Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Светата Литургија, на споменот на Светиот Архиѓакон и Провомаченик Стефан, во сечесниот храм на Светите Првоврховни Апостоли Петар и Павле во Кичево, на 27 декември 2024 л.Г. / 9 јануари 2025 л.Г.
Високопреподобни и сечесни отци,
Преподобни монаси и монахињи,
Почитувани хористи,
Возљубени кичевчани, и вие, придојдени од други места и градови,
Денеска, на третиот ден од празнувањето на Рождеството Христово, го чествуваме споменот на Светиот Апостол, Архиѓакон и Првомаченик Стефан, човекот чијшто живот, подвиг и мачеништво ни остануваат како бесмртен пример за љубов, служење и смирение.
Во денешното четиво од Делата Апостолски, напишани од Светиот Апостол Лука, ги слушнавме настаните коишто го опишуваат избирањето на Светиот Стефан за еден од седумте ѓакони на првата Црква, како и неговото славно мачеништво. Тој беше еден од првите ѓакони – служители избрани од првата христијанска заедница и ракоположени од Светите Апостоли, за да се грижат за трпезите, за сиромашните и за сите кои имале потреба. Меѓутоа, службата на денешниот славеник не била само грижата за трпезите и за вдовиците, туку и едно светло и непоколебливо сведоштво за Христа преку учењето, дарот утешувањето што го имал и чудотворството. Свети Стефан бил вистински утешител на оние кои биле погодени од болката на смртта, служител Христов, исполнет со небесна љубов и мудрост. Да ги утешиш оние кои страдаат од смртна загуба е задача што изискува не само зборови, туку, пред сè, длабока љубов, вера и смирение. Свети Стефан ја поседувал оваа Божествена љубов, бидејќи Светиот Дух почивал врз него и го направил светилник на Божјата утеха и милосрдие.
Животот и сведоштвото на Свети Стефан не само што ни ја откриваат силата на Божјата благодат, туку и трагедијата на човечката тврдоглавост, жестокосрдечност и затвореност пред вистината. Човекот Божји, исполнет со Духот Свет, сведочел за Христа не само со своите дела и љубов, туку и со своите зборови. Но токму тие зборови, кои беа како украс, сјај на вистината, предизвикаа завист и гнев кај првосвештениците, книжниците и старешините на јудејскиот народ. Тој бил наклеветен дека го нарушува Законот Мојсеев, дека ги поучува луѓето на богохулие против храмот и против Бога. Поради ова тој бил одведен во синедрионот, каде што започнало неговото сурово испитување. Она што го слушнавме денес од Делата на Апостолите е дел од неговата моќна проповед – неговата вдахновена одбрана пред синедрионот. Свети Стефан започнува со историјата на праведниците од Стариот Завет – од Авраам, Јаков, Мојсеј, па сè до Давид и Соломон, кој го изгради прочуениот храм во Ерусалим. И токму кога се чинело дека неговата беседа ја достигнува својата кулминација, Светиот, преплавен од Божествено просветление, одеднаш ја прекинува својата проповед и се обраќа до своите слушатели со зборови што не се зборови на гнев, туку зборови на духовна болка: „О, вие, тврдоглави и необрезани по срце и уши!“ Во овие зборови ја слушаме тагата на пророкот и љубовта на сведокот кој ја гледа жестокосрдечноста на луѓето пред себе. Свети Јован Златоуст толкува дека Свети Стефан ги нарекува така своите слушатели, затоа што тие ги затворале своите ум и срце за Божјата вистина, одбивајќи да го слушнат вечно вистинитото Слово Божјо.
Колку е страшна оваа духовна тврдоглавост! Таа не била присутна кај луѓе кои не верувале или кои не се занимавале со Писмата и со Законот, туку токму кај оние кои го познавале Законот, кај оние кои постојано го проучувале Писмото и кои биле назначени за пазители на верата. Оваа тврдоглавост, жестокосрдечност, зависта и навиката за осудување ги направила неспособни да ја препознаат вистината што Архиѓаконот им ја откривал. И токму тие, тие што се сметале за чувари на Законот и на правдата, немилосрдно го убија Божјиот слуга.
