Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на празникот Сретение Господово, на светата Литургија во манастирот Пречиста Кичевска, на 2/15 февруари 2026 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Мили мои, седобриот Бог и оваа година нѐ удостои да го прославиме празникот на Неговото Сретение – настан од земскиот живот на Спасителот Господ Исус Христос, многу значаен и поучен за нас. Имено, по четириесеттиот ден од Рождеството, Богомладенецот Исус бил однесен од Пресвета Богородица и Јосифа во Ерусалимскиот храм, за да го исполни Законот[1]. Зашто, по излегувањето на Израилците од Египет, според Мојсеевите одредби секое машко првородено дете требало да биде посветено на Бога со благодарност[2], за да се сеќаваат на она големо и страшно чудо, со кое Бог го скршил суровото срце на фараонот.
А настанот е следниов. Бог му соопштил на Мојсеја дека ќе помине низ Египет ангел-погубител и дека ќе умре секое првородено во египетската земја, од фараоновиот првороденец, кој би требало да седи на неговиот престол, до првороденецот на робинката, која се наоѓа покрај мелничкиот камен; а ќе загинат и сите првородени на добитокот[3]. А Израилците добиле заповед од Бога секое семејство да заколе јагне и со неговата крв да ги помажат довратниците и горниот праг на своите домови, за ангелот-погубител, минувајќи, да ги одмине тие домови и да не ги погуби нивните првородени. И така и станало: на полноќ ангелот ги поразил сите првородени во египетската земја – од првородениот син на фараонот, до првородените рожби на добитокот. И тогаш, најпосле, се скршило срцето на фараонот, па го отпуштил Израилот.
Бог благоволил да се сеќаваме на тие големи настани за спасението на човечкиот род со благодарност. Затоа било одредено секое првородено машко дете да биде принесено во храмот на четириесеттиот ден и да биде посветено Нему[4]. Така и нашиот Спасител денеска беше одведен во храмот од Пресветата Богородица и праведниот Јосиф Обручник, за да ја исполнат таа одредба на Законот. И беше принесен во храмот Создателот на храмот и беа принесени жртви во името на Оној Кој се принесе себеси во жртва за светот – „две грлици или две гулапчиња“[5], како што Законот определил за сиромашните.

Голема длабочина има, мили мои, тоа што овој празник се нарекува Сретение Господово – средба, бидејќи Христос во храмот се сретна со една необична личност, со старецот Симеон Богопримецот. Според црковното предание, овој праведен старец живеел повеќе од триста години. Имено, се смета дека тој бил еден од седумдесет и двата учени преведувачи на Светото Писмо од еврејски на старогрчки јазик.
Историјата за тоа е следнава. Египетскиот цар Птоломеј II Филаделф (285–247 пр. Хр.), синот на Птоломеј I Сотер, кој бил еден од најблиските војсководци на Александар Велики, пожелал да ја збогати својата прочуена Александриска библиотека со сите книги што постоеле во тогашниот свет. А и самите Евреи во Александрија – оној голем град во Египет, кој го основал Александар – веќе го заборавиле еврејскиот јазик и зборувале помеѓу себе на старогрчки јазик, кој во тоа време бил главниот јазик на комуникација во целиот цивилизиран свет. И така, замолен од александриските Евреи и водејќи се и од својата лична желба, Птоломеј го замолил ерусалимскиот првосвештеник Елеазар, кој избрал седумдесет и двајца учени мажи – по шестмина од секое од дванаесетте Израилеви колена – коишто требало да го преведат Светото Писмо на старогрчки јазик. Тој превод е познатиот превод на Седумдесетте, односно Септуагинтата.
