Кога богословието станува живот

Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Вечерната богослужба спроти Неделата на свети Григориј Палама, во Рајчица, на 22 февруари / 7 март 2026 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Иако вообичаено беседам на крајот од вечерната, сепак, откако ги прочитавме овие прекрасни четива од Стариот завет, помислив дека токму сега е пригоден момент да кажам нешто за големиот светител кому му е посветена оваа втора недела од Великиот пост. А тоа е светиот отец наш Григориј Палама, солунскиот чудотворец. И навистина, не е случајно тоа што Црквата во оваа недела го поставува пред нас неговиот светол лик. По торжеството на Православието минатата недела, таа сега ни го покажува и оној кој стана „светило на Православието“, „поткрепа и учител на Црквата“ и „проповедник на благодатта“, зашто со своите живот, подвиг и богословие, тој ги посведочи вистинитоста на православните догми и автентичноста на животот во Христа. Затоа оваа недела со право се доживува и како второ торжество на Православието.

И мислам дека е прикладно токму сега да говориме за него, затоа што штотуку ги слушнавме чудесните зборови од книгата Мудрост Соломонова, каде што се открива големината на Божјата Премудрост. И каква е таа Премудрост! Како таа сè проникнува, сè просветлува, сè устројува! И колку е таа скапоцена! Царот Соломон вели дека е повредна од сè што човекот го смета за драгоцено во овој свет. Таа ги надминува сите негови богатства и сите негови убавини. А оној кој бдее за неа, вели, бргу ќе биде без грижа[1].

Но, зар овде станува збор за некаква обична човечка мудрост? Зар за онаа мудрост за која говореле древните философи, како Сократ, Аристотел, Платон? Се разбира, не. И тие, философите, колку што им било дадено, насетувале дека суштествува нешто повозвишено од човековиот разум; но овде Соломон не зборува за философска дијалектика, ниту за интелектуална вештина. Овде станува збор за Божјата Премудрост, која во полнотата на времето ни се откри како Личност: како Самиот Господ наш Исус Христос, Кој е „Божја сила и Божја премудрост“, и Кој „стана за нас премудрост од Бога.“[2]

Затоа и Соломон говори дека Премудроста не се поседува како предмет, туку се бара како живот. Таа им се открива на оние кои ја љубат и ја бараат. „Оние кои ме бараат, ќе ме најдат.“ Таа лесно им се дава да ја видат на оние кои ја љубат; оној кој утренува за неа, нема да се измори; и оној кој бдее за неа, бргу ќе се ослободи од грижите. Ова значи дека човекот не станува мудар со тоа што ќе стекне многу знаења, туку со тоа што целиот свој живот го насочува кон Премудроста Божја.

И во Новиот завет останува истиот призив. Ние, христијаните, уште повеќе сме повикани да бидеме мудри во Христа, според мерката на заедницата со Него. Да бидеме мудри, значи да Го придобиеме Него, зашто надвор од Христа секоја мудрост останува немоќна да го спаси човекот. А во Христа мудроста не е поим, не е теорија, не е идеја, туку живот, заедница, обожувачко учество во несоздадените Божји енергии. И затоа нашата единствена цел е соединувањето со Него. На светата и Божествена Литургија, доколку пристапуваме со вера, со покајание и со страхопочитание кон Бога, стануваме причесници на Неговите Тело и Крв. И така, според дар на милоста Негова, стануваме еднотелесни со Него. Колкаво достоинство му е дарувано на човекот! Еве зошто Црквата непрестајно нè повикува на будност, на очистување, на внимание над срцето, на стражарење над умот, та да не му пристапуваме на овој дар површно, туку со жед за вистинската Премудрост, која е Самиот Христос.

Оти, човекот не е создаден за распадливост, ниту за самодоволност, ниту за затвореност во овој свет. Создаден е за заедница со Бога. Создаден е да живее од и во Божјата светлина. Создаден е за да стане богоносен. Тука е и смислата и на подвигот, и на постот, и на молитвата: не просто да станеме „подобри“ или „поморални“, туку да станеме Христови; да Му ги предадеме Нему и умот, и срцето, и волјата и сиот свој живот.

