Мачеништвото како привилегија на секој Христијанин

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, за споменот на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, изговорено на Светата Литургија во истоимениот Храм во Струмица, на 11 декември 2022 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги владико и Старче наш, дедо Наум,

Почитуван Епископе г. Јаков,

Почитуван градоначалниче г. Костадин Костадинов,

Почитуван евроамбасадоре г. Дејвид Гир,

Возљубени браќа и сестри,

Голема е денес мојата благодарност што сум поканет да присуствувам на ова архиерејско сослужение. Ќе ги искажам чувствата на своето срце. Ме опфаќа свештен трепет и возбуда што сум во градот кој ме поврзува со најубавите моменти од возобновувањето на монаштвото во нашата Црква. Возглавител на оваа епархија е токму Старецот и духовниот татко на возобновеното монаштво во нашата најсвета Црква. Некогаш, на Света Гора, ние првите монаси што отидовме откај нас го сретнавме токму него таму, на подвиг во Григоријатскиот Манастир. И тој стана наш поттик, а можеби и најголемата причина и ние да посакаме да се подвизуваме во Светата Гора Атонска. И така, оттаму започна сè.

Но најважното е во тоа што, по молитвите на Пресвета Богородица Милостива од Манастирот Елеуса и по молитвите на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, токму дедо Наум ја возглави како Митрополит оваа епархија и стана татко на многу монаси и заштитник на сите нас, кои тргнавме по тој свет монашки пат, особено важен за Светата Црква. Кога учев во Богословијата беше времето на атеистичкиот период. Немаше општежително монаштво кај нас. Нашите професори таму постојано ни зборуваа дека монаштвото е најважното нешто во една Црква и дека без монаштво и не ни може да постои Црква. Тоа тогаш не го разбирав доволно, но кога самиот станав монах и кога започна обновата на монаштвото овде во Струмица, во Бигорски Манастир, во Зрзе и во другите манастири, сфатив зошто Црквата не може без монаштвото. Монасите станаа првите духовни татковци на воцрковените Христијани. Можеме слободно да кажеме дека монасите ја изградија живата Црква во нашата Македонија.

Негово Преосвештенство, Епископ Антаниски, г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител

Денес ги прославуваме Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, заштитниците на вашиот град. Повеќето од вас сигурно го знаат нивниот маченички подвиг, нивното страдање токму во овој град. Денес сме собрани на местото каде што била пролеана нивната крв, на темелите од стариот средновековен храм и со благодарност и молитва стоиме во овој возобновен храм. Крвта на мачениците е темел на Црквата. Свети Кирил Ерусалимски вели: Црквата ги нарекува маченици оние кои се подвизуваат до душа и крв и коишто пострадале за славата Христова. Маченик е оној кој волно ја поднесува телесната смрт, за да остане верен во исповеданието на верата во Христа. Како поука, мили мои, од маченичкиот живот на овие Свети Петнаесет можеме да го извлечеме тоа дека не само тие, туку и сите ние како Христијани сме повикани да Го сведочиме Христа со својот живот. Секој од нас на секој можен начин во својот живот, без разлика на околностите, е повикан да Го сведочи Својот Спасител Христос. Без да смета на тоа какви ќе бидат последиците од јавното исповедање на Христа. Зашто мачениците пострадале како резултат на нивното силно верување во Христа и на јавното исповедање на тоа верување. Кога настапиле такви околности во кое Христијанството било прогонувано, така што се сметало за злосторство дури и некој да каже дека е Христијанин, тие непоколебливо ја исповедале својата вера и така се овенчале како светии во Црквата Христова. Затоа денот на нивното мачеништво Црквата го смета за нивни роденден, затоа што од тој момент започнал нивниот вистински живот. Оти, целта на христијанскиот живот, а и на секој човечки живот во овој свет, е  спасението на душата.

Денес од Евангелието чувме дека Бог, човекот кој собираше само богатство на земјата, го нарече безумник. Затоа што, видовме, откако по Божја промисла, собрал многу богатства, дадени од Господа, за да се ползува за добро во неговиот живот и за спасението негово, тој си помислил: Ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра и ќе ѝ речам на душата своја: „Душо, имаш многу добра, насобрани за многу години; почивај, јади, пиј и весели се!“ Меѓутоа Господ му рекол: Безумниче, ноќва ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе му остане? (Лука 12,18-20) Па така, гледаме дека најважно во животот е човек на прво место да го стави спасението на својата душа. Затоа Христос во Евангелието вели: Зашто, каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа? (Матеј 16,26)

Мачениците го направиле токму тој избор: тие Го поставиле Христа над сè и затоа станале Негови сожители во Царството Небесно и ни помагаат денес и чудотворат. И не заборавајте дека привилегијата да Го исповедаат Христа не е само на Мачениците, туку тоа е призив на сите нас, да бидеме сведоци на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Монаштвото е мачеништво со духовна крв. Учителите на монаштвото, големите Отци, поучуваат дека монасите даваат духовна крв, како би примиле дух.

Мислам дека Светите Петнаесет Тивериополски Маченици се особени застапници на македонското монаштво, бидејќи токму од оваа епархија започна нашето современо општежитие. Уште еднаш му се заблагодарувам на нашиот Митрополит и Старец, дедо Наум, што ме повика да служам како епископ заедно со него, дотолку повеќе што јас некогаш на Света Гора бев еден од неговите послушници. Со овие мисли сакам да ја завршам оваа своја кратка беседа, како и со молитвите кон Светите Петнаесет Тивериополски Маченици, нашите заштитници на Небесата, молејќи ги да се застапуваат за нашето монаштво, да се молат за верниот народ, та сите заедно да стоиме силни во верата и да Го исповедаме Христа до крајот на нашите животи.

Амин!