Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Да Му благодариме на Бога, мили браќа и сестри, што еве, и оваа година, во овој сечесен храм на ова славно мијачко село, се удостоивме литургиски, соборно да го прославиме споменот на великиот старозаветен пророк Свети Илија.
Свети Илија е, несомнено, една од позначајните личности во Светото Писмо, Пророк чиешто житие подеднакво ги одбележало и Стариот и Новиот Завет. Бил исполнет со една навистина чудесна ревност и вера во Бога и за време на својот живот одиграл пресудна улога за зачувување на вистинската вера во Израил. Оти, во таа епоха Јудејците биле единствените што успеале да го запазат преданието за правилната вера во едниот вистински Бог и Творец, што уште од времето на Адам и Ева му било оставено на човечкиот род во наследство. Меѓутоа, како што и претходно било чест случај во старозаветната историја, така и во времето на Свети Илија јудејското општеството доживеало голем пад, кога тогашниот израилски цар Ахав се оженил со паганската принцеза Језавела. Таа ја донела среде Израилот незнабожечката вера, којашто и самата активно ја практикувала, ширејќи го култот кон богот Ваал и кон божицата Аштарта, чијшто култ го поттикнувал неморалот кај народот, слично како со хеленската божицата Афродита. Ваквото туѓо верување било особено погубно за Евреите, кои ја имале мисијата да ја запазат и сведочат пред светот правилната вера во вистинскиот Бог, вера која целосно се утврдила со доаѓањето на Месијата Христос, Кој бил навестен и од самиот Свети Илија и од сите свети пророци. Христос му го објави на светот и на сите луѓе полното Божјо откровение за Троичниот Бог и го ослободи човештвото од демонската тиранија на паганските религии и општества што дотогаш постоеле, поттикнати, се разбира, од злите духови. Бог го избрал Свети Илија поради неговата огнена ревност за вистината и за справедливоста и му ја возложил мисијата да го врати заблудениот Израил на правиот пат. Божјиот пророк тоа успешно го постигнал, поткрепен со огромна благодат одозгора, со многу знаци и чудеса, коишто ги творел со својата силна молитва кон Господа. Под негово духовно водство, верата на јудејскиот народ во Бога била повторно утврдена. Свети Илија, пак, според Божјото провидение, бил грабнат на некаква чудесна огнена кочија и бил вознесен на Небесата. Господ го сочувал жив, за да може повторно да го испрати на ревносна проповед, тогаш кога овој свет сосема ќе отстапи од богооткриеното учење и ќе се врати кон злокобните пагански верувања, во лага и разврат. Тогаш милиот Бог, Творецот на овој прекрасен свет, што сега е веќе длабоко осквернет од гревот, ќе дојде со оган да го преобрази и ќе сотвори еден нов свет, ново небо и нова земја, каде што смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе (Откр. 21:1,4).
Свети Илија, значи, е жив грабнат на Небесата и Господ го чува, за во свое време, кога ќе треба, повторно да го испрати на Земјата и преку него на светот да му го покаже антихристот. Но треба да знаете дека антихрист не е само она олицетворено исконско зло претскажано во Откровението, туку и секој што не верува дека Исус Христос од Назарет е Синот Божји, Кој беше распнат на Крстот и Кој воскресна во слава. Така што, низ историјата, од времето на Христа па досега, сме имале многу антихристи. Не само личности, туку и цели религии, кои се отелотворение на антихристот и коишто не го признаваат најважното за Христа: тоа дека Он е Самиот Син Божји и Спасител на светот, Кој умре заради нашето спасение и воскресна од мртвите.
Дека Свети Илија е навистина голем пред Господа се гледа и од тоа што се појавил заедно со Светиот Пророк Мојсеј и застанал до Господа Христа при Неговото Преображение на Таворската Гора. Имено, пред да биде поведен на страдање и на распетие, Спасителот се преобразил пред Своите тројца ученици Петар, Јаков и Јован, покажувајќи им дел од Својата Божествена слава и блесок, за да ги утврди во верата и да не се уплашат, та да не паднат во краен очај пред страшната, претстојна Голготска слика. Неслучајно при ова необично сесветло собитие се појавиле токму овие двајца ревносни и непоколебливи возвестители и пророци, Светите Мојсеј и Илија, разговарајќи со Бога и неоспорно потврдувајќи ја вистинската вера и Божественоста на Господа Исуса Христа.
