Илинденско торжество во Лазарополе и Доксологија во Бигорски

Денеска го славиме Светиот Пророк Илија, еден од најголемите пророци од Стариот Завет кој оставил неизбришлив печат во историјата на Бога и на човекот. Неговата чудесна личност запрепастува и вдахновува богољубие, ревност и вистинољубивост. Неговото име со почит и радост се прославува и него го носеле и го носат поколенија и поколенија. Огнениот ревнител Божји Свети Илија е пример во богољубието и исполнувањето на Божјата волја и за нас сигурен патеводител и поткрепа во животот според заповедите Божји. Многу градови, села, храмови и семејства го имаат Светиот Пророк Илија за свој заштитник, покровител и молитвеник пред Бога.

Традиционално како и секоја година, во славното мијачко село Лазарополе нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, отслужи Божествената Евхаристија, а пак, лазоровците со особена љубов и гостопримство го пречекаа. Тоа село изнедрило големи црковни великани, општествени дејци, просветители и уметници. Бројноста на присутните во храмот изненадува и потсетува на старите времиња на Преродбата кога животот во селото цутел и плодоносел.

Грижливиот дух на нашиот Старец за зачувување на христијанските вредности, особено на семејните, коишто славните предци особено ги негувале, гореше со ревност и затоа неговата празнична беседа на Светата Литургија беше исполнета со силен божествен копнеж за нивно заживување.

Богослужението беше збогатено и разубавено од прекрасните гласови на црковниот византиски хор „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, кој со несебична пожртвуваност и ентузијазам се трудат во тоа богоугодно рамноангелско дело.

Илинденско торжество од Лазарополе во ист дух и сила продолжи во Бигорската Обител, каде што според востановената традиција беше извршен чинот на Доксологија (Славословие), во кој се принесуваат молитви „за вечен спомен и блажено упокоение на сите кои се бореле и паднале во светите борби за верата и Татковината, особено во Илинденското востание“. Нашиот родољубив Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, заедно со своите во Христа браќа монаси, во храмот на Претечата и Крстителот Господов го изврши овој чин, како и Панихида за нашите храбри предци, кои се бореле за идеалот на слободата и државноста и ги положиле своите животи за благосостојба на македонскиот народ.