Бигорски – претеча на нашата државност

Обраќање на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, одржано при доделувањето на Орденот за заслуги за Македонија, во Претседателската резиденција на Водно, 15 октомври 2020 лето Господово

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Почитуван Претседателе на Република Северна Македонија, г. Стево Пендаровски

Ваше Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан

Почитуван Претседателе на Владата, г. Зоран Заев,

Ваши Високопреосвештенства и Преосвештенство,

Почитувани претставници од Владата,

Преподобни и чесни отци,

Возљубени гости,


Дозволете ми, најнапред, срдечно и топло да му се заблагодарам на почитуваниот Претседател г. Стево Пендаровски, како и на сите останати што придонесоа годинашнава голема сеопшта радост за нашиот народ – 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир, да се збогати и со овој чин – одликување на Свештената Бигорска Обител на Чесниот Претеча со високото државно признание: „Орден за заслуги за Македонија“. Со ова почесно одликување, всушност, нашата држава покажува дека умее да го препознае и да го вреднува, меѓу другото, и она што, според зборовите на Светото Писмо, е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, она што е добродетел, што е за пофалба[1].

Светиот Бигорски Манастир, не само што веќе еден милениум ги озарува овие простори со зраците на Божјата светлина и светост, со словото на Божественото Евангелие, туку низ историјата одгледал бројни духовни и општествени дејци заслужи за нашите современи духовност, образование, култура и државност – нешто што беше нагласено пред малку и во иницијативата за одликување.

Значајно е тоа што во време на духовна, морална и просветна ерозија насекаде околу нас, кога многу традиционални вредности се поткопани или релативизирани, кога искуството на предците е до крајност занемарено, се оддава голема чест на една институција, би рекол поскоро, на еден жив богочовечки организам, којшто цели илјада години ја одржува плодната клима за обожение на богокопнежливите единки на нашата благословена македонска почва. Со благословот и молитвеното застапништво на чесниот и славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Свети Јован, Бигорската Обител и денес успешно и непрекинато ја одржува богослужбената и евангелско-просветна хомеостаза во нашето општество.

Христијанската традиција, просветлението и животната мудрост, зачувани во илјадагодишното наследство на Бигорската повест, а кои истовремено се поистоветуваат со свештеното православно предание на Црквата од Исток, се единствениот применлив и плодотворен одговор на современите тенденции за обесчовечување на човекот, изразени преку агресивното навлегување на современата технологија, и особено, на социјалните мрежи во сите пори на секојдневниот живот. Соочен со бездушната тиранија на т.н. вештачка интелигенција, денешниот човек сѐ повеќе го губи својот богоподобен образ, се осамува, станувајќи жртва и дел од обезличената и бесцелна толпа. Тоа доведува до создавање на една нихилистичка антикултура, исполнета со ширење на омраза, со исмевање на она што е свето, со релативизирање на вистинското добро. Секојдневно сме сведоци на девалвирање на вредностите што се дел од човекот, и му се прекупотребни, сведоци сме на разноразни клевети, озборувања и лажни вести, коишто причинуваат сериозна штета во психо-соматскиот систем на човекот, а особено на младите.

Ете зошто денешното високо одликување од страна на највисоката државна институција на древниот Бигорски Манастир, како место на постојана молитва и патоказ за духовна ориентација, испраќа силна порака во нашето општество, за тоа дека калта на овој свет не може да го засени блесокот на златото, кое ја одразува светлината на Божјата убавина, на благородството и на љубовта. Под злато го подразбирам севкупното христијанско наследство и светото православно предание, коишто иако навлегуваат длабоко во минатото, тие ја имаат истата благодатна преобразувачка сила и во сегашноста, а истовремено се и авангарда на иднината, согласно опитното сведоштво на Апостолот Павле, кој вели дека Исус Христос е ист вчера, и денес, и во веки[2].

Меѓутоа, за жал, зраците на оваа вечна вистина честопати не можат да ги пробијат облаците на овдешните лаги, суети и страсти, токму поради самите нас, Христијаните, и особено поради некои од нас во свештениот клир на Црквата. Напати се чини дека го забораваме повикот што Христос го упати кон Своите ученици: Вие сте светлината на светотвие сте солта на Земјата[3]. А ако солта ја изгуби силата, тогаш не можеме да очекуваме дека некој друг и нешто друго ќе ги посоли човечките души со благодатта Божја, благодат што осветува, што ослободува, што ги успокојува и исцелува раните во душите на луѓето. Раздорите и борбите за доминација во православната екумена, во обид да се прескокне, па дури и урне веќе востановениот канонски поредок и преданието во однос на првенството во Црквата, говорат дека кај некои навистина облутавела солта на љубовта, којашто е единствениот надградувачки фактор во Црквата и во меѓучовечките односи, воопшто.

Сепак, нема сила што може да ја засени Божествената светлина на Божјото откровение во Православната Црква и таа секогаш наоѓа начин да се пробие во мракот и во меланхолијата на суетното суштествување во овој свет. Јасен показател за тоа е дејноста не само на Бигорскиот Манастир, во чија слава сме собрани сега, туку и на целокупната наша помесна православна Црква. Во контекст на ова, искрено ја поздравувам поддршката на државниот врв за конечното решение на отвореното прашање со признавањето на нашата света Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, со што нашата држава покажува црковна зрелост и духовна еманципираност.

Накрај, како игумен на Свештената Бигорска Обител, би сакал уште еднаш да му се заблагодарам на Претседателот г. Стево Пендаровски и на неговите соработници, за високото државно одликување, со кое им се оддава чест на недобројните бигорски отци, учители и дејци, коишто во текот на цели десет столетија ги оприсутнувале Христовата светлина, радоста, просветата и љубовта, правејќи го Бигорски оска на небесни и земни случувања, претеча на нашата државност, срце на нашата духовност.

Ви благодарам на вниманието! На многаја лета!


[1] Филип. 4,8

[2] Евр. 13,8

[3] Матеј 5,13-14