Успение и Воскресение на Мајката на христијанскиот род

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено пред почетокот на сеноќното бдение за Успение на Пресвета Богородица

 

Најнапред, најмили, најсакани мои, би сакал од длабочината на срцето да ви се заблагодарам што ве гледам сега во толку големо мноштво, во ова наше големо светилиште, кое со векови, како спасително пристаниште, го собирало нашиот народ, и каде тој ги оставал своите душевни скорби и притесненија и си заминувал утешен. А добивал утеха најмногу преку молитвите на Пресвета Богородица и на Свети Јован Крстител – нашите најголеми и неуморни молитвеници пред божествениот престол Господов.

Вечерва сме собрани да ѝ оддадеме почит, чест и слава на преславната Богомајка, Која на денешен ден заминала од овој свет, при Својот Син и Бог. Го славиме, значи, нејзиното сечесно во Христа упокојување, но, во исто време, и нејзиното од мртвите воскресение и вознесението на небото. За нас, луѓето, на земјата, после името Божјо, нема ништо друго повозвишено од називот на пречистата Дева Марија – Богородица. Онаа Која Бог ни Го роди, Која ни Го изобрази надсуштественото и предвечно Божјо Битие во тело човечко. Затоа, доволно е некогаш само да се спомне тоа име и во душата веднаш да се разлее топла утеха и смирение. Се сеќавам, во една прилика, кога се наоѓав во една внатрешна тешкотија, се соочував со силна духовна потиштеност, го замолив еден мој драг брат во Христа, владика, што многу го почитувам, да ми каже нешто утешително. И бидејќи сослужувавме на едно богослужение и немаше многу простор да се говори, тој тивко ми изусти само еден збор: Богородица. Во тој миг, верувајте, душата одеднаш ми се растопи од умиление и дојде насушната благодат. Колку голем дар има родот човечки во личноста на Мајката на Животот! Преку Неа Животот вечен влезе во долината на смртта; Таа се покажа како врата за Творецот во овој свет. Со тоа, Пресвета Богородица стана Мајка на целото човештво, на сите нас. Па затоа нејзините молитви секогаш биваат услишани од нејзиниот Божествен Син. Едноставно, Преблагословената била благословена со такво послушание, со такво назначение – да биде Мајка на христијанскиот род. Следствено, ниеден кој искрено пристапува кон Неа, со вера како кон Мајка, нема да биде оставен празен – неговите молитви ќе бидат услишани.

Изминативе посни денови, за време на манастирските канонски трпези, читавме извадоци од книгата Чудата на Пресвета Богородица. Верувајте, додека јадевме и слушавме за Богородичните чудеса, просто нè опфаќаше плач, силен плач… Особено четивото од вчерашниот ден ми остави неизбришлив впечаток – кога слушнавме за големите чудеса што Богородица, со сострадателноста своја, ги правела и кон оние што не верувале и се противеле на нејзиниот Син. Имено, вчера стануваше збор за неколку чуда што Сецарицата ги направила и со некои Евреи. Гледате ли колку е превозвишена нејзината милост кон целиот човечки род! Слушав за нејзините чуда и не можев да престанам да плачам…

Впрочем и ова братство и овие сестринства, нашата монашка заедница, како и сите вие денес, сте чудо на Пресвета Богородица. Пред да започне бдението, дел од монасите и монахињите влегоа во мојата игуменска одаја, си разговаравме за тоа колку е убаво, колку народ ни дошол, па, меѓу другото, сеќавајќи се како беше некогаш, им реков: „Пред околу две и пол децении, во Македонија воцрковени верници бевме, можеби, само околу педесетина“. А сега, само монаси и монахињи во манастирите од нашата епархија сме околу педесетина. Со сигурност ве уверувам дека тоа е чудо на Пресвета Богородица.

Деновиве, во неформална средба со архиереј од една соседна помесна православна Црква, разговаравме за состојбата на монаштвото во нашите земји, и тој одлучно констатира: „Тоа што го гледаме со монаштвото во Македонија е едно големо чудо!“ И несомнено е така. Чудо на Пресветата Владичица наша, Која е закрилничка на монаштвото. Улогата и местото на Богородица во животот на монасите е незамисливо огромна. Ние секогаш ја чувствуваме Нејзината особена заштита, прибегнуваме кон нејзината мајчинска закрила и биваме услишани, утешени, поткрепени, како вистински родени чеда – макар и недостојни – на големата Мајка.

Ве замолувам, да ги отвориме срцата свои вечерва за љубовта и милоста на нашата пресвета Богомајка, Која секогаш, со подготвеност да помогне, ги слуша нашите молитви. Да се помолиме, меѓу другото, и за нашата држава, која минуваше и минува еден тежок период, преоптоварен со разни испитанија…

Да сте живи и здрави и добро бдение на сите!