Слово на Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, изговорено на светата Литургија, во чест на светите првоврховни апостоли Петар и Павле на 29 јуни/12 јули 2025 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Мили мои, во Символот на верата Светата Црква ја исповедаме како апостолска. Зошто апостолска? Затоа што тоа не е само нејзина историска ознака, туку и нејзина суштина – таа е основана врз темелот на верата и сведоштвото на светите апостоли. Во денешното евангелие чувме како Господ ги прашува Своите ученици: „За кого ме мислат луѓето?“ Со ова прашање, Господ сакаше да го отвори нивното срце и да ја провери длабочината на нивното познание. Не поради тоа што Нему Му беше потребна потврда, туку за да им открие ним и на сите нас што значи вистинско исповедање на верата. Апостолите, како што знаеме, беа едноставни луѓе, повеќето неуки, луѓе со човечки карактеристики, рибари, митници, занаетчии. И токму меѓу нив се наоѓаше и апостолот Петар, чијшто спомен денес го празнуваме. Тој и неговиот брат Андреј беа рибари, но со срце кротко, искрено, непорочно и отворено за Бога. И кога Господ го праша: „А вие за кого ме мислите?“ – Петар одговори со длабоко и искрено исповедание: „Ти си Христос, Синот на Живиот Бог.“ И Господ веднаш му возврати: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата.“[1] Оти, за вистинското познание на Христа не е доволна само човечка логика, разум или образование. Потребно е просветление одозгора, благодатно допирање на срцето од страна на Светиот Дух, како би можеле да ја разбереме таа голема и возвишена тајна. А доказ за тоа гледаме и во истиот тој Петар, кој, откако Го исповеда Христа, подоцна, во миг на страв, се откажа од Него. Не затоа што беше лош, туку затоа што без благодатната сила човекот не може да остане стабилен во верата. Затоа и Црквата секогаш нѐ учи: сѐ што е добро, сѐ што е вистинско, е дар одозгора.
Словото на апостолите е вистинско чудо на светската историја. Силно е, полно со благодат. Тоа е слово кое оживотворува, кое преобразува. Замислете, дванаесет прости луѓе, без сила, без пари, без големо образование, без институции зад себе, тргнаа во тогашниот свет полн со систематски изградени философии, империи и идеологии – и го покорија целиот свет. Ниту еден философ, ниту еден мислител од древноста, не успеа да го допре срцето на човекот така како што тоа го направија апостолите. Учењето на Евангелието стана темел на целата западна и источна цивилизација. Сакале атеистите и денешниот свет тоа да го прифатат или не, историски факт е дека секоја добродетел, секоја вистинска хуманост, секоја жртвена љубов е заснована врз Христовото учење.
Гледаме, возљубени, дека денешна Европа, која е израсната и образувана врз темелот на христијанските вредности – нешто што, сакале или не, не може да биде порекнато – постојано зборува за соживот и толеранција меѓу луѓето, без разлика на нивната припадност, род, пол, вера или нација. Тоа, всушност, е гласот на апостолот Павле, кој вели дека во Христа „нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко – женско; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса.“ Од историјата и од Светото Писмо знаеме дека во времето на Христа ропството било општоприфатена реалност. Луѓето биле купувани и продавани како предмети. Но Христовото Евангелие почнало тивко, но длабоко да ја разјадува таа неправда. Многумина од оние кои поверувале во Христа, кога ја почувствувале благодатта и вистината, ги ослободувале своите робови, им дарувале слобода – нешто што претходно било незамисливо. Сетете се на Спартак, гладијатор во древниот Рим, кој со голема храброст се кренал против ропството, но не успеал да го промени светот. Неговата борба останала трагична и неостварена. А апостолите, тие пратеници Христови, без оружје, без власт, без политичка моќ зад нив, но облагодатени од Духот Свети, успеаја да го преобразат човечкото срце и преку него – целото општество. Зашто апостолското слово не беше само едно ново меѓу многуте учења; тоа беше живот, љубов, крст и воскресение. Нивната проповед беше потврдена со нивната крв. Апостолите не зборуваа за апстракции и идеи, туку сведочеа за Оној Кого Го видоа, Кого го почувствуваа, Кого Го допреа: Словото Божјо Кое зеде човечко тело, пострада во него и воскресна за спасение на светот. И кога Го видоа жив меѓу мртвите, тогаш ништо повеќе не можеше да ги поколеба. Тие знаеја: ако умрат за Него, вечно ќе живеат во Него. И така, тргнаа без страв, по целиот свет, проповедајќи Го Воскреснатиот. И го променија светот, и сè уште го менуваат. И денес нивниот глас одекнува и нè повикува да го примиме Христа, да Го љубиме, и преку Него да станеме чеда на слободата и на вечноста.
