Се упокои во Господа отец Јован Таковски

Во средата од Светлата Седмица на Света Пасха, на 82-годишна возраст заспа во Господа протојереј-ставрофор Јован Таковски.

Отец Јован Таковски – теолог, свештеник, професор, преведувач, завршил богословија во Приштина, Богословски факултет во Белград (1967), Филолошки факултет во Скопје (1980), а постдипломски студии во Париз. Докторирал како прв доктор по теолошки науки на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Работел во Богословијата и на Богословскиот факултет во Скопје. Бил декан (2001–2004) на Факултетот и визитинг професор при Мелбурншкиот универзитет во Австралија (2006). Ракоположен е за ѓакон во 1973 и за свештеник во 1993. Беше член на литературните преведувачи на Македонија. Автор е на повеќе преводи и на научни прилози и одделни публикации. Тој ги преведе скоро сите богослужбени книги од црковно-словенски на македонски јазик, со што ги направи разбирливи за својот македонски народ и остави непроценливо богослужбено наследство.

Проројереј-ставрофор, проф д-р Јован Таковски целиот свој живот го имаше посветено на едукацијата на идните свештенослужители во црковно-просветните институции на МПЦ-ОА, но истовремено има оставено значаен прилог во македонската научна и преведувачка дејност. Беше, исто така, и познат духовен отец на многубројни богољубиви души, коишто со љубов и мудрост ги водеше по патеките до Христа и до Царството Негово.

Во богатата научна и преведувачка дејност, посебно се истакнува со преводите на делата на свети Климент Охридски (слова, поуки и житија) од досега најстарите пронајдени ракописи од XII и XIII век на старословенски јазик, кои на тој начин за првпат стануваат достапни за македонската јавност, како и преводите од црковнословенски јазик на сите богослужбени книги (посен и цветен триод, октоих, двотомното издание на избор од минеи, потоа минеи за сите дванаесет месеци, ирмологиј). Станува збор за веројатно единствените комплетни преводи на сите богослужбени книги на некој современ словенски јазик! Теологијата на Свети Климент Охридски, пак, е предмет и на неговото научно истражување за докторската теза, со посебен осврт врз просвештението во неговите дела.

За постигнатите исклучителни резултати од долгогодишната научна, образовна и книжевна дејност од областа на богословските науки, добитник е на државното признание „Медал за заслуги за Македонија“. Беше почесен претседател на Меѓународниот филмски фестивал за духовни и хумани вредности „Богородичен покров“.

Опелото за упокоениот отец беше извршено на 21.4.2023 година во Архиепископскиот Соборен храм „Свети Климент Охридски“ – Скопје од страна на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, а во сослужение со Нивните Високипреосвештенства, Митрополитите: Преспанско-пелагониски г. Петар, Повардарски г. Агатангел и Тетовско-гостиварски г. Јосиф, и со Неговото Преосвештенство, Епископот Хераклејски, г. Климент. На опелото присуствуваше семејството на покојникот, како и броен народ – почитувачи и духовни чеда на отец Јован.

Нека добриот Бог ја всели блажената душа на Својот верен служител Јован во населбите на вечните блаженства и да ја приброи кон душите на светите и праведните!

Царство му небесно и вечен му спомен!