И кога праведниот Симеон, преведувајќи ја книгата на пророк Исаија, стигнал до зборовите на пророштвото: Ете, Девојка ќе зачне и ќе роди Син[6], се посомневал, прашувајќи се како е можно девица да роди. Имено, во еврејскиот јазик зборот алма (עַלְמָה, ʿalmāh) обично се употребувал за млада немажена девојка. И бидејќи според природните закони девица не може да роди, Симеон помислил дека тука станува збор за некоја грешка на препишувачите, па намислил да го измени зборот и да преведе на грчки со зборот ’жена‘. Но, токму пред да го стори тоа, му се јавил ангел Господов и му рекол: „Нема да вкусиш смрт сѐ додека со своите очи не го видиш исполнувањето на ова пророштво и не Го видиш Христа Господов.“[7] И затоа, по промислата Божја, свети Симеон го превел тоа место во Септуагинтата со грчкиот збор партенос (παρθένος) – ’девица ‘, со што пророштвото на Исаија се зачувало во полнотата на своето значење.
И следствено, овој учен и побожен човек, исклучително благочестив, наречен и Богопримец, затоа што подоцна се удостои во своите раце да Го држи Христа, чекал во храмот толку многу години. Бил навистина исклучителна појава којашто будела чувство на свештен трепет и страхопочит, и сите го познавале. Преданието вели дека бил бел како лебед, со долга и голема брада, и долго чекал да дојде часот, го очекувал исполнувањето на ветеното.
И токму на овој ден, четириесет дена по Божик, Го здогледал со своите очи Спасението на Израил, а и на целиот свет. Светиот Дух му открил дека во храмот доаѓа Оној Кој е поголем од храмот и тој отишол при Детето, Го примил во своите прегратки и ја искажал онаа последна и возвишена молитва: Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Владико, според зборот Свој,зашто очите мои го видоа спасението Твоешто си го приготвил пред лицето на сите народи; светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израил[8].
Размислете, мили мои, колкава длабочина се крие во овие зборови! Старецот вели: сега го отпушташ Својот слуга во мир. Тоа значи дека тој едвај чекал да замине од овој привремен свет со надеж, зашто знаел дека за човечкиот род ќе дојде Воскресение, дека смртта не е последниот праг. Затоа вели: во мир. Знаел дека тоа не е крајот, туку почетокот, зашто тоа Дете ќе стане Воскресение на светот, ќе го спаси Израила – односно, сите оние кои ќе поверуваат во Него. Зашто имало и такви од Евреите – првите апостоли биле Евреи, многу христијани произлегле од еврејскиот народ – но и многу други народи што дотогаш им се поклонувале на идолите, а потоа Го прифатиле Христа. Затоа и Симеон рече: „светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ Израил“. Со тоа, тој потврди дека тоа витлеемско Младенче е воплотеното Слово Божјо – Оној Кој во Стариот Завет се јавувал низ праобрази и слики – Еден од Светата Троица, Синот Божји, Кој сега дојде во времето, прими плот и стана Човек како еден од нас. И Он е Спасителот на светот.
Исто така, праведниот Симеон, благословувајќи ги Јосифа и Пресвета Богородица, им кажал чудни, но и страшни работи. Особено пророкувал за Пресвета Дева Марија: И на Тебе Самата меч ќе Ти ја проободе душата[9]. Тоа значело дека таа ќе види големи маки – ќе мора да Го гледа Својот Син прогонуван, измачуван, распнат на Крст и погребан.

Но има и нешто друго многу значајно, што е поучно за сите нас. Свети Симеон рекол уште за Христа: Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот, и за знак против кого ќе се зборува[10]. Чудно! Зарем Господ дојде да го раздели светот? Зарем дојде да направи раздор? Не – туку сите оние кои по слободната волја ќе Го изберат, ќе се издигнат; а сите оние што ќе Го отфрлат, ќе паднат. И самиот Господ кажа: Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч[11] – се разбира, не меч од железо, туку раздел меѓу оние кои Го прифаќаат и оние што Го отфрлаат.
Така било во Христовото време, и така е и до ден-денес. Он е знак против кого се говорело и се говори. Едни Го величале и Го славеле, ја разбирале Неговата мисија; други, пак, Го хулеле и се соблазнувале. Едни од Евреите, од Неговиот род по плот, се погубиле; други се издигнале. Исто така и меѓу паганите – мнозина од нив станале нов Израил. Светите отци учат дека во Стариот Завет светот бил поделен на Евреи – правоверни, и на другите, наречени Елини или пагани, сите оние што не Го познавале вистинскиот Бог. Но сега, во новозаветната благодат, свети апостол Павле ни сведочи: Нема веќе Јудејци ни Елини, нема роб ни слободен, нема машко ни женско, зашто сите вие сте едно во Христа Исуса[12]. Сите оние кои веруваат во Христа се нов народ, нов род – новиот Израил, една нација во Христа.
