Свети Климент – проповедник на слободната совест

На 08.12.2022 година, денот кога го славиме споменот на сепреподобниот и светол проповедник, светиот Климент Охридски Чудотворец, во ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј.
По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја п


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Денеска го прославуваме свети Климент Охридскиот Чудотворец, на кого е посветен овој манастир. Како што знаеме, тој е голем проповедник на словото Божјо кај словенските народи. Тој особено го проповедал словото на нашите предци во Македонија во IX и X век. Светото Евангелие секогаш ги учи луѓето да Го следат својот небесен Учител, Господ Исус Христос. Тој има изговорено многу поуки, а светите апостоли ги имаат запишано во Евангелието. Христос ги учи луѓето постојано да се предаваат на волјата Божја. Во најубавата молитва Господова се вели: „да дојде Царството Твое, да биде волјата Твоја како на Небото така и на Земјата” (Мт. 6, 10). Покорувајќи се на волјата Божја, човекот постанува Божји соработник, во неговото постојано создавање. Вклучувајќи се во Божјата работа, човекот постанува слободен и ослободен од страв, било од луѓе било од разни неприлики. Таквиот човек се чувствува постојано во заедница со Бога и во прегратките Божји. Ако дојдат опасности во животот, па дури и опасности од смрт, таквиот човек се чувствува сигурен. Свети апостол Павле вели: „Било да живееме или да умираме, за Господа живееме и за Господа умираме, ние Му припаѓаме на Господ. Според тоа живееме ли, умираме ли, Господови сме” (Рим. 14, 8). Тука важен услов е човек да почувствува внатрешен склад на своите сили и волја, како и полнота на својот живот во своето благодатно делување. Тогаш таквиот човек се чувствува среќен и задоволен.

Многу е важно во каква средина живее човекот. Околината и луѓето влијаат на неговото чувствување или расположение, однесување и спротивставување. Според тоа, во голема мера човековата среќа зависи и од заедничарењето со луѓето. Многу повеќе, пак, од тоа, во човековата среќа имаат удел духовните средби, кои луѓето ги доживуваат со светителите Божји. Затоа и го славиме и прославуваме големиот Божји угодник, духовен учител и просветител и покровител на Охрид – свети Климент Охридски Чудотворец. Денеска сме дојдени во овој свет манастир, за да се сретнеме со Бога, а во исто време да се соединиме духовно и со свети Климент Охридски. Како што знаеме, изминати се повеќе од осум века откако живеел и делувал на овие простори. Но, силната вера негова силно гори и осветлува, а неговата помош стигнува до сите кои му се обраќаат со искрена вера и бараат негова помош.

Никој не може да го усреќи или унесреќи човекот како гласот на неговата совест. Никој на овој свет не може вас да ве казни, осуди, унесреќи – како вашата совест. Исто така, никој не може да ве награди, усреќи и расположи како совеста. Кога не би постоел никаков друг доказ дека Бог постои, постоењето на човековата совест е доволен и јак доказ. Светиот апостол Павле вели: „нашата пофалба е ова: сведоштвото на нашата совест, дека со простодушност и искреност пред Бога, а не со телесна мудрост, туку со Божја благодат живееме на светот, особено, пак, меѓу вас” (2 Кор. 1, 12). Најголема награда за човекот е кога неговата совест сведочи дека неговиот однос кон Бога е исправен и дека сѐ што работи или прави го чини според волјата Божја, особено кога се во прашање луѓето околу него. Тука е најголемата животна среќа. Тука е вистинската слава за која луѓето многу чезнеат. Секоја друга слава од овој свет е преодна, краткотрајна и незначајна. Божјите угодници затоа, не барала и не примале никакви овоземни богатства и слава, туку се труделе, севкупниот свој живот да го предадат на служба на Бога и луѓето. Таков е и денешниот славеник свети Климент. Тој од младини Го засакал Господа, и се приклучил кон своите свети учители, Кирил и Методиј во Моравската мисија во денешна Чешка. Таму заедно го проповедале словото Божјо на разбирлив словенски јазик. Но, неговото најголемо дело кое започнало во Моравија, продолжило со уште поголем интензитет во Охрид и дало голем резултат во сеењето на словото Божјо.

Да се обратиме со искрена молитва кон свети Климент, за да ни помогне и ние да доживееме средба со Бога преку неговите молитви. Да се угледаме на неговата силна и непоколеблива вера, на неговата извонредна духовна личност и на неговиот прекрасен пример во светост и побожност. Тој со неговото молитвено застапништво да ни помогне пред Бога, па и ние да ги најдеме патиштата кои што не водат кон лична среќа во овој свет. Уште повеќе, пак, да се најдеме во заедницата со Божјите угодници кои го изоделе овој пат со помош Божја. И ние да се обратиме кон свети Климент, за тој да биде наш патеводител во овој живот, за да спечалиме вечно блаженство, сега и во сета вечност. Амин!

Свети Климент Охридски

Плаошки манастир „Свети Климент и Пантелејмон”, Охрид

08.12.2022 г. 

Извор: Дебарско-кичевска епархија