Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на третиот ден од Светата Пасха, во Манастирот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица, на 9/22 април 2025 лето Господово
Возљубени во Христа Воскреснатиот,
Според силата на неискажливата милост Божја, и денеска, во третиот ден од Светата Пасха, со радост и благодарност го славиме настанот кој е темел и срж на верата наша – Воскресението на Спасителот наш и Господ Исус Христос. Пасха, преминот од смрт во живот, од мрак во светлина, од распадливост кон нетление.
Сведоштвото за Воскресението е историско, но не помалку и еклисиолошко. Се потврдува и се објавува во Црквата, преку преданието на апостолите и преку непрекинатото литургиско доживување на живиот Христос. Во евангелските извадоци што се читаат по Воскресението, гледаме дека Господ не се појавува како сенка, ниту како спомен, туку како реално жив, во полнота на прославеното човечко тело. Според преданието, Он најнапред ѝ се јавува на Својата пречиста Мајка, па на мироносицата Марија Магдалина и на другите мироносици; потоа на апостолот Петар и најпосле влегува низ затворените врати каде што се наоѓале Неговите ученици, собрани во страв и недоумица. Во тоа прво појавување, апостолот Тома не бил со сите нив. И кога тие му кажале дека Го виделе Господа воскреснат и жив, Тома вели: Додека не ги видам раните од клинците на рацете Негови и не го ставам прстот свој во раните од клинците и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам (Јован 20,25). Овие зборови не се проста неверба, туку израз на човековата потреба за вистинитост, за проверка – не наспроти верата, туку во потрага по потврда на таа вера. Тома не бара философија, ниту емоционално уверување, туку го бара воскреснатиот Христос, реално, суштински, телесно. И по осум дни, Господ повторно им се јавува на учениците, влегувајќи низ вратите, и го повикува Тома да го допре. Не го укорува, туку го утврдува. Тома го допира Воскреснатиот и од тој допир излегуваат зборовите на верата: Господ мој и Бог мој! (Јован 20,28).
Тука не се работи за апстрактна вера, туку за литургиска, евхаристиска, еклисиолошка вера; вера којашто произлегува од средбата со живиот Христос, вера којашто се храни со допирот кон телото Негово – како што се допираме и ние на секоја Света Литургија преку Светата Причест. Таа е вера што сведочи: „Господ е жив!“. Затоа и воскресенското евангелие на Вечерната на љубовта се чита на повеќе јазици, затоа што веста за Воскресението е универзална, не познава граници, таа е понудена за целиот свет, за сите народи, за секој човек.
Но денес, возљубени, Евангелието кое го слушнавме беше необично и суштински богословско. Тоа беше сведоштво не само за Воскресението, туку и за Светата Евхаристија, за мистичното присуство на воскреснатиот Господ во Неговите тело и крв. Имено, апостолите Лука и Клеопа, на патот за Емаус, разговараа во тага и збунетост. Слушнале за Воскресението, но, како и многумина, не можеле веднаш да поверуваат. И токму тука, не како надворешен сведок, туку како сопатник, се јавува Самиот Христос. Но очите нивни беа, според зборовите на Евангелието, „замрежени“ – не Го препознаа. Така, Он започна да им ги толкува Писмата. Не им се открива веднаш, туку прво ги воведува во тајната преку словото, преку пророците и Мојсеј, ги учи дека сè што се случи – страдањето, смртта, и сега Воскресението – било во согласност со Божјиот Домострој, според предвечниот Совет на Троичниот Бог.
И најголемата тајна доаѓа во домот во Емаус. Христос влегува со нив во домот и таму, кога „го прекршуваше лебот“, нивните очи се отвораат. Го препознаа Христа не по ликот, не по гласот, туку во Евхаристискиот чин. Тоа е истото прекршување на лебот што Он го направи на Тајната Вечера. Тоа е евхаристиското присуство на Господа кое Црквата го живее и го сведочи низ сите векови, на секоја Света Литургија.
Не е случајно тоа што токму тогаш Он исчезнува од нивните очи; не затоа што си заминува, туку затоа што од сега натаму ќе биде со нив на поинаков начин: евхаристиски, литургиски. Христос се препознава најдлабоко таму каде што Неговото тело се прекршува, каде што Неговата крв се пие – во Црквата, во Литургијата, во Тајната на Царството. Токму таму, на Светата Литургија, се отвораат духовните очи. Како и на Лука и Клеопа, и нашите очи ќе се отворат – ако сме со љубов, со скрушеност и со жед по вистината. Оти Литургијата не е само спомен, туку реално учество во Воскресението, реално присуство на Оној Кој го победи гробот.
Затоа, мили мои, нека секоја Евхаристија биде наш Емаус. Нека секој наш пристап кон Чашата биде полн со страв Божји, со вера и со љубов. И така ќе Го познаеме воскреснатиот Христос, не само како факт, туку како живот – живот на нашиот живот.
Христос Воскресе!