Од овој пример и од другите настани од животот на Свети Илија, мили мои, од сето она што се случувало околу него и со него, можеме да заклучиме дека за еден народ, како и за целото човештво воопшто, најсуштествено нешто е – во што и како верува. Оти, на верувањата на еден човек се заснова целиот негов светоглед и следствено, неговиот начин на однесување, навики и сл. Има голема разлика во тоа кога човекот, односно народот, верува во нешто суетно, лажно, сомнително, погрешно, минливо, или пак, кога верува во богооткриената вистина, што ни се покажа од Создателот, Кој низ сета историја со љубов ни се откривал. Најнапред, во Стариот Завет, преку избраните Божји праведници и пророците, како на пример, денешниот славеник, а потоа и Самиот лично, кога Он нè посети и ни проговори преку воплотувањето на Синот и Словото Божјо, за Кого последниот од пророците, славниот Свети Јован Крстител, посведочи: Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе! (Јован 1,29) Значи, нашиот Бог е Личност и затоа со Него ние градиме личносен однос; Он со милост ни говори во срцата наши. Следствено, кога некој го заснова својот светоглед на тоа богооткриено верување, тогаш тој ќе има добра нарав, а секако и добро и одговорно однесување. Кога, пак, мнозинство поединци во едно општество имаат такво вероисповедание, тогаш и државните закони ќе бидат оформени согласно со нивните морални погледи. И обратно: кога во едно општество имаме голем морален и етички крах, тогаш и државниот апарат го озаконува неморалот како право.
Да се потсетиме дека Христијанството започнало да се шири во едно сосема неморално општество, среде бројни пагански верувања и настрани обичаи што биле сметани за нешто најнормално, и тоа во држава којашто дишела со омраза кон Исусовите следбеници. Во духовен поглед, Римјаните и другите пагански народи биле крајно заблудени. Погубни релегии, многубоштво, идолослужение, нечисти ритуали, крвави жртвопринесувања… Но, токму во една таква мошне неповолна духовна клима, Апостолите со својата нескршлива вера, со силна ревност како таа на Свети Илија, со неизречива љубов кон Христа, дури и по цена на своите животи, бестрашно, неуморно и трпеливо го сееле евангелското семе на спасението. Од „еврејска ерес“ како што на почетокот во Рим било нарекувано тоа учење, кое постојано било во опасност, во гоненија и измачувања, со тек на време Христијанството станало една голема сила, толку моќна што успеала да го освои целото Римско Царство, но не надворешно, со меч и крвопролевање, туку однатре, преку внатрешна преобразба. Рим и целиот тогашен цивилизиран свет љубовно се приклонил кон Спасителот Христа. Нему како на Бог Му се поклониле и моќните императори и военоначалници, но и античките философи; подеднакво Го примиле и распуштените римјани и образованите ретори. Гледајќи го пожртвуваниот живот на Христијаните, многумина заклучиле дека токму Христос е Оној Кого сите го очекувале, дека Он е остварувањето на човечките желби и радоста на човечката душа.
Научија, меѓу другото, дека семејството, како најважна општествена заедница, е здраво, душеполезно и функционално само кога бракот станува завет помеѓу еден маж и една жена. Дотогаш, кај сите цивилизирани народи, па дури и кај Евреите, не било така. Полигамијата била сметана за нормална појава, а жената за нешто подолу од човек. Па така, мили мои, најубавото катче во кое сите ние сме израснале, кое како традиција ни го пренесоа нашите родители, нашите баби и дедовци, длабоко напоени од верата во Евангелието, е цивилизациска придобивка на Христијанството. За жал, денес светот е во една огромна духовна криза. Постојано слушаме, читаме, гледаме како насекаде по светов, особено во Западна Европа, се затвораат цркви, манастирите се претвораат во музеи или во нешто друго, луѓето стануваат крајно незаинтересирани и оладени за светата христијанска вера, која од европските племиња направила напредна цивилизација. Оти, слободно може да се каже, Европа е втемелена на Христијанството, создадена е и облагородена од него. Основата на едно здраво општество е христијанското семејство. Сетете се: првото чудо што го направил Христос во Евангелието е токму на свадбата во Кана Галилејска; со тоа Он ја истакнал суштествената важност на бракот. А сега, откако Христијаните ја напуштија својата вера и последователно на тоа и добрите христијански дела, Црквите почнаа да се затвораат, а неморалот и меланхолијата да растат. Кога човекот прогласи некаква си слобода без Бога, тој, всушност, се врати во старото ропство, како од времето пред Христа. Ништо ново. Повторно на сцена влезе примитивизмот и паганството. А првата жртва на оваа ретроградност е најсветото нешто – христијанското семејство. Погледнете само, какви ли не дефиниции вадат денес за бракот, обидувајќи се да го редефинираат она што е од Бога востановено и озаконето! И до што доведе неверувањето во Бога? До целосно изобличување на човечкиот образ, до понижување на човечкото достоинство. Би ги навредиле дури и животните, кога би кажале дека се претвораме во животни. Оти и животните живеат според одредени законитости утврдени од Господа и строго ги пазат, додека, пак, ние луѓето не знаеме веќе за никаков поредок. А нас Бог најмногу нè љуби; нè создал според Својот образ и подобие, ни дарил господственост и ни вдахнал слободна волја. За жал, наместо човекот да го избере доброто, светлото, вистинското, тој ја злоупотребува слободата, за да ги задоволува своите ниски егоистични страсти.
