Богословието на светлината и патот на обожението

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено во Манастирот на Свети Георгиј Победоносец во Рајчица, на Вечерната богослужба во чест на споменот на Свети Григориј Палама, во втората недела од Светата и Велика Четириесетница, на 2/15 март 2025 лето Господово


Возљубени во Христа браќа и сестри,

Според благоволението на седобриот Бог, влегуваме веќе во третата седмица од Светата и Велика Четириесетница – благословениот период на духовен подвиг, на очистување, на засилена молитва, на добротворење на патување кон Воскресението. Во оваа втора недела од Постот Мајката Црква нè повикува да си спомнеме за еден голем светилник на православната вера, наречен уште „проповедник на Божјата благодат“ – Светиот Григориј Палама, Солунскиот Чудотворец.

Минатата недела, во Неделата на Православието, си спомнавме за победата на вистината над лагата, за триумфот на верата над сомнежот, за потврдата на почитувањето на светите икони во животот на Црквата Божја. А сега, во оваа втора недела, си спомнуваме на оној кој не само што ја бранел вистината со својата богословска мудрост и вишно вдахновение, туку и лично ја живеел, ја сведочел, ја проповедал со силен дух и дела и ни оставил јасен патоказ за автентично православно искуство и живеење. За величието на овој Христов великан сведочи и фактот дека, иако Светата Четириесетница е најдревниот пост со веќе востановен поредок во времето кога се појавил Свети Григориј, подоцна отците одлучиле втората недела од Постот да му ја посветат токму нему, како на еден врховен богослов, со чиешто учење се заокружува дефинирањето и објаснувањето на вистинските догмати на верата.

По потекло од Мала Азија, но израснат во Константинопол, градот што во тоа време бил не само престолнина на Ромејската Империја, туку и симбол и средиште на христијанскиот свет, Свети Григориј израснал од угледно и богато семејство. Неговиот татко бил сенатор, близок советник на царот Андроник, и од најраните години, на Свети Григориј му била отворена можноста за блескава политичка кариера, за образование во најдобрите школи, за угледна положба во општеството. Но тој, како оној кој ја познал вистинската философија, ја препознал суетноста на световната слава и успех. И така, тој го направил она што на овој свет му изгледа несфатливо, а всушност е возвишена мудрост: го напуштил Константинопол и заминал во Градината на Пресвета Богородица, во Светата Гора Атонска, таму каде што монасите ги оставаат зад себе сите илузии на светот, за да ја најдат единствената вистинска реалност – заедницата со Бога. Се разбира, не бил прв, ниту последен што го направил овој избор. Впрочем, тоа е изборот што го направиле сите светии, сите што разбрале дека „сѐ ми е дозволено, но не е сѐ полезно“ (1. Кор. 6,12). Тоа е изборот што секој од нас е повикан да го направи во својот живот во духовна смисла – да не се приврзува и острастува кон она што е минливо, а да се прилепува кон Оној Кој е вечен.

Денес, значи, преку споменот на Свети Григориј Палама, Црквата Божја нѐ повикува да размислуваме за најдлабокото, за највозвишеното прашање во нашиот живот општо, а тоа е прашањето за нашата заедница со Бога, за обожението, за она што го нарекуваме искуствено познание на Неговата несоздадена светлина. Во времето на Свети Григориј Палама, во XIV век, се појавила една голема расправија во христијанскиот свет – прашањето за тоа како човекот може да Го познае Бога, да дојде поблиску до Него. Дали само преку разумот, преку интелектуално богословие, преку анализи и учења, или, пак, Бог може да биде непосредно искусен, како светлина што го осветлува срцето на човекот. Оваа теолошка расправа што ја иницирале неколку претставници на тогашната западна мисла прераснала во суштински спор меѓу Истокот и Западот. Западните теолози, потпирајќи се врз рационалистичкиот, схоластички пристап, тврделе дека Бог може донекаде да се спознае само преку учење, преку човечкиот разум. Но Истокот, каде што живата Црква развила едно силно мистично богословие, каде што монасите и духовните аскети преку добродетелта и молитвата искуствено општеле и се соединувале со Бога, Го живеел Него на еден сосема поинаков начин. Опитните подвижници знаеле – не само со разумот, туку и со целото свое битие – дека Бог не е само објект на интелектуални студии, на рационална дијалектика, на схоластичката ерудиција, туку Он се открива, се јавува, влегува и дејствува во срцето на човекот преку Своите несоздадени божествени енергии. Монасите на Света Гора, меѓу кои и Свети Григориј Палама, го живееле ова таинствено познание на Бога преку добродетелниот живот и непрестајната молитва. Нивната цел била обожението, преобразувањето на целокупниот човек преку благодатта Божја. Тие знаеле дека Бог по Својата суштина е непристапен, невидлив, неспознатлив, но дека Он се открива преку Своите нестворени енергии – исто како што Сонцето по суштина е недостижно за луѓето, но неговите светлина и топлина ги чувствуваме сите, ги гледаме, ги примаме во себе и живееме преку нив. Токму затоа оваа расправија не била само интелектуална дебата, туку прашање од суштинско значење за спасението на човекот. Да Бог беше апстрахиран, затворен некаде на небото и да можеше Он да биде донекаде спознаен само преку човечкиот разум, интелектуално, тогаш како ќе беше возможно човекот да стане свет, да се освети, да се обожи, да Го познае Бога суштински и искуствено?