И така, возљубени, да внимаваме каде Го поставуваме Христа во нашиот живот. Оти ние кои редовно одиме во црква, може да си речеме: ние Го знаеме Христа, ние Му се обраќаме, ние Го бараме за помош нашиот Бог, го знаеме Христовото име. Но сепак, доколку немаме добри дела, доколку не живееме во добродетелна љубов и милосрдие, тогаш не сме вистински христијани. Затоа апостол Јаков вели: „Верата, ако нема дела, е мртва сама по себе“ и: „Јас ќе ти ја покажам својата вера по своите дела.“[13] А свети Максим Исповедник, тој голем богослов и исповедник на верата, следејќи го апостолското и светоотечкото предание, е уште подециден. Тој во своите творенија учи дека верата без дела е мртва, но дека и делата без вера се исто така мртви – зашто не се вистинска добродетел, туку само привид на добродетел[14]. Верата без дела останува празна мечта, а делата без вера се лишени од Божјиот Дух и се сведуваат на суетно човечко дело. Страшно е тоа, мили мои! Така што, секој кој мисли дека е христијанин само на збор, тој во суштина не е христијанин. Верата и делата не се две нешта – тие се едно дишење на душата.
Токму тоа пророштво што го кажа свети Симеон се исполнува низ целата историја. Гледајте да бидете на правата страна – на страната на оние кои, во името Христово, преку смирение, преку љубов, преку добри дела, се издигнуваат. Зашто Христос не бара од нас само да Го исповедаме со уста, туку да Го живееме со целото свое битие. Не секој кој Ми вели: ’Господи, Господи!‘ ќе влезе во царството небесно, туку оној кој ја твори волјата на Мојот Отец небесен[15].
Денеска, пак, мили мои, толку убаво се поклопува со празникот и предвиденото Евангелие за денешниот неделен ден, неделата на Страшниот суд. Се наоѓаме една седмица пред светиот и Велик пост, и секогаш една седмица пред неговиот почеток се чита Евангелието за Страшниот суд[16]. Господ во ова Евангелие толку јасно и толку едноставно објаснува каков ќе биде критериумот на последниот Суд. Чудесно е тоа! Го чувте: на крајот, Судот Божји ќе ги оддели луѓето како што пастирот ги одделува овците од козите – едните од десната страна, другите од левата. На тие од десната ќе им рече: „Дојдете, благословени од Мојот Отец, наследете го Царството, приготвено за вас од создавањето на светот. Зашто гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте; странец бев и Ме примивте; гол бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во темница бев и дојдовте кај Мене.“

И потоа следува она смирено прашање од Божјите слуги – од оние кои оделе во храмовите, кои правеле милостина, кои ги љубеле своите ближни, најнапред во семејството, а и сите луѓе. Не мора секогаш пари да давале, та да бидат милостиви. Милостината не се состои само во пари и во материјални добра. Милосрдие се и убавите зборови, трпението, тоа да ги понесеш своите ближни, да ги положиш во молитвите пред Христа, да го подметнеш рамото свое кога ближниот твој – таткото, мајката, синот, ќерката, пријателот, колегата – кога се нервозни, кога имаат некаков проблем. Лесно е да врескаш и да викаш. Но милосрден е оној кој ќе створи мир, кој ќе биде миротворец. Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји[17]. Миротворството произлегува од милосрдието; сите добродетели се како скалила, поврзани помеѓу себе. И затоа, видете: тие слуги Божји се смирени. Иако целиот живот оделе во црква, правеле добри дела, сепак, се сметаат за достојни да Го видат Господа. Мислат дека никогаш не Го виделе Господ на земјата, освен на иконите. И затоа Го прашуваат смирено: „Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме? Или жеден и Те напоивме? Кога Те видовме странец и Те примивме? Или гол и Те облековме? Кога Те видовме болен или во темница и дојдовме кај Тебе?“ А Он им одговара: „Вистина ви велам: доколку сте го сториле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го сториле.“
Гледате – во секој човек е Христос Бог! Затоа, пазете кога ќе озборувате, кога ќе се карате. Многу е тоа изразено во нашиот народ – таа омраза која нѐ убива. А омразата и зависта се убиство! Знаете, првото убиство на земјата настана поради завист: Каин го уби својот праведен брат Авел, зашто му завидуваше оти неговата жртва беше добра и примена од Бога[18]. И свети апостол Јован пишува: Секој што го мрази својот брат е човекоубиец[19]. Пазете се од омразата, пазете се од зависта, и тогаш ќе бидете спасени.