Зошто велиме дека Христијанството е чувар на бракот? Пред сè, бракот е една христијанска институција, една света тајна во Црквата Божја, завет помеѓу еден маж и една жена. Сопругот се ветува на верност и служење во доброто на една жена и сопругата се ветува на еден маж. За да може овој завет да се одржи и двајцата сопружници треба да чекорат во брачниот живот според христијанските повелби и заповеди и да се чуваат во воздржание. Христијанството го учи човека, пред сè, на воздржание од гревот, од злото, од страстите. Особено Православието, кое најавтентично го чува христијанското учење, полага голема грижа околу аскезата; Црквата православна постојно учи и повикува на воздржание. Заради тоа востановила пост во среда и во петок и во текот на четирите големи пости. Доаѓа пост и велиме дека, еве, сега ќе се воздржуваме од тоа, тоа и тоа – се разбира, не само од одредена храна, туку и од злото што лежи во нас, од болното его, од осудувањето, од безделничењето по социјалните мрежи и сл. Црквата, значи, го учи човекот дека треба да се воздржува и да го насочува својот ум и срцето кон небесната Татковина, кон Царството на Бога.
Живеејќи во времето на Новиот Завет, добро знаеме дека ние сме деца на вечно Живиот и нашата вечна Татковина е на Небесата. Тоа го знаеле и ни го пренеле нашите прародители, баби и дедовци. Нашите предци можеби не читале толку како сега, бидејќи и немало такви можности, но она што ќе го научеле во храмот Божји, се труделе да го применуваат во секојдневието. Денес ние имаме многу можности за едукација, имаме достап до многу информации и тој процес на восприемање на информациите го нарекуваме образование. Но вистинското образование е нешто сосема друго, нешто што самиот негов термин го означува: тоа е стекнување на образот Божји, учење како да се стане богообразен, богоподобен, како да се стаса до обожението. За разлика од ова, модерното образование е претворено само во апсорбирање на информации и нивна примена за материјална добивка. Порано нашите баби и дедовци доаѓале в Црква, црпеле животна мудрост и стекнувале вечност. Тие коишто биле писмени ги учеле другите на Светото Писмо и на православните преданија и пред сè, ги учеле да бидат духовно здрави и силни луѓе, Христијани воздржници, кои се трудат да бидат онакви какви што Бог ги сака. Луѓе коишто ќе го полнат Царството Небесно.
Мили мои, Свети Илија токму тоа и го правел: со голема строгост, во согласност со духот на луѓето од тоа време, ги враќал Јудеите кон исправното учење за Бога. Тој и денес ни ја испраќа истата порака и се моли за нашето духовно здравје. Оти, ние православните носиме голема одговорност и вина, доколку светот оди во погрешна насока. Наместо да покажуваме со прст кон оние што застраниле од патот оти не знаат за Бога, да го свртиме погледот кон себе и да се запрашаме дали ние самите сме вистински Христијани, според верата и делата. За жал, не можеме а да не констатираме дека денес и православната Црква е во страшна криза. Многумина од клирот отворено ги манифестираат своите слабости, исполнети со славољубие и властољубие, што е особено штетно за Црквата. Сепак, оваа појава не треба никого да одвраќа од благословената патека, зашто добро знаете дека и ние кои сме дел од клирот на Црквата сме луѓе со слабости. Некој повеќе успева да се избори со сопствените слабости, друг помалку, но важно е сите да се бориме. Христијански е човек да не се соблазнува од лошото поведение на другите, туку да го поправа својот живот според тоа како учат Пророците, како проповедаат Апостолите, како сведочат Мачениците, како живеат Преподобните, најпосле, како што би сакале нашите многубројни предци, коишто сигурно имаат слобода пред Бога и тагуваат поради нашето нехристијанско однесување.
Секогаш кога доаѓам во ова село сакам да зборувам за предците. Едноставно ме трогнува и вдахновува нивната побожност. Кога читам и слушам за историјата на ова село, за славните личности произлезени одовде, наоѓам многу сличности со Пророците, Мачениците, Светиите. Овие великани биле секогаш подготвени да ги жртвуваат своите животи за Христа. Сè оставале заради Него. Кога некаква опасност ќе се надвиснела над нивните домови, особено над нивните храмови, тие не се плашеле, оти не жалеле за ништо од овој свет. Кога биле гонети и принудувани да се селат на други места, тие ѕидале нови храмови. Со она што можело да се спаси од старите храмови, опожарени од непријателите, тие создавале нови дела, нови цркви. Најважен им бил Христос, молитвата, богослужбата, другарувањето со Него.
Да се трудиме да се уподобуваме на нив, мили мои, та да им станеме повод за радост, а на идните поколенија – благослов. Да сте ми благословени и нека ни е честита 120-годишнината од херојското Илинденско востание! Вечен им спомен на сите паднати на браникот од верата и татковината наша!
Нека молитвите на Светиот пророк Илија бидат со сите нас, да станеме поревности во нашата вера најубава, како Христијани достојни на нашите предци. Амин.