Светите Петнаесет како пример за духовната слобода

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Стобиски г. Јаков, за споменот на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, изговорено на Светата Литургија во истоимениот Храм во Струмица, на 11 декември 2022 лето Спасителово

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Дозволете ми, свештен соборе, да ве поздравам од името на нашиот свет Владика, Митрополитот Струмички г. Наум; најнапред почитуваниот евроамбасадор г. Гир, почитуваниот градоначалник на општина Струмица, г. Костадинов, господа градоначалници на соседните општини, господа советници, господа пратеници, возљубен народе Божји, чеда духовни на светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици и најнапред, да не заборавам, голема благодарност до Епископот Антаниски г. Партениј, викарен Епископ на Митрополитот Дебарско – Кичевски г. Тимотеј, наш драг брат и сотрудник на нивата Господова, којшто направи радоста наша да биде полна со своето присуство и со присуството на дел од своето братство, кое е нашироко добро познато.

Епископот Партениј зборуваше поприлично за делото и за жртвата, и за времето и историјата на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, но и за она што е уште позначајно – нивното место во вечноста, пред престолот Божји, таму каде што нашиот Небесен Отец подготвил место за секој еден од нас. Но ние Струмичани, пред сè, треба да знаеме дека на тоа место, коешто е огромно, има место за секого еден од нас, стигнуваме и го добиваме по нивните молитви, заради тоа што словото на вистината – Евангелието и Богочовекот Христос, Когошто тие Го сведочеа и за Когошто умреа, тие го засеаја во нашите краеви и направија да расте. Го натопија и го наводнија не со нешто друго, туку со својата маченичка крв. Ние имаме исклучителна одговорност да останеме нивни достојни духовни чеда, а тоа е возможно единствено ако и ние самите станеме автентични сведоци Христови во овој свет. 

Негово Преосвештенство, Епископ Стобиски, г. Јаков

Она што го кажав синоќа на Вечерната, а е во контекст и на денешното Евангелие коешто го читавме, за Христос, Кој вели: Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно (Јован 6,51), е тоа дека мора да знаеме оти скапо сме платени. Откупени сме со животворната крв на Единородниот Син Божји. И таа наша слобода е посведочена низ времето и низ историјата од многу свети Маченици коишто умреле за верата. И не поради нешто друго, туку поради тоа што, согласно зборовите на Свети Апостол Павле, не сакале и не прифаќале да станат робови на светот. Ја знаеле цената со којашто се откупени, со која се платени. Тоа е единствениот пат да останеме достојни, верни чеда на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, да не стануваме робови на луѓето, на процесите во овој свет и на овој свет општо. Заради тоа што Бог подготвил за нас место коешто се добива со крв маченичка.

Епископот Партениј рече дека монасите го продолжуваат маченичкиот етос во Црквата и автентично го сведочат. И не само монасите, туку секој еден од вас, драги мои браќа и сестри, овозможува продолжување на маченичкиот етос доколку живее согласно со Евангелието. Оној кој живее согласно Евангелието, тој никогаш не му се допаѓа на овој свет. Тој секогаш е повикан да ја сведочи таа вистина дека скапо сме платени, скапо сме купени, и дека овој свет не е нашата вистинска татковина. Но, исто така, во своето срце не дозволува да се роди антагонизам и омраза кон овој свет, туку во своето срце го прегрнува сиот свет и се моли за него, за Бог да го спаси. Живее автентично во Црквата, којашто е единствената шанса и единствената можност за овој свет. Можност за спасение, можност за преобразба. А во тој процес ќе помогнеме, како што нè учи нашиот Владика сите овие години наназад: ако самите се преобразиме, ако самите се охристовиме. Оти, секој автентичен Христијанин е продолжување на Христос низ вековите и низ историјата. Само така ќе останеме верни чеда на Светите Петнаесет и само така нема да ги ожалостиме, а ќе ги оставиме слободни, за во својата огнена љубов кон Бог да се молат и за нас пред престолот Божји.

Бог да ве благослови сите и по молитвите на нашиот свет Владика, на Светите Петнаесет, на Мајката Божја, на сите Светии на Црквата, Бог да ни даде сè што ни е потребно.