Православието не е идеологија, туку реалност на спасението

Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено по читањето на светото Евангелие на Божествената Литургија во Неделата на Православието


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Денес, возљубени мои, светата Црква Божја првата недела од Великиот пост ја посветува на Неделата на Православието. Тоа е празник на правоверието, не како идеологија, ниту како „победа на едни над други“, туку како враќање во вистината, како исцеление на човекот и како сведоштво дека спасението не е апстракција, туку реалност што се живее во Телото Христово. Оти, она што се случува во Црквата низ вековите има онтолошко значење, бидејќи се однесува на самото наше спасение. Во Црквата сè е сврзано со вечноста: догмата не е „теорија“, туку живот, и правилната вера е неразделна од правилниот живот – од покајанието, очистувањето, просветлението и обожението.

Токму затоа Црквата ја помни и ѝ благодари на Божјата промисла во борбата за светите икони, која историографски се сместува најмногу во VIII и IX век, со две главни фази на иконоборството[1], и со конечната обнова на иконопочитувањето во 843 година, во Константинопол, во времето на благоверната царица Теодора и на светиот патријарх Методиј. Ова не е само историски настан, туку пројава дека Црквата не може да живее без вистината на Воплотувањето.

Во тој период се појавило учење кое го одбивало секое свето изображение, како да е тоа нужно идолопоклонство. Можно е таму да имало и различни надворешни влијанија – како, на пример, од штотуку настанатиот ислам во Арабија – и политички пресметки, но коренот на проблемот бил подлабок: дали Бог навистина стана човек, дали навистина „Го видовме“ и „Го допревме“ преку Христа, и дали материјата може да стане носител на благодатта. Црквата одговорила на оваа полемика не со човечки досетки, туку со самата срцевина на Евангелието:

И Словото стана плот и се всели меѓу нас[2].

Ако Синот Божји навистина прими човечка природа, тогаш Он е видлив, опиплив и опишлив според човечкото. Апостолот сведочи: Она што беше од почетокот, она што го чувме, она што со очите свои го видовме, што го разгледавме и што рацете наши го опипаа, за Словото на животот…[3] Христос е „образ на невидливиот Бог“[4], и „сјај на славата и отпечаток на Неговото битие“[5]. Затоа, иконата не „Го измислува“ Христа, туку сведочи дека Он навистина дојде во тело.

Оттука, кога Црквата ја брани иконата, таа се бори за вистинитоста и чистотата на откровението: дека спасението се случи реално, дека Бог влезе во нашата историја и ја исцели човечката природа. Иконоборството, во длабочина, ја ранува токму таа реалност: ако Христос не може да се изобрази, тогаш или не е вистински човек, или човечката природа не е навистина спасена.

Се разбира, во Светото Писмо стои заповедта за забрана на идолите: Не прави за себе идол… немој да им се поклонуваш, ниту да им служиш[6]. Но Црквата прави јасна разлика меѓу идол и икона. Идолот е лажен бог; иконата е сведоштво за вистинскиот Бог Кој се воплоти, и за Неговите пријатели, светиите, кои се преобразиле и се обожиле во Него. Затоа, ние не се поклонуваме на дрвото и на боите како на божество; туку преку видливиот образ ја воздигаме љубовта кон личноста што е прикажана, и кон самата благодатна реалност што таа личност ја носи. Тука е важно да ја употребиме и православната терминологија: на Бога Му принесуваме богопоклонение (λατρεία), а на светите икони и на светителите – почитување (προσκύνησις τιμητική), зашто честа што се оддава на образот се вознесува кон прволикот. Ова е формулирано и соборно, особено на Седмиот вселенски собор во Никеја, во 787 година, кој ја потврдил догматската основа на иконопочитувањето во светлината на Воплотувањето.

Затоа и денес, кога на крајот ќе го слушнеме Синодиконот на Православието, ќе разбереме што значи „Православието си дојде на себе“: не како самодоволство, туку како враќање на Црквата во своето евхаристиско и светотаинско дишење, во верата што раѓа светост. И еве, уште една клучна вистина: иконите не сведочат само за Христа, туку и за обожението на човекот. Кога го изобразуваме светителот, ние исповедаме дека Божјата благодат реално дејствувала во него; дека човекот, очистувајќи го срцето и просветлувајќи го умот, станал „жив образ“ Христов. Затоа ги љубиме светителите и ги молиме за застапништво, зашто тие не се далечни „примероци од минатото“, туку живи членови на небесната Црква.

Следствено, безумно е да се тврди дека не треба да им оддаваме почит на светите икони. Вие самите гледате, на пример, во човечкиот живот: ако една мајка има дете далеку од себе, колку силно се приврзува кон неговата фотографија! Не затоа што хартијата има некаква „вредност“, туку затоа што фотографијата станува врска со личноста што ја љуби. Таа пред фотографијата го излева срцето, ги искажува желбите, се теши, се надева, се моли; и Бог, Кој ја гледа љубовта, ѝ помага. Значи, сликата, фотографијата, станува медиум, знак на присуство, мост на љубовта во отсуство. Така и светите икони што ги почитуваме: многупати во нашите домови имаме икони што со поколенија се чувале со побожност и со молитва. Тие не се декор, туку прозорци кон вечноста. Преку нив, умот се собира, срцето се смирува, и човекот си спомнува дека не е затворен само во земјата, туку е повикан кон небесното Царство.