Ова сериозна дебата во христијанскиот свет ја допрела секако и самата Света Гора Атонска, и токму тогаш, во еден решавачки момент, Пресвета Богородица, Кoja непрестајно се грижи за спасението на човештвото, му се јавила на Свети Григориј Палама во видение и му заповедала да ја излева благодатта што е во него и врз другите и да ја одбрани вистината. И оттогаш тој не останал повеќе сокриен во тишината на својата келија. Богородица го повикала да ја одбрани верата, и тој се вклучил во расправијата, не со човечко мудрување, туку со искуството на живиот Бог. Тој посведочил пред целиот свет дека Бог по суштина е навистина недостижен, но дека преку Своите несоздадени енергии Он снисходи кон човекот, се вселува во него и му дава живот и обожение. И затоа добродетелите и молитвата се центарот на христијанскиот живот, преку кои се привлекува обожувачката Божествена благодат. Преку неа, човекот не само што разговара со Бога, туку и реално Го доживува и се соединува со Него. Светогорците особено го чувствувале и го живееле тоа преку повторувањето на многу познатата Исусова молитва, кој гласи: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“. Тоа било во согласност со богословието на Светиот Апостол Павле кој поучува дека треба да се молиме непрестајно. А исто, и големиот столб на Црквата, Свети Јован Златоуст, додава, велејќи: молете се непрестајно преку целиот ден, од утро до вечер, а ако е можно и преку целата ноќ. Значи, доколку човек ја практикува оваа молитва, придружена со добри дела на милосрдието, тогаш неговото срце – и додека умот спие – куца во духот на оваа молитва. Оти, таа не е само една обична реченица. Таа е крикот на човековата душа кон Бога. Таа е воздухот што ја оживотворува христијанската душа. И како што учи Свети Григориј Палама, како што сведочи целото предание на Црквата, оној кој со искрено срце и покајание ќе ја практикува оваа молитва со благослов на својот духовен отец, постепено ќе Го почувствува Бога во своето срце, ќе Го гледа на таинствен начин, ќе ја созерцува Неговата несоздадена светлина, ќе го прима животот што Он го дарува.

Значи, возљубени, гледаме дека оваа исихастичка расправа не е само една епизода од црковната историја. Тоа не е само некој древен спор од XIV век. Ова е суштината на нашиот живот и вера. Ние сме создадени за да Го видиме Бога, да станеме учесници во Неговата светлина, да се обожиме. Затоа, Свети Григориј Палама не е само еден учител од минатото време, за кого ние денес само си спомнуваме, правиме комеморација. Тој не е само богослов на една одамна завршена расправија. Он е жив сведок, светилник што и денес блескаво свети од небото, покажувајќи ни го патот кон Царството Божјо. Црквата не го чествува само како историска фигура, туку и како наш современик во духовна смисла, како учител кој и сега громогласно говори, кој и сега ни сведочи дека постои пат кон Бога, постои начин човекот да се преобрази, да се освети, да се обожи, да стане жител на Рајот уште додека е на земјата.

Затоа, во овој период на Светиот и Велик Пост, кога сите ние се подвизуваме со воздржание, кога постиме телесно, но уште поважно – кога се трудиме да постиме духовно, да ги очистиме своите срца од страсти и помрачувања, Свети Григориј ни стои како жив и светол показател. Црквата ни го дава како живо и реално сведоштво дека човекот не е создаден за земното, туку за небесното. Но, што значи тоа за нас денес? Што значи да се угледаме на него? Дали само да го почитуваме, да говориме за него, да го славиме? Не! Тоа значи да го усвоиме неговиот пат, неговото созерцание, неговата молитвеност, неговата добрина и сострадание, неговата пожртвуваност, неговиот стремеж кон Бога. Затоа постиме, затоа се воздржуваме, затоа се трудиме – не само заради некаква дисциплина или телесна полза, туку за да ја постигнеме највозвишената цел: обожението, заедницата со Бога.

Следствено, постот не е само воздржување од храна, не е само подвижништво на телото. Постот е повик кон преобразување. Кога ќе одземеме нешто од себеси, треба да го исполниме со нешто повозвишено. Ако постиме, но не стануваме милостиви – тогаш нашиот пост е залуден. Ако воздржувањето од храна не нѐ учи на воздржување од осуда, од суета, од гордост – тогаш не сме го разбрале постот. Но, она што е најважно – нашата цел не е само добродетелноста и моралноста, туку обожението. Ние не се трудиме само да бидеме добри и морални луѓе, туку да станеме жители на Рајот уште овде, на земјата. Како што Свети Григориј го замени земното за небесното, така и ние сме призвани да го живееме овој земски живот како пат кон вечноста во Христа. Црквата нѐ повикува во овие свети денови да размислуваме подлабоко. Да ја освестиме својата цел, да ги очистиме своите срца, да го преобразиме својот ум, да ги озариме своите души. Свети Григориј Палама ни покажа дека ова е возможно. Тој ни покажа дека човечката природа, расслабена од гревот, може да се исцели, да се обнови, да се исполни со светлина, со благодат, со Божја слава. Тој ни сведочи дека човекот може да стане син Божји, „бог по благодат“, да се соедини со Христа, да стане светилник на Божествената светлина.

Возљубени, ова е нашата цел! Затоа, во оваа вечер, во овие свети денови, да размислуваме, да созерцуваме, да се молиме, да чекориме по патот што Свети Григориј Палама ни го покажува. И така, со секој изминат ден, со секој подвиг, со секое молитвено воздивнување, да се искачуваме уште една скала повисоко во духовниот свет, чекорејќи поблизу до Христа. И да не заборавиме: целта на човекот не е земна, туку небесна. Човекот не е создаден за привремено постоење, туку за вечно суштествување.

Нека Светиот Григориј Палама ни биде наш постојан спомагател, наш тајноводител кон таа возвишена цел и нека ни биде пример и патоказ кон спасението и обожението. Амин.