Сето ова, мошне добро го сфатил и усвоил овој велик светилник на Црквата Божја, свети Григориј Палама. Роден во Константинопол, во угледно семејство, тој добил извонредно образование и можел да тргне по патот на голема светска слава. Но, уште млад разбрал дека сè што му нуди светот е ништожно во споредба со Премудроста Божја – Христос. Затоа го оставил светскиот пат и заминал на Света Гора, каде што стапил во строг манастирски живот и се предал на подвиг, на послушание и на умно-срдечната молитва. Подоцна се подвизувал и во околината на Бер, во манастирот на свети Јован Крстител,  а потем повторно во Градината на Пресвета Богородица, каде што уште подлабоко навлегол во исихастичкото предание на Црквата. Неговиот ум станал божествен преку благодатта, и со право химнографот го нарекува „велик богослов“. Тој не философирал оддалеку за Бога, не теоретизирал со својот интелект, туку живеел во очистување, во подвиг, во молитва и во опитно заедничарење со Бога. И затоа можел да сведочи за она што Црквата отсекогаш го живеела: дека Божјата благодат не е некаква создадена енергија, некакво надворешно средство, туку вистинско и несоздадено Божјо воздејствие; не Божја суштина, која останува непристапна, туку Божји енергии, преку кои Бог навистина му се дарува и му се соопштува на човекот – го обожува оној кој се причестува со тие енергии. Ова било самото јадро на богословието на свети Григориј. Бил свикан и посебен собор во Константинопол, во 1341 година, за да го разгледа ова возвишено откровенско богословие. На соборот била осудена схоластичката теза на Варлаам, противникот на свети Григориј, и била потврдена паламитската формулација дека Бог, иако е непристапен по суштина, Он навистина се открива преку Своите несоздадени енергии; подоцна ова учење повторно било свечено утврдено и на Соборот во палатата Влахерна во 1351 година.

И тука се допира суштината на нашето спасение. Зашто кога благодатта би била создадена, тогаш човекот не би можел вистински да заедничари со Бога. Би останал затворен во создаденото. Тогаш ни обожението не би било можно, туку би имало само некакво морално подобрување. Но преданието на Црквата, посведочено од светите отци и запечатено од свети Григориј Палама, сведочи дека човекот вистински заедничари со Бога преку Неговите несоздадени енергии. И токму затоа спасението е реално, а не симболично; обожението е можност, а не метафора.

Во тоа време, кога во црковниот живот се појавиле силни философски и схоластички влијанија и кога некои, дури и од клирот, почнале да го сведуваат богословието на умствена вештина и на интелигенција, Црквата го повикала овој смирен монах да излезе од тишината на својата ќелија и да ја исповеда вистината. Оти кога е загрозена вистината на спасението, молчењето веќе не е добродетел. И така, свети Григориј, кој подоцна станал архиепископ Солунски, не почнал да проповеда нешто ново, туку го изразил она што Црквата отсекогаш го живеела. Не донел ново учење, туку го оттурнал она што ѝ било туѓо на црковната свест. Затоа Црквата со право го воспева како „светило на Православието“, „потпора и учител на Црквата“ и „проповедник на благодатта“. И навистина, никој не може правилно да говори за Бога ако претходно не се учел на молчење пред Бога; никој не може да го толкува божествениот живот ако не вкусил, колку што му е дадено, од неговата благодатна стварност. Свети Григориј Палама останува толку велик во Црквата затоа што неговото богословие е родено од молитвата, и неговото исповедание од опитот. Во него догмата и животот не се разделени.

Овој избран Божји сад, Црквата го воспева како велик и достоен за восхит. Но неговата величина не е во некаква земна слава, туку во тоа што самиот негов живот станал доказ дека човекот е повикан на обожение; дека уште овде, на земјата, може да Го носи Бога во себе преку благодатта, и да стане, според светоотечкото предание, бог по благодат, да учествува во Божјата несоздадена светлина. И затоа оваа недела се сметка како продолжение на неделата на Православието. Ако минатата недела ја прославувавме победата на вистинската вера во однос на иконопочитувањето, денес ја гледаме истата таа победа на друго поле: во исповедањето дека Бог не е затворен во недостижна апстракција, туку навистина му се соопштува на човекот преку Своите несоздадени енергии.

Свети Григориј ја бранел оваа вистина со својот живот. Заради неа бил гонет, клеветен, оспоруван и изложен на страдања; поминал дури и низ затвор и низ големи неволји. Но Бог никогаш не ја остава вистинската побожност. И вечерва, во паримиите од Стариот завет, чувме дека Божјата Премудрост е посилна од измамата, и дека вистината не се плаши од лагата. Така живеел свети Григориј; така живееле и сите светии: не потпирајќи се на човечка сила, туку на Божјата благодат.

На Света Гора, во тишината на исихастичкиот подвиг, свети Григориј постојано ја гледал и сопствената немоќ, и длабочината на човечката темнина. Затоа неговата молитва била смирена и покајничка. Преданието и неговите списи откриваат дека тој постојано Му се обраќал на Бога со зборовите: „Господи, просветли ја мојата темнина.“  Се разбира, тој непрестајно ја творел и Исусовата молитва, умно-срдечната молитва. Преку неа човекот влегува во најдлабока заедница со Бога. Исихастите не барале некакво самодоволно мистично искуство, туку очистување на умот и срцето, за целото човечко битие да стане отворено за Божјото присуство. Затоа богословието на свети Григориј Палама го нарекуваме и богословие на молитвата.