Денес, пак, го слушнавме и прекрасното Евангелие за апостолскиот призив на Филип и Натанаил. Филип, откако Го запозна Христа, му рече на Натанаил: Го најдовме Оној за Кого пишуваа Мојсеј во Законот и пророците, Исус, синот Јосифов, од Назарет[7]. А Натанаил, како човек воспитан во преданието и со чувствителност за светињата, одговори со сомнеж: Може ли нешто добро да излезе од Назарет? И токму тука е силата на апостолската трезвеност: Филип не се впушта во полемика, не гради „логички систем“ со аргументи за да го принуди Натанаил да поверува, туку едноставно, со смирена решителност, го повикува: Дојди и види![8]

Филип веќе Го вкусил Христа благодатно. Тој не зборувал од надворешна информација, туку од лична средба. Затоа и неговото сведоштво е кратко, но силно: „Дојди и види“. А кога Натанаил пристапи, Христос му го откри срцето. И Натанаил исповеда: „Рави, Ти си Син Божји, Ти си Цар Израилев!“ Така, сомнежот се претвори во вера, не преку убедување со зборови, туку преку откровение што се раѓа во живата средба со Христос.

Ете, така е и со нашата вера во многу случаи. Тешко е да им се објасни на другите луѓе она што човек го открил во своето срце, особено кога тоа откритие не е психолошко чувство, туку благодатна стварност. Зашто во Црквата, Бог се открива на чудесен, но и тивок начин, во длабочината на срцето. Ние не само што Го чувствуваме, туку и реално се соединуваме со Него, преку Неговото Тело и Крв во Светата Евхаристија: Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, во Мене пребива и Јас во него[9]. И тогаш, како да им објасниме на оние што испитуваат однадвор, на оние што се скептични и стојат оддалеку? Најдобро е да го кажеме она што го кажа Апостол Филип: „Дојди и види!“ Дојди во Црквата; дојди со отворено срце; вкуси ја молитвата; види го поредокот на богослужбата; приближи се со покајание; и тогаш ќе почувствуваш дека таму е Господ, дека таму е благодатта, дека таму, во светата Евхаристија, Христос не е идеја, туку Личност Кој се дава.

Зашто, секој што вистински ќе го отвори срцето и ќе Го посака Бога, Бог нема да го остави: ќе му се открие и ќе му се даде. Христос затоа дојде во овој свет, за да ни се открие, и потем целосно да ни се даде. И затоа велиме дека Црквата е Тело Христово, а ние сме членови на тој жив организам, во кој главата е Господ Исус Христос: „Вие сте тело Христово, а поединечно – членови“[10], и „Он е Главата на телото – Црквата“[11].

Видете какво е единството во Христа, и колку светото Православие нè обединува и ги надминува сите граници на овој свет. Сите ние, без оглед на националност, јазик и каква-годе друга земна поделба, ако стоиме во правоверието – во православието, во правилното исповедање на верата и во правилното стоење пред Бога со правомислие – тогаш сме едно тело и сме браќа и сестри во Христа. Да Му благодариме на Бога што сме се родиле, најнапред, во богооткриената вера. Тоа не е наша заслуга, туку дар и одговорност; дар што бара благодарност, и одговорност што бара верност. Оти, оваа вера е запечатена со многу крв. Ако ја читаме историјата на Црквата – и само да ја земеме борбата за светите икони – ќе видиме колку жртви понела: колку архиереи, свештеници, монаси и верници, кои искрено верувале и во кои, по благодатта Божја, било потврдено дека ја држат вистинската вера, ги положиле своите животи. Имало безброј исповедници и маченици, зашто во Источното Римско Царство понекогаш и самите цареви застанувале на страната на ереса против иконите. Следувале гонења, и тоа сурови гонења: прогонства, затвори, понижувања, мачења и убиства. Сите што се залагале за вистината биле гонети.

Но, денешниот празник сведочи нешто многу подлабоко: дека Црквата ја надминува секоја земна граница и секоја историска промена, затоа што е Божјо дело. Господ во Евангелието јасно го кажа тоа: „и вратите на пеколот нема да ја надвладеат“[12]. Црквата ќе остане до свршетокот на вековите, зашто таа е порта кон вечноста; таа уште овде нè прави жители на вечноста, зашто нè соединува со Христа и нè воведува во животот на идниот век. Затоа Црквата ги надминува сите општествени уредувања и останува, додека царства и општества се менуваат и минуваат. Денес го слушнавме и апостолското читање, во кое апостол Павле сведочи за светите што со вера надминуваа невозможни пречки, преку вера победија царства, вршеа правда, добија ветувања, затворија усти на лавови;угаснаа огнена сила, ја избегнаа острицата на мечот, од немоќни станаа крепки. А понатаму се спомнува и сведоштвото на страдањето: Други, пак, претрпеа подбиви и камшикувања, па и окови и затвори[13]. Таа вера не беше само мисла, туку живот; не беше само збор, туку подвиг.

И тука е суштината што мора да ја знаеме: вистинското верување, православието, не е само формула и надворешно именување, туку дела. Не сме православни само затоа што така се нарекуваме, туку затоа што се трудиме да твориме дела на верата. Така се покажува верата – не со докажување пред другите, туку со преобразување на срцето, со покајание, со молитва, со смирение, со милосрдие, со чистота на животот.

Црквата денес, со овој празник поставен токму во Великиот пост, нè повикува да бидеме правомислени и правоверни, но и да го исполнуваме она што верата нè учи. Зашто тогаш нашата вера станува патоказ кон Царството небесно, и тогаш Православието се покажува како живот во Христа – живот што почнува уште овде и се продолжува во вечноста.

Амин.


[1] Приближно 726–787 и 815–843.

[2] Јован 1,14.

[3] 1 Јован. 1, 1.

[4] Колос. 1, 15.

[5] Евреите 1, 3.

[6] Излез 20, 4-5.

[7] Јован 1, 45.

[8] Исто, 46.

[9] Јован 6, 56.

[10] 1 Кор. 12, 27.

[11] Колос, 1,18.

[12] Матеј 16, 18.

[13] Евр. 11, 33-34, 36.