Секој човек кој ќе го прими евангелското учење, кој ќе ја прегрне во себе апостолската проповед, започнува да се преобразува. Се менува неговиот ум, се осветлува неговото срце, се просветлува неговиот поглед – се вперува кон она што е вечно, кон Царството Божјо. Таквиот човек не станува само подобар човек, туку станува љубов. Оти, љубовта – вистинската, несебична, распната љубов – беше токму она што апостолите го примија од Христа и што го проповедаа на секое место. Благодатта и силата на нивната проповед беше во тоа што тие ја сведочеа љубовта што ја видоа, што ја почувствуваа, со која се соединија. Тие не говореа само од знаење, туку од живот. Затоа и Господ рече: „Да Те познаат сите“, и „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.“[2] Зашто познавањето на Бога не е интелектуален чин, туку животно соединување, едно таинствено проникнување со Него. Токму тоа се случува и во Црквата. Ние, преку светата Литургија, преку светите Таинства, се соединуваме со Христа. Како што апостолите се соединија со Него, како што Му останаа верни до смрт, со увереност дека преку страдањето ќе живеат. И потоа, целата историја на Црквата е исполнета со нивни ученици, со нови апостоли: Свети Игнатиј Богоносец, свети Иринеј Лионски, свети Атанасиј Велики, свети Григориј Богослов… сите тие не само што го проповедаа Словото, туку и го запечатија со својата крв.
Колку е силно тоа Слово! Толку силно што го менува човечкото срце, дури и кога му се нуди, не удобност, не сигурност, туку крст. Црквата не нè лаже, таа не ни нуди романтизам, туку подвиг и борба. Ние, пак, со трепет, благодарност и решителност, го прифаќаме тој крст. И Христос ни претскажа: „Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“[3]; „И ќе дојде време кога секој што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба.“[4] Истото е и денес. Повторно Црквата Христова, особено на Исток, во Месопотамија, во Сирија, се облекува во порфирата на мачеништвото. Повторно, додека се принесува светата Евхаристија, додека се изговараат молитвите на љубовта, се пролева крв. Нови маченици, нова слава, нова победа на Крстот Господов. Да не заборавиме: крстот, гонењето, страданието – сето тоа е привилегија на оние кои Го познале и Го љубат Христа. Зашто таму каде што има љубов, таму има и жртва. А каде што има жртва, таму веќе светат зраците на Воскресението.
Светите Апостоли, возљубени, нè повикуваат да бидеме вистински христијани – не по име, не по обичај, не по навика, туку по живот, по дух, по љубов. Денес, за жал, тешко можеме да кажеме дека мнозина од оние што се нарекуваме христијани навистина сме такви. Станавме формалисти. Си создаваме свои перцепции за Христа, за Евангелието – таков Христос каков што нас ни одговара. Заглавени сме во формалности, во надворешности, правила, постови, канони, јурисдикции – а љубовта? Таа е заборавена. Христос од Евангелието, Кој слезе од небесата, дојде да прости, да возљуби, да го спаси човекот. Во лицето на апостолите ги гледаме карактеристиките на целиот човечки род, неговите слабости. Колкава доверба им даде Господ! А сепак – еден Го предаде, другиот се одрече, и тоа оној најревносниот, најпламениот. Останатите, пак, се разбегаа. Ете, тоа сме ние луѓето. Но Бог не се откажа. Он ги прегрна, ги повика, ги испрати како Свои пратеници и преку нив го преобрази светот. И денес, Он ги повикува оние кои сакаат да бидат Негови, да Го љубат, да Го сведочат, да живеат за Него. Кога некој навистина ќе се вљуби во Христа, тогаш не може да не говори за Него, да не Го славослови, не може да не живее за Него. Животот му станува исповед на таа љубов. Да, како луѓе паѓаме, грешиме, имаме слабости – но ако Го поставиме Него над сè, Он никогаш нема да нè остави. Гледаме, Господ не ги отфрли апостолите по нивниот пад, туку ги врати. Петар, кој три пати се одрече од Него, трипати го запраша: „Петре, Ме љубиш ли?“ – не за да го посрами, туку за да го излекува. И кога на третиот пат Петар нажален Му одговори: „Господи, Ти сè знаеш; Ти знаеш дека Те љубам“, тогаш Господ му го довери Своето стадо: „Паси ги овците Мои.“[5] Каква тајна! Господ Христос преку љубовта, му го врати достоинството. И со истата таа љубов му даде сила да ги понесе немоќите на другите, да ги покрие нивните гревови, и да ги води не со строгост, туку со срце полно со прошка и сожаление. Така Он ја гради Црквата Своја; не врз праведноста на човекот, туку врз љубовта. И само преку љубовта, пастирот станува вистински носител на крстот.
