Онаа во Која човештвото Го прегрна Бога

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Источен Петок, по читањето на Светото Евангелие на Светата Евхаристија, во Манастирот Пречиста Кичевска, на 21 април 2023 лето Господово


Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Мили мои, се наоѓаме во најрадосниот богослужбен период од животот на Црквата и од нашиот личен живот. Тоа е наречената Светла недела, Седмица на Воскресението Христово. Од светите отци е наречена уште и Осмиот Ден, бидејќи е една претстава, слика на Царството Божјо. Тоа е денот на есхатонот, на вечното веселие, кога ќе престанеме да ги броиме часовите, деновите, месеците и годините, кога ќе нема време, ни болка, ни грижа, ни смрт, а ќе го живееме Царство на Спасителот наш Христос Бог. Оти, целта на Неговото доаѓање на Земјата, на страданијата, крстната смрт, на Воскресението и Вознесението Негово, беше токму таа: да ги отвори повторно рајските врати за секого од нас.

Во овој Светол Петок, пак, ја славиме причината на радоста наша, преку Која стана сето тоа. Зашто, да не беше Таа, Избраната и најблагословената меѓу сите жени, Мајката Божја, Спасителот Христос не ќе можеше да се вочовечи. Неопходна беше една таква Божествена чистота, една совршено безгрешна душа, која доброволно прифати да Го прими Словото Божјо во својата утроба. Денешниов празник, значи, е посветен на Преблагословената Владичица наша Богородица, а во чест на нејзиниот многу славен и сечесен Храм во Цариград, Храмот на Живоприемниот Источник, чудотворен извор на вода, кој во византиски времиња се наоѓал надвор од ѕидините на градот, близу т.н. Златна порта.

Првиот храм врз источникот на Мајката Божја го изградил царот Лав Маркел во 5. век. Според преданието, на тоа место постоела шумичка во која имало извор, некогаш прославен со чуда, но  постепено заборавен и обраснат со грмушки. Еднаш воинот Лав, идниот император, човек со длабока вера и побожност, во близина на тоа место сретнал слеп човек, беспомошен патник кој го изгубил патот. Лав му помогнал да излезе на правата патека и го сместил под сенка да се одмори, а тој самиот тргнал во потрага по вода, за да го освежи слепиот. Тогаш одеднаш слушнал глас: „Лаве! Не барај далеку вода, таа е тука блиску“. Изненаден од чудесниот глас, тој почнал да бара вода, но не ја нашол. Застанал замислен и вчудовиден и тогаш по втор пат го слушнал истиот глас: „Цару Лаве! Оди кај оваа шумичка, нацрпи од водата што ќе ја најдеш таму и дај му на жедниот да пие и земи од калта во изворот и стави ја врз очите на слепиот. Тогаш ќе знаете Која сум Јас што го осветува ова место“. Лав исполнил сѐ што му било речено и се случило големо чудо: на слепиот веднаш му се вратил видот и без водич отишол во Константинопол, славејќи ја Пречистата Богородица. А благочестивиот војник Лав Маркел по неколку години навистина станал ромејски цар, според благословот на Царицата небесна и врз необичниот извор изградил храм од камен во чест на Богородица. Изворот тој го нарекол „Живоприемен Источник“, бидејќи во него обилно се пројавувавала чудотворната благодат на Мајката на Благодатта.

Подоцна, во 6. век, познатиот и благоверен византиски император Јустинијан, кој исто така, бил особено благочестив поданик на православната вера, се разболел од водена болест и поради тоа често паѓал во очајание. Тој долго време страдал од оваа незгода. Еднаш, додека се молел навечер, слушнал глас како му вели: „Не можеш да си го вратиш здравјето ако не пиеш од Мојот источник“.  Царот не знаел за кој извор зборува гласот и се натажил. Тогаш Пресвета Богородица повторно му се јавила со глас и му рекла: „Стани, цару, оди кај Мојот извор, пиј вода од него и ќе бидеш здрав како порано“. Болниот цар ја исполнил волјата на Госпоѓата на Ангелите и набрзо закрепнал. Благодарен поради чудесното исцеление, тој подигнал нов велелепен храм во близина на храмот што го изградил Лав, и потоа тоа место прераснало во еден голем и прекрасен Манастир.