Господ го дарува Царството небесно на последниот Суд и кажа со Својата уста: нема да ни ги брои постовите, нема да ни ги брои метаниите. И овие се добри, и ние сето тоа го правиме, но само ако произлегува од љубовта ќе биде примено, а не од формализам и фарисејство. Нема тоа Господ да ни го набројува; ќе ни набројува колку бевме милосрдни кон своите ближни – а тие ближни се Самиот Христос. Кон секој ближен, кон секој со-човек.
И чувме како ќе им рече на тие од левата страна: „Одете од Мене, проклети, во огнот вечен, приготвен за ѓаволот и за неговите ангели! Зашто гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте; странец бев и не Ме примивте; гол бев и не Ме облековте; болен и во темница бев и не Ме посетивте.“ И тие, не заборавајте, и тие се луѓе од Црквата, луѓе кои Го знаат тоа. И еве го горделивото и страшно прашање: „Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или гол, или болен, или во темница, и не Ти послуживме?“ Се оправдуваат веднаш! Велат: да ни кажеше некој дека Христос е во болница или во затвор, ние ќе трчавме, зашто многу Те сакавме! Зар не правевме метании? Зар не ги постевме сите пости? Да, но кога излегуваат од црква се караат со сите, завидуваат, озборуваат и мразат.
И затоа Господ ги кажува тие страшни зборови. Господ кој е Љубов, кој стана Човек заради нас, им вели: „Не ве познавам!“ Страшна работа, мили мои! Нека нѐ протресе ова и нека нѐ разбуди. Зашто Великиот Пост е пред нас – време за покајание и за преобразување на нашиот живот. Да не останеме само на зборови, туку да живееме во љубов и милосрдие, за да бидеме удостоени да застанеме оддесно на Христа, Судијата наш, и да го наследиме вечното Царство.
Гледајте, возљубени, да не се разминеме со Христа во овој живот. Свети Симеон ни покажа дека Он беше во неговите прегратки – Младенецот кој е „за паѓање и подигање на мнозина, и знак против кого ќе се зборува.“ Мнозина Го примија и се издигнаа; мнозина Го отфрлија и паднаа. Нека не бидеме меѓу оние кои се разминале со Него! И видете како Црквата грижливо нѐ подготвува за светата Четириесетница. Гледајте како сите празници се испреплетуваат и како целото црковно предание има една единствена цел – да нѐ подготви за спасението. Видовте како зборовите на свети Симеон – за паѓањето и подигањето, за мечот низ душата на Пресвета Богородица – ги надополнува Господ со поуката за страшниот Суд: каков ќе биде тој Суд и колку е всушност милостив кон оние кои живееле во добрина и љубов. „Дојдете, благословени од Мојот Отец, наследете го Царството, приготвено за вас од создавањето на светот.“ Сѐ е поврзано, мили мои, сѐ нè води кон Единиот Христос.
