Со Богородица се надминуваат природните закони

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на сеноќното бдение за празникот Успение на Пресвета Богородица, по читањето на Евангелието на Светата Литургија, на 28 август 2023 лето Спасителово


„Во Тебе, Дево Чиста, се победени законите на природата, зашто рождеството девствува и смртта обречува живот. По рождеството Дева и по смртта жива, секогаш спасувај го Богородица, наследството твое“.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ѝ благодариме, мили мои, на Царицата Мајка што нè удостои и оваа година, по светиот пост во нејзина чест, да се поклониме на нејзиното сечесно Успение, пред нејзиниот мисловен гроб. Во православната теологија, освен Успение на Пресвета Богородица, денешниот празник се нарекува уште и нејзино Воскресение и Преселување во вечноста, бидејќи на третиот ден по нејзиното упокојување Бог не дозволил нејзиното тело да види распаѓање како кај сите луѓе, туку и телесно ја возвишил на Небесата и ја застанал крај Себе како Мајка Своја.

Свештените химнографи, кои со толку голем љубов и посветеност го воспеваат нејзиното Успение, вечерва преку своите песнотворенија нè повикаа да се приближиме до нејзиниот таинствен гроб. „Дојдете, верни, да пристапиме кон гробот на Божјата Мајка и да го прегрнеме, допирајќи се со срце и усни, со очи и чисто лице и да нацрпиме исцеление од обилниот дар на изворот вечен“. А гробот нејзин, мили мои, не е само во славната Гетсиманија, туку го наоѓаме и насекаде каде што постои нејзиниот свештен образ. Тој е присутен и во секое човечко срце, кое ја почитува и ја слави Онаа Која преку Христа, како Мајка на Животот, ни дава живот и воскресение. И нејзиниот сечесен гроб, подобно на Сесветиот Гроб Спасителов, ни точи живот и обновување.

Црковната поезија составена во чест на денешниот празник, таинствено нè повикува да нурнеме уште подлабоко во тајната на Успението и да спознаеме дека во личноста на Пресвета Богородица се надминуваат дури и природните закони. „Чудесни се Твоите тајни, Богородице! На Севишниот престол се покажа и од Земјата кон Небесата денес се претстави“. Впрочем, сè што е поврзано со животот на Богоблагословената е чудо и тајна света. Таинство било и самото нејзино зачнување од тогаш престарените Јоаким и Ана, таинство било и нејзиното пребивање во Храмот ерусалимски, каде што беседела со Ангелите; таинство над сите од века таинства било и зачнувањето во нејзината утроба и Рождеството на нејзиниот Син и Бог наш. Пред раѓањето Таа била Дева, во раѓањето Дева, а и по раѓањето останала Дева. А еве, гледаме денес, и при своето Успение Таа останала жива. „Во Рождеството девството го запази и во Успението светот не го остави“ – пееме во тропарот на Празникот.

Пресвета Богородица, мили мои, стана скала на човештвото до Небесата. За време на читањата од Стариот Завет на свештеното богослужение чувме за скалата што прататкото Јаков ја видел во сновидение, на местото што подоцна тој го нарекол Ветил, што значи ’Дом Божи‘: Ете, скала стои на земјата, а со врвот допира до небото, и ангели Божји се качуваа по неа и слегуваа (Битие 28,12). Токму таа Божествена лествица, Пренепорочната наша Богородица, преку својата достојност, преку своето воздржание, својата светост, својата девственост и беспрекорна чистота, се удостоила да Го прими во своето тело Царот на сите, да Му даде крв и плот на вочовечениот Бог и со тоа да го отвори за луѓето Царството Небесно и да им постане скала кон него.

Со посебна убавина и теолошка длабочина допира до срцето таканаречениот Светилен на празