Мајката на Светлината – наш совршен пример за созерцание и за служење

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, за празникот Успение на Пресвета Богородица, изговорено на Светата Литургија, по читањето на Евангелието, на 28 август 2024 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Да Му благодариме на Бога, возљубени мои, што и оваа година нè удостои, во радост и духовно веселие, соборно да го прославиме сечесното и славно Успение, Воскресение и Вознесение на Пресветата Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија. Неслучајно Црквата го нарекува овој празник „летна Пасха“, бидејќи зборот Пасха значи премин, а овој ден за Пресветата наша е токму тоа – вистински премин од смртта во животот, од овој привремен свет во вечниот, каде што сега се наоѓа во рацете на Својот Син и Спасител, Господ и Бог наш Исус Христос.

Всушност, она што ќе се случи со сите нас Христијаните, се случило со Богородица предвремено. Таа, како прва меѓу нас, како најсвета од сите светии, прва и била вознесена во славата на Небесата. Оти сите ние се спасуваме преку Христа, но телата на покојните, вклучително и на светителите, пребиваат во гробовите и го чекаат своето воскресение. Да, смртта за нас Христијаните е успение, премин во вечниот живот; душата продолжува да живее во Господа, но нашите тела се претвораат во прав, чекајќи го второто Христово доаѓање и општото воскресение. Кај Пресвета Богородица, пак, заради нејзината безмерна чистота и светост, Бог не дозволил  тело да ѝ се распадне како кај секој покојник. По три дена од нејзиното Успение, Бог ја воскреснал Својата Мајка и го вознел нејзиното пресвето тело на Небесата, каде што Таа обитава во неизречива слава и чест, покрај својот Син. Така, Пречистата, пребива таму пред сите нас, за да се застапува за светот, за сите оние кои со љубов и вера ја повикуваат.

Ете зошто во тропарот на празникот Успение со радост пееме: „Во Успението светот не го остави, Богородице“. Таа е нашата Мајка, наша Заштитница, Која никогаш не нѐ остави, туку и по смртта живее и продолжува да се застапува за нас, за нашето спасение и за нашата радост во Бога. Исто така, во тропарот ние пееме дека Богородица и при раѓањето го запазила своето девство. Оваа неизмерна тајна на нејзината вечна девствост е сведоштво за чудото на Божјата промисла и за обилното присуството на Светиот Дух. Затоа на нејзините икони гледаме три ѕвездички – на челото и на двете рамена, кои го означуваат ова чудо и тајна: нејзиното запазено девство пред, за време и по раѓањето на Христа. Тие ѕвездички се и знак дека Пресвета Богородица била осенета од Светиот Дух, носејќи го во себе Оној Кој е над сите и Кој дојде во светот, за да го спаси човештвото.

Пресвета Богородица ја почитуваме преку Христа, возљубени, затоа што сè што е Таа, е токму заради Него. Дева Марија е личност којашто сецело, со сето свое битие, Му се предала на Бога. Четивата што ги чувме од Светото Писмо и кои Црквата ги одредила за овој празник, не се нималку случајни. Навидум, овие две четива, апостолското и евангелското, немаат некоја  директна врска со Пресвета Богородица. Но, ако внимателно слушаме, сфаќаме дека токму преку Неа се остваруваат најголемите таинства на нашата вера. Пред малку слушнавме од Апостолот Павле, како тој во своето послание до Филипјаните, со возвишен теолошки јазик говори за Христа, за Неговото воплотување и за Неговото понижение: Иако беше во обличје Божјо, сепак не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога; но Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето; и по вид се покажа како човек (Филип. 2,6-7). Значи, Бог се понизи Себеси, се испразни од Својата Божествена слава, зеде тело еднакво со нашето, за преку Него ние да можеме да станеме божествени по благодат. Бог стана човек за човекот да стане бог, и тоа се случи токму преку Богородица. Погледнете колку длабока и силна врска има ова апостолско четиво со Мајката на нашиот Бог! Светите Отци мудро одредиле токму на празникот на Нејзиното Успение да го слушнеме ова послание, затоа што единствено преку Христа ние стекнуваме правилна слика и почит за Богородица. Станувајќи Мајка на нашиот Бог, Таа стана и Мајка на целиот свет. Неа ја почитуваме како Мајка на светлината, но не заради некоја нејзина единствена добродетел, туку затоа што Таа беше соработничка и сотајник на Бога во спасението на родот човечки.

Богородица е учесница во тајната на Светата Троица за нашето спасение. Преку Неа, Христос дојде во светот, преку Неа ние добиваме пристап до спасението и преку Неа стекнавме посиновение од Бога. Затоа, и ние самите сме повикани да станеме соработници во своето спасение, преку Светата Евхаристија и преку нашата посветеност во тајната на Божјата љубов и милост.

Во второто четиво, евангелското, слушнавме за настанот кога нашиот Господ Исус Христос го посетил домот на сестрите Марта и Марија. Мајката Божја во тоа четиво се споменува само на крајот, кога една жена од народот, слушајќи ги зборовите Христови, ја возвеличила Пресветата, извикувајќи: Блажена е утробата што Те носела и градите од кои си се хранел (Лука 11,27).

Но евангелскиот настан со Марта и Марија има длабока симболика за нашиот духовен живот. Двете сестри ги претставуваат, всушност, двете важни димензии во духовниот живот на Христијаните – теоријата и праксата, созерцанието и служењето – кои треба да бидат обединети во нашето постоење. Марија била таа која Го слушала Господа со внимание и љубов, додека Марта со голема ревност им прислужувала на сите, трудејќи се да Го угости Христа. Во животот на Пресвета Богородица овие две димензии, созерцанието и служењето, ги гледаме совршено обединети. Таа не само што Го гледала и Го слушала Христа како Мајка Негова, туку и Му служела на највозвишен начин – станувајќи Негов дом, давајќи Му ги своето тело и крв. Преку нејзиното совршено содејство со Светиот Дух, се роди Синот Божји. Таа била и созерцателка и служителка, обединувајќи ја теоријата со праксата, молитвата со делата. Ние треба да ја подражаваме Пресвета Богородица и да се потрудиме во својот сопствен живот да ја најдеме таа рамнотежа меѓу молитвеното созерцание и активната служба, зашто само тогаш ќе можеме да учествуваме во тајната на спасението и да Му угодиме на Бога.

Така, возљубени, ова ни е пример дека во нашиот живот треба не само да го слушаме сето она на кое се учиме во Црквата, што го читаме во светото Евангелие и за кое се молиме, туку и да го применуваме. Најважното во животот е да се раздаваме себеси за другите. Како што Христос не држеше до тоа што беше Бог, туку се смири себеси, се испразни и го прегрна целото човештво, така и ние сме повикани на истата таа љубов и жртва. Господ не бараше нешто повисоко, бидејќи нема ништо повисоко од Бога. Но, Он се понижи заради нас и ни послужи, покажувајќи ни го патот на вистинската служба и жртва. И ние, ако сакаме да бидеме вистински Христијани, треба да се даваме себеси и да им служиме на другите во доброто. Тогаш навистина ќе се промениме – не само себеси, туку и сето наше опкружување. Оти, низ историјата само вистинските Христијани го менувале светот кон добро.

Денес, повеќе од кога и да било, на светот му се потребни вистински Христијани. Нашите православни храмови, по милоста Божја, се полни, но прашањето што треба да си го поставиме е дали сме вистински Христијани. Дали се трудиме да го живееме Светото Евангелие, да се даваме и да се жртвуваме за другите?

Пресвета Богородица нè поучува на ова. Таа е нашата Мајка, посредница, Којашто постојано се моли за нас, се застапува за нас, не само на Небесата, туку и овде на Земјата, секогаш подготвена да нè води и да ни помогне во нашите предизвици и искушенија. Таа нè учи како да бидеме вистински Христијани, како делотворно да ја живееме верата. Неа постојано да ја молиме за овој свет, зашто Таа непрестајно со солзи се моли пред Света Троица за сите нас.

Мили мои, на Небесата е Бог, а покрај Него е Пресвета Богородица, нашата неуморна Застпаница, Која со мајчинска љубов го милува целиот човечки род и со нетрпение чека да се покаеме и да се вратиме во прегратките на Нејзиниот Син и Бог наш.

Амин.