За жал, со паѓањето на Константиновиот град под власта на Туриците Османлии, храмот и манастирот од цар Јустинијан биле целосно разрушени и материјалите од нив биле употребени за изградба на џамијата на султанот Бајазит. Местото запустело, но Христијаните, сепак, не го заборавале изворот. Во 19. век, кога во Отоманската Империја биле направени реформи и на Христијаните им била дадена извесна слобода, тие побарале од султанот Махмуд да им даде дозвола да изградат храм. И така, на тоа место наречено Балаклија, што на турски јазик значи риби – бидејќи во чудотворниот извор постојано пливаат необичен вид риби – бил изграден денешниот храм и манастир. Сигурно некои од вас лично го посетиле. Она по коешто е значаен за нас денешниот Сечесен храм на Живоприемниот Источник во Цариград е историскиот настан од 9 јуни минатата година, кога по повеќе од два и половина века нашата помесна православна Црква доби официјален документ од првопрестолната Вселенска Патријаршија – Актот за востановување на литургиското и канонско единство. На нашата Света Црква и официјално ѝ беше признато древното име Охридска Архиепископија, што го одразува милениумскиот континуитет на организиран црковен живот на нашите простори.

Значи, мили мои, денес со псалми и химни го славиме тој чудесен извор на Пресвета Богородица, таа нејзина света вода од која стануваат бројни чудеса и исцеленија. Но не треба да заборавиме дека вистинскиот извор на жива и животворна вода е Самиот Христос Бог, Кој нѐ храни со животни сили и со Божествена благодат. Сетете се што вели Он во Евангелието за Своето тело: Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден (Јован 6,54). Неговото тело е она коешто нѐ оживотворува и нѐ возведува во вечниот живот. Честото причестување со пречистите Тајни е нашиот залог за вечноста. Оти, Христос во името на сите и за сите нас ја победи смртта. А тоа го стори преку Своето пречисто тело, коешто, се разбира, го прими од Пречистата Дева Марија. Од Неа прими човечка плот и со неа од Крстот го прегрна сиот свет во Божествената љубов и накрај победи преку празниот Гроб за сите нас, дарувајќи ни на сите неовенлива победа.

Последната дестинација, значи, на нашиот живот е вечноста, вечниот ден на Божјото Царство. Но, се разбира, за тој вечен живот постои пат и извесни подготовки и услови. Најважните правила се, несомнено, Божествените правила на љубовта. Ете, денес ја славиме Пресветата. Во најголем дел од иконографските претстави Таа Го прегнува Богомладенецот Христа. Всушност, преку Неа Бог го прегрна човештвото, а и човештвото Бога. Точно е, ние можеме да Го прегренеме Бога, а и Он сака да Го прегрнеме и да бидеме со Него. Но за да го сториме тоа, треба најнапред да го прегрнеме братот свој во љубовта Христова. Тоа совршено ни го кажува Апостолот на љубовта, Свети Јован Богослов: „Кој не го љуби својот брат, кого го видел, како може да Го љуби Бога, Кого не го видел?“ (1. Јован 4,20) За жал, ние Христијаните денес забораваме на ова. Гледаме како светот сѐ повеќе и повеќе се оддалечува од љубовта Божја, а со тоа и луѓето едни од други. Сѐ повеќе и повеќе стануваме ладни еден кон друг. Живееме во епоха на рапидна алиенација. Се губи топлата прегратка со која Бог го прегрна човештвото. Ја снемува мајчинската прегратка на Пресвета Богородица. Наместо да бидат полни со Божјата топлина и љубов, нашите души сè почесто биваат обземени од техничките уреди што ги носиме насекаде со нас. Не е повеќе важен мигот што го живееме, туку она што ќе го фотографираме и снимиме и што ќе го постираме на Фејсбук, Инстаграм и сл. Вештачката интелигенција сè повеќе го зазема местото на природната емпатија меѓу луѓето. Бесчувствителноста станува „нормална“ за современиот човек. Страшно нешто! Неопходно е да бидеме особено внимателни и селективни, за да не олади љубовта во нас. Оти, еден од знаците за крајот на светот – а денес гледаме како мнозина Христијани, под влијание на протестантската теологија, сакаат да зборуваат само за крајот, апокалипсата и антихристот – е токму оладувањето на љубовта. „И бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади“ (Матеј 24,12) вели Самиот Господ. А кога ние постојано се занимаваме само со антихристот, кога осудуваме сè и сешто, и свештеници и монаси и владици и цели синоди и Цркви, тогаш и ние стануваме апокалиптични, стануваме претшественици на антихристот, а не на Христос. Оти, како што вели еден познат философ од 19. век, „оној кој се бори со чудовишта, нека внимава и самиот да не стане чудовиште“.