Денеска навршуваат пет години откако, по неспознатливата Божја милост, бев удостоен со големиот архиерејски чин. И тогаш плачев, а плачам и сега. Зашто, чувството на недостојност не се намалува, туку се продлабочува. Колку повисоко стои човек во Црквата, толку поголеми стануваат и искушенијата. И не можам, возљубени, да кажам дека сè што направив во овие пет години беше добро. Многупати се сопнав, многупати паднав, згрешив. Но една ми е утехата – зборовите што Христос му ги упати на Петар: „Ме љубиш ли?“ И навистина, некогаш нема што друго да Му дадам, да Му принесам, да Му кажам, освен: „Те сакам! Те сакам! Те сакам, ама немам сила. Немам сили да направам сè што Ти сакаш и што јас би сакал заради Тебе.“ Ништо повеќе. И тогаш, како апостол Павле, си велам: „Го правам она што не го сакам.“
Но не смееме да останеме во падот. Христос нè повикува: „Станете!“ – како што некогаш им рече на Своите апостоли. Секој од нас може и треба да стане. Секој е повикан. Гледајте, што беа првите апостоли? Обични рибари. А излегоа пред мудреците на светот, пред философите и царевите, и сите овие им се поклонија; не ним, туку на благодатта што ги озари. Беа исполнети со Светиот Дух, деца на Троичниот Бог.
И ние, возљубени мои монаси и монахињи, сме апостоли. Секој што го облекол расото, секој што Му го предал животот на Христа, е Негов пратеник. Каква одговорност, какво страшно достоинство! Да се носи тоа соодветно, потребна е многу љубов, многу смирение, многу покајание. Но ете, утехата е голема: Господ, од најобични и најпрости луѓе, создаде столбови на Црквата. Апостол Петар, прост рибар; апостол Павле – голем законик и учител во еврејската традиција. Во денешно време, него можеме да го споредиме со некој голем професор по теологија. А сепак, отпрвин тој ја гонеше Вистината. И Господ му се јави на чудесен начин, го ослепе телесно, за да го просветли духовно. И тогаш, во тој свештен миг, го праша: „Савле, Савле, зошто Ме гониш?“[6] – и го призва кон крштение, кон преобразување, кон светителство. И тој, дотогашниот гонител, стана најголем учител и проповедник на Евангелието Христово, и накрај пострада за Христа. А Петар? Тој, кој се одрече од Христа, на крајот побара да биде распнат со главата надолу, сметајќи се себеси недостоен да умре како својот Учител. Ете, од такви луѓе, со слабости и падови, но и со голема љубов, Бог ја создаде Црквата.
Мили мои, да Го возљубиме Христа повеќе од сѐ! Да Го возљубиме со онаа љубов со која Го засакаа светите апостоли, коишто и животот свој го положија заради Него. И ако така Го љубиме, тогаш и ние ќе бидеме светилници, патоказ за другите, не само со зборови, туку и со животот свој. Зашто оној кој живее според Христа и во Христа и другите ги воведува кон Нето, покрива многу гревови, свои и на ближните. Тоа е нашата цел: да живееме во Христа, да дишеме со Него, да бидеме едно со Него. И, спасувајќи ја душата своја, да послужиме како мост за спасение и на другите.
По молитвите на светите и славни првоврховни апостоли Петар и Павле, Господи Исусе Христе, Боже наш, помилуј нè и спаси нè. Амин.
[1] Матеј 16,13-16.
[2] Матеј 28,19.
[3] Јован 15,20.
[4] Јован 16,2.
[5] Јован 2,15-17.
[6] Дела 9,4.