И на крајот, нешто што секогаш ме трогнува на овој празник. На деветтата песна од Канонот на Сретението се пее еден чудесен стих, поврзан со пророштвото на Исаија. Свети пророк Исаија е наречен старозаветен евангелист, бидејќи тој има толку големи и прецизни виденија за животот на Христос, што во некои делови како да се чита самото Евангелие. На пример, тој предвидел сè што ќе се случи на Голгота[20]. Но, покрај тоа, светиот пророк Исаија имал и едно друго, величествено видение: Го видел Господа на славата, како седи на висок и возвишен престол. Пред Него жртвеник полн со жарови, со оган, и ангели; Серафими летале околу Него и околу огнот, викајќи: Свет, свет, свет е Господ Саваот! Целата земја е полна со Неговата слава! И во еден миг, еден ангел Серафим одлетал кон Исаија, зел со клешта жар од огнот на жртвеникот, се допрел до устата на пророкот и му рекол: „Еве, ова се допре до твоите усни, и гревот твој е избришан, и беззаконието твое е очистено.“[21]
Што сака да ни каже ова пророштво? И зошто денес тоа се пее и се чита на Сретението? Заради тоа што, мили мои, Бог дојде како Дете, се роди како нас, живееше како нас – „во сè сличен на нас освен во гревот“, беше распнат, беше погребан, воскресна, и најважното: ни се даде за храна. Зашто што е тоа што и овде, на Светата Литургија, наскоро ќе го осветиме во путирот? – Жар! Оган! Самиот Христос! Светите отци – свети Кирил Александриски и свети Јован Дамаскин – учат дека оној разгорен јаглен со кој Серафимот ги очистил устите на Исаија е праобраз на светата Причест: Божествениот оган кој нè очистува и нè обожува[22]. А таинствената клешта, пак, е симболичен приказ на Пресвета Богородица која ни го роди Божествениот Жар преку кого се очистуваме и спасуваме
Нашите баби не знаеја многу теологија, ама слушаа од добрите свештеници – кои ги имавме многу, и по селата, и секаде – и секогаш мојата баба велеше: „Причеста е оган! Причеста е Самиот Господ! Пази како пристапуваш!“ Знаете, во времето на отоманската власт, мнозина свештеници биле пострадани, и луѓето се причестувале ретко – само четирипати во годината, покрај сите постови. Тоа не беше правилно, разбирливо е, но видете како тие баби го знаеја тоа од пророштвата – знаеја дека Бог е како оган! Зашто нашиот Бог е оган кој пали[23].
Светата Причест, возљубени, е таа што нас нè очистува. И еве, свети Симеон денес како Дете Го гледаше Божествениот Оган; дојде време Божествениот Оган да биде помеѓу луѓето, да стане Човек, и на крајот да ни остави заповед: „Земете, јадете, ова е Моето Тело“ и „Пијте од неа сите, ова е Мојата Крв на Новиот Завет, која се пролева за вас и за мнозина, за проштевање на гревовите“[24]. Тој Оган нè спасува и нè очистува – исто како и оној жар што ги очисти устите на пророкот.
Да сте сите живи и здрави и од Бога благословени! Имаме уште една седмица до Чесниот пост. Благодарам на сите што сте овде. Сега, да продолжиме да се молиме заедно, зашто следуваат најубавите молитви на светата Литургија. И за скоро најголемиот, најубавиот и најсветиот пост, овенчан со Воскресението Христово. Нека нѐ удостои Бог да стасаме до него. Амин.
[1] Лука 2, 22.
[2] Исход 13, 1-2; 13, 11-16.
[3] Исто, 11, 5.
[4] Исход. 13, 2; Левит 12, 2-8.
[5] Лука 2, 24; Левит 12, 8.
[6] Иса. 7, 14.
[7] Сп. Лука 2, 26.
[8] Лука 2, 29-32.
[9] Исто, 35.
[10] Исто, 34.
[11] Лука 2, 34.
[12] Гал. 3, 28.
[13] Јак. 2, 17-18.
[14] Свети Максим Исповедник, Послание за светиот Символ на верата; Слово за подвижничкиот живот, 34.
[15] Матеј 7, 21.
[16] Матеј 25, 31-46.
[17] Матеј 5, 9.
[18] Битие 4, 3-8.
[19] 1 Јован. 3, 15.
[20] Иса. 53
[21] Иса. 6, 3 и 6-7.
[22] Свети Кирил Александриски, Толкување на пророк Исаија; Свети Јован Дамаскин, Точно изложение на православната вера, IV, 13
[23] Евр. 12, 29.
[24] Матеј 26, 26-28.











