме на Христа. А во тоа најголема помошничка ќе ни биде токму Пресветата наша Владичица, Богородица. Неизмерна е нашата радост што вечерва сите го чувствуваме нејзиното присуство. А се радуваме и поради тоа што денес во толкав голем број притекнавте кон ова молитвено собрание, сите заедно да ја помолиме милостивата наша Богородица да го закрилува нашиот народ  и да нè запази од зло, та уште порадосно да ѝ воскликнеме „Мамо, Царице, слава ти. Биди со нас и со целиот род христијански“. Амин!