Светол и Источен Петок во Пречиста

Во склоп на сеопштата пасхална радост на оваа седмица, најсвета од сите, во овој Светол Источен петок, посветен на причинителката на радоста, Пречистата Богородица, во Манастирот Пречиста над Кичево, нашиот Старец Епископ г. Партениј отслужи Божествена Литургија, во присуство на браќата и сестрите од нашата монашка заедница и на многубројни верници, притекнати да нацрпат благодат од живоносните струи на Пречистата.

Всушност, денес го празнуваме нејзиниот Живоприемен Источник во Константинопол, наречен Балаклија. Веќе традиционално за овој ден, нашиот Старец г. Партениј богослужи во Крнинскиот манастир на Онаа Која е изворот на секоја добрина, на секој добар дар и возбожение, оти ни Го роди Христа добротворот, дародавецот и воскресителот.

Оваа торжество се заокружи со свечена пасхална литија во живописната околина на Манастирот, на местото Господинец, каде што пострадале Светите Пречистански Преподобноновомаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј. На тоа осветено место, Старецот го изврши чинот на пасхалниот водосвет, после што литијата се врати во Манастирот, каде што продолжи радосното ликување.

Христос воскресе!