Таквиот човек кој се подвизува во молитвата, постепено ја стекнува внатрешната будност. И дури кога телото се одмора, срцето може да остане будно пред Бога. Во тој дух Црквата отсекогаш ги истакнувала зборовите од Песна над песните: „Јас спијам, а срцето мое е будно.“[3] Тоа не значи некаква психолошка состојба, туку духовна трезвеност: човекот толку се навикнува на молитвата, што и во одморот не се оттргнува од Божјото присуство. Следствено, за таквиот човек смртта не е пад во ништожност, во непостоење, туку премин. Оној кој уште овде живее со Бога, и кога ќе заспие со телесниот сон, не умира, туку се преселува во вечноста.

Возљубени, да Му благодариме на Бога што овој велик светител е особено близок и на нашата света обител. Нему му е посветен и параклис во нашиот манастир, а тоа не е мала работа. Тоа значи дека неговото присуство, неговото застапништво и неговото сведоштво се длабоко врежани во животот на нашата монашка заедница. Да му се молиме, затоа, на овој угодник Божји да ни помогне и ние да станеме садови на благодатта; да ја исполниме Божјата волја; да не се развлекуваме по она што е минливо, оти сè на земјата е привремено, а само Бог е траен и вечен.

Неслучајно многумина отци гледаат длабока промисла во тоа што токму во доцниот византиски период, кога Ромejското царство влегувало во својот залез, Црквата преку свети Григориј Палама соборно ја запечатила вистината на своето богословие. Во 1341 година, а потоа и на соборите што следеле, особено во 1351 година во Цариград, било потврдено православното учење за несоздадената благодат, за разликувањето меѓу Божјата суштина и енергиите, и за реалноста на обожението. Тоа воопшто не било споредно прашање, туку прашање за самото спасение на човекот.

По еден век дошол и падот на Константинопол, во 1453 година. Но богословски гледано, Црквата уште пред тоа го запечатила своето сведоштво. Историски, империјата пропаднала, но вистината на Православието не пропадна. Напротив, токму во времето на историско стеснување, уште појасно заблескала нетварната светлина на црковното предание. Ова е едно од големите дела на личноста на свети Григориј Палама.

Од неговото житие знаеме и дека извесно време тој паднал и во рацете на Турците, при патување по море, и дека во тие околности водел разговори со муслимани за христијанската вера. Таму се покажала и неговата ученост, и неговата духовна слобода. Тој не настапувал со омраза, со надменост, со презир, туку со трезвеност и вистинољубие. Во едно такво предание се пренесува суштината на неговиот став: дека христијанската вера не се шири со меч, туку со словото на вистината, со љубовта и со саможртвата. Тој контраст и денес останува подеднакво актуелен.  И денес, кога светот повторно е ранет од војни, омрази и насилства, уште повеќе ни е потребна молитва за мир. Но не само за надворешен, површен мир, туку, пред сè, за Христовиот мир, кој почнува во срцето на човекот. Светите, коишто се исполнети со љубов и уподобени на Спасителот, можат многу да помогнат со своето застапништво. Затоа да го молиме свети Григориј Палама, избраниот Божји маж, великиот учител на благодатта, да им дарува мир на душите наши, да ни даде ревност за молитва, да ни вдахне желба да ја бараме Премудроста. Оти, како што чувме, оној кој ја бара, ќе ја најде. А таа Премудрост не е нешто друго, освен Самиот Христос. Да ја бараме, тогаш, со умот, со срцето и со сите сили на нашето битие; да станеме садови Божји; и целиот наш живот да Му го принесеме Нему, Кој е Светлина, Вистина и Живот.

Вечерва особено им благодариме на отецот Јован Попеску од Романија, на псалтот Драгош Лучијан и на синовите на отец Јован, кои, како што слушате, ни псалмопеат преубаво на романски јазик. Отец Јован е еден прекрасен свештеник од Православната црква на Романија, кој со благослов на својот митрополит Калиник – голем пријател на нашата Црква – вечерва сослужува со нас, а, ако даде Бог, и утре ќе бидеме заедно на светата богослужба.

Да сте благословени сите, и во молитвена тишина и созерцание да ја продолжиме вечерната богослужба.


[1] Изреки 3, 21; Мудрост 6, 12-16;

[2] 1 Кор. 1, 24 и 30.

[3] Песна 5, 2.