Дело на Христијаните, достојно за пофалба, е да Го љубат и да Го очекуваат само Христа и ништо друго. Него да Го поставиме над сѐ во животот свој. Тогаш навистина ќе бидеме Негови сè до крај на светот и Он повторно ќе дојде заради нас, кои Го очекуваме. Спомнете си како секојдневно исповедаме во Символот на верата: „И пак ќе дојде со слава, за да им суди на живите и на мртвите и Неговото Царство не ќе има крај“. Затоа, немојте да се заплеткувате во некакви лажни, апокалиптични теологии за крајот, за антихристот и сл. Што ми вреди мене Христос да дојде дури и сега, веднаш по завршетокот на оваа служба, доколку јас не сум соодветно подготвен и покајан? Ако не љубев, ако дојдов на оваа Литургија неопростен со моите ближни, со моите браќа и сестри; ако сум полн со осуда и гнев, ако озборував, осудував, па дури и пишував јавно против браќата? Сега сите ние имаме страшна одговорност пред ангелските очи, бидејќи секој од нас има можност јавно да напише нешто и тоа да го читаат стотици и илјадници луѓе. А погледнете како без трошка одговорност и страв Божји пишуваат секакви осуди, клевети и соблазни, и тоа луѓе што се нарекуваат себеси Христијани! За другите да не ни зборуваме. Да се задржиме само на Христијаните, на оние кои треба да бидат извор на вода жива, на утеха и опростување. Знаеме што ѝ рече Христос на Самарјанката крај Јакововиот извор: Кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен (Јован 4,14). Значи, доколку се храниме од Христа, од Неговите пречисти и животворни тело и крв, тогаш должни сме да ја полеваме својата околина со водата на Христовото учење, да бидеме сведоци на Неговата светлина и љубов, а не мрачни, опрелестени и самобендисани осудувачи и хејтери.

Чувме пред малку, исто така, што вели во врска со ова и Апостолот Павле од денешното апостолско четиво: Вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос (Филип. 2,5). Па, да се запрашаме: имаме ли ние исти мисли со Христа? Живееме ли според Христа? Живееме ли со пожртвувана љубов? Оти, каква е љубовта Христова? Пожртвувана. Он се распна на крст заради нас, со дела ја посведочи љубовта Своја кон нас. Како Бог се понижи и стана човек. А нам ни е тешко да се понижиме, да се смириме, да побараме прошка. Тешко ни е да љубиме со дела, тешко ни е да направиме жртва за другиот, а сакаме да се нарекуваме Христијани. Е, тоа не оди така. Така ќе бидеме само на име Христијани – недостојни за својот Учител. Бог сака да бидеме Христијани по дела. Тогаш, навистина, ќе бидеме носители на вечност, односно ќе ја живееме вечноста уште одовде. Оти, оваа живеачка и тоа како е минлива. Гледате, животот го минуваме со страданија, со болки и болести, со разноразни притесненија и накрај, додека трепнеш – тој завршил.

Затоа, мили мои, најважно и единствено важно е додека сме уште во времето, да го исползуваме него, за да ја здобиеме вечноста. А тоа ќе го постигнеме доколку се трудиме во заповедите Христови. Најнапред, да Го возљубиме Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја сила, со сите свои помисли, и ближниот како себеси. Тоа е призивот што особено ни го упатува Царицата Мајка, која е секогаш подготвена да ни помогне со своето смирение и мајчинска љубов. Таа сака сите да нѐ приведе кон Христа. Не заборавајте дека Таа секогаш бдее за сите нас, молејќи се непрестајно за нашето спасение. Безбројни се нејзините чудеса и добротворства. Не само таму на Изворот во Цариград, ами насекаде каде што се слави нејзиното име. Еве, и тука, на изворот во овој нејзин сечесен Храм, каде што се наоаѓа и нејзината чудотворна икона, не малубројни се нејзините чудесни пројави на исцелителна благодат. Токму затоа овде го славиме Источен Петок и празникот на Живоприемниот Источник. Богородица секојдневно прави чудеса заради нас и како Мајка, нежно и мајчински нѐ чека да станеме вистински Христијани.

Мили мои, не заборавајте ја таа нејзина прегратка со која и во која Бог се сретна со човештвото и човештвото со Бога. Таа прегратка сме повикани сите ние да ја живееме. Бог постојано нѐ прегнува, но за да биде суштествена таа прегратка, потребно е и ние да се потрудиме, со своите дела на љубовта, да Го прегрнеме Него. Во тоа да ни помага Царицата Богомајка. Амин.

Христос воскресе!