Возљубени, тврдоглавоста не е само болест на минатото. Истата таа тврдоглавост денес е присутна и кај нас, Христијаните. Колку често сме склони да се затвораме пред пораката на Евангелието, да се држиме за своите навики, за своите убедувања и за својата гордост? Колку често сме тврдоглави и нееластични во меѓусебните односи, затворени за покајанието и за промена? И во нашево време, како и во времето на Свети Стефан, тврдоглавоста, жестокосрдечноста и егоизмот се силно присутни меѓу нас.
Но, она што ја прави нашата епоха особено предизвикувачко е начинот на кој овие душевни страсти се манифестираат преку современите технологии и социјалните мрежи. Во денешно време, сите стануваат „учители“ на интернет. Гледаме луѓе, кои себеси се сметаат за големи православци, немаат ни соодветна теолошка наобразба, ниту потребно искуство и призив, а сепак, создаваат сајтови, платформи и профили, прогласувајќи се себеси за авторитети во верата. Оние кои Светото Писмо ги нарекува „необрезани по дух и по срце“, шират своја верзија на „вистината“, на „православието“, без љубов, без смирение, без црковна свест и без вистински личносен однос со Бога. Овие самоповикани учители и инструктори ја проповедаат верата без лично да ја живеат. Се ставаат себеси и над владици, свештеници, синоди. Нивните дела и зборови не сведочат за Христовата љубов и вистина. Наместо тоа, тие создаваат смут меѓу луѓето, воведуваат поделби и водат кон заблуди, фанатизам, осудување. Иронијата е што многумина од нив не се ни препознаваат кои се – скриени зад анонимни или јавни профили или ботови, тие ја користат технологијата, за да го распространат својот дух на тврдоглавост, фанатичност и осудување. Најново, живееме во време кога дури и вештачката интелигенција може да ни даде одговори за разни теолошки прашања; да ни каже, на пример, за животот на Свети Стефан, или за некои други аспекти на теологијата. И оние чијшто живот се претворил во еден, би рекле, „православен андроид“, кои постојано киснат на социјалните мрежи и си мислат дека прават големо дело за верата и дека се прави проповедници и исповедници, ги злоупотребуваат можностите на вештачката интелигенција за погубни цели, најчесто за клевети и осудување. Меѓутоа, да се потсетиме дека, пред сè, вештачката интелигенција не е интелигенција во онтолошка смисла на зборот, туку тоа е еден несреќно избран термин; тоа е, всушност, една огромна база, или како што модерно се нарекува „облак“ на податоци и на човечки знаења стекнати со огромен труд, напор и време, којашто функционира според принципот на математички алгоритми. Со други зборови, тоа доаѓа како еден вид крадење на човечкото искуство, без никаков напор и одговорност. Затоа, одговорите што ги даваат тие платформи се плод на алгоритми и на брзо и лесно присвојување на туѓ труд, а не на искуството на живата вера. Тие не можат да ни ја откријат длабочината на Христовата љубов и наука и преобразувачката моќ на Светото Евангелие. Токму затоа е особено важно да не се препуштаме на дигиталните и површни одговори и написи. Не заборавајте дека верата е пред сè и над сè живот – живот во Христа, живот во заедница со Него и со Црквата Негова. Само преку живо сведоштво и лично искуство, преку учество во Светата Литургија и во Светите Таинства на Црквата и преку подвигот на љубовта, саможртвата и смирението можеме да Го запознаеме Христа и да бидеме Негови вистински ученици.
Она што се случува на социјалните мрежи, каде што одредени поединци, без вистинско знаење, но со нескротена амбиција, се претставуваат како авторитети во верата е, навистина погубно за црковното ткиво. Такви луѓе, за жал, не само што не сведочат за Христа, туку многу повеќе предизвикуваат смут, раздор и конфузија меѓу верните. Еден исфрустриран човек, на пример, кој се покажал како неуспешен во естрадната сцена или во другите аспекти на животот, сега се занимава со ширење небулози и неосновани клевети, злоупотребувајќи го притоа логото и името на МПЦ. И илјадници го следат на социјалните мрежи, но тој, наместо да ги упатува верниците кон Христос, предизвикува раздор. Во него гледаме одраз на оние ликови од времето на Свети Стефан, кои, полни со тврдоглавост и гордост, не сакале да ја слушнат вистината и го каменувале Архиѓаконот до смрт. Каменување и линчување во духовна смисла имаме и денес. И сега имаме самозамислени праведници, учители, чувари на „чистотата на верата“, тврдоглави и закоравени во своите ставови, коишто не сакаат да послушаат друг, да слушнат друго мислење, да размислат, да прифатат аргументи и факти, туку однапред ги имаат „изградено“ своите ставови, засновани на гордост, егоизам, инает и спротивставување.
Тврдоглавоста, возљубени, е опасна духовна болест. Таа нè спречува да го слушнеме Божјиот повик, да ја примиме Неговата благодат и да ги промениме и преобразиме нашите животи. Гордоста, која ја потхранува тврдоглавоста, нè одделува од ближните и од Бога, создава бариера и отуѓеност. Денес, созерцувајќи за маченичкиот подвиг на Свети Стефан, ни се открива една неоспорна вистина: Господ Исус Христос дојде во светот, за да создаде нов свет, нов човек, личност на љубовта и благодатта на Божјото Царство. Првиот Маченик заради Христа со своето лично сведоштво ја запечати оваа вистина. Тој и со зборови и со својата крв Го исповедаше Христа, сведочејќи дека животот во Него е живот на новото создание. Христос дојде да создаде човек на љубовта, на милосрдието, на благородноста на духот, на широчината и проштавањето. И затоа, кога Свет Стефан ја прекинал својата проповед пред првосвештениците, било тоа некое Божествено просветление, миг кога тој сфатил дека неговото сведоштво нема да заврши со зборови, туку со неговиот маченички венец. Најпосле, тој бил осуден од тврдоглавите и тешкосрдни првосвештеници, луѓе чиишто срца останале затворени за Евангелието Христово. Надвор од синедрионот, тие го каменувале невиниот сведок Божји. Но неговата смрт не беше пораз – таа беше победа, сведоштво за љубовта што надминува секакви човечки поделби и осуди. Како и неговиот Господ на Крстот, Свети Стефан не возврати со клетва, укор или непријателство кон своите гонители. Напротив, неговите последни зборови беа молитва за прошка: „Господи, не земај им го ова за грев!“ Со оваа молитва, тој не само што ја исполни Христовата заповед за љубов кон непријателите, туку и ја манифестира љубовта на новото создание во Христа. Оваа љубов, мили мои, е суштината на новиот човек, кого Христос дојде да го сотвори. Тоа е љубов што се надминува себеси, што не се плаши од страдање, што не возвраќа со зло, туку со добродетел. Свети Стефан стана пример за нас, не само како маченик, туку и како образец за вистински Христијанин – човек кој го следи Христа не само со зборови, туку и со дела, со целото свое битие.
Светиот првомаченик Стефан, кој прв од сите ја пролеа својата крв за Спасителот Христос, ни покажа какви треба да бидеме – луѓе кои Го следат Христа со вера, љубов и подготвеност за жртва. Со својот подвиг, тој како да ја отвори книгата на животот, во која почнаа да се запишуваат сите оние кои го бараат Царството Небесно. Првите страници на оваа книга ги испишаа Апостолите, коишто сите маченички пострадаа за верата. А потоа, низ вековите, таа книга продолжи да се исполнува со имињата на светии, маченици и подвижници, кои со своите животи го сведочеа Евангелието. И ете, сега на фреските и иконите во нашите свети храмови ги гледаме сите тие кои се живи на Небесата, кои нè закрилуваат со своите молитви, нашите застапници и патеводители. Меѓу нив, се разбира, се наоѓаат и нашите локални светии и маченици. Вие во Кичево ги имате, на пример, Светите Пречистански Преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, чијшто маченички подвиг беше запишан на маргините на една манастирска книга, и Бог во наши дни посака нивното сведоштво да биде обелоденето за сите.
Колку ли само незнајни Светии се впишани во таа небесна книга! Од времето на Римската империја, преку Отоманската, па сè до денешните дни, многубројни луѓе Го сведочеле Христа со својата вера, страдање и љубов. И денес, меѓу нас има „маченици на совеста“, тивки подвижници – оние кои во љубов и молчание трпат големи искушенија и притесненија, Го слават Бога, никого не осудуваат и Го втиснуваат Христа во срцата на другите. Тие се нови сведоци на Царството Небесно – на животот што Христос ни го понуди на сите нас.
И денешната евангелска парабола за неодговорните лозари ни открива една длабока вистина: ние сме повикани да бидеме наследници на Божјото лозје, не според гордоста или правото на наследување, туку според љубовта и смирението. И ние сме дел од тоа „царско свештенство“ за кое се говори во Новиот Завет, призвани да го обработуваме Божјото лозје со љубов, смирение и верност. Параболата за лозарите нè потсетува дека Господ ни го предава Своето лозје нам – не за да го уништиме или да го искористиме за себични цели, туку за да го чуваме, да го одгледуваме, да го умножуваме и да извадиме плодови на љубов, мир и справедливост. И да се запрашаме, возљубени, како ги користиме даровите што ни се дадени? Дали сме вистински наследници на Божјото лозје, или со своите постапки го негираме благословот што ни е даруван?
Ви благодарам на сите од срце што денеска, иако работен ден, се собравте во толку голем број на ова свето литургиско собрание. Посебна благодарност упатувам до верните кичевчани, како и до оние кои дојдоа од Скопје, Битола, Прилеп, Крушево и од други градови. Вашето присуство е сведоштво за силата на нашата вера и за љубовта кон Господа и кон Неговите светии.
Особено ми е радост повторно да го споменам прекрасниот кичевски хор, „Митрополит Козма Пречистански“, кој секогаш ги украсува нашите богослужби, било овде, било во Манастирот Пречиста Кичевска. Ви благодарам што со своите гласови го продолжувате она исконско православно пеење – нашето наследство и дар од нашите предци. Тоа пеење, кое не е само уметност, туку, пред сè, молитва и просветление, е дел и од нашата духовна култура, дел од нашиот македонски идентитет и историја.
Забележуваме, мили мои, дека овој наш возљубен град Кичево сè повеќе станува едно живо духовно средиште не само за регионот, ами и за Македонија. Вашата љубов, вашата верност и вашата црковност се плодови на благодатта Божја. Тоа значи дека доколку го ставиме Бога над сè и се стремиме кон духовен напредок, благословен ќе ни биде животот и овде, а секако и во вечноста. Особено им благодарам на почитуваните отци, свештениците од градот, бидејќи без нивната соработка со манастирот Пречиста, со сестринството таму, немаше да има вакви убави и богати плодови. Тие несебично ги отворија своите срца за младите луѓе, им овозможија одлични услови, за да можат да го изучуваат источното православно пеење.
Да го молиме Господ да нè просветли и да ни даде сили да бидеме како Светиот Архиѓакон Стефан – храбри, смирени и полни со љубов и прошка. Да нè зацврсти во нашата вера и да нè води кон духовен напредок. Да нè поттикне да го продолжиме нашиот живот како дел од Христовото тело, да ја славиме Неговата неизмерна милост и љубов преку Светата Евхаристија.
Да сте живи и здрави, и нека ни биде благословена оваа Света Литургија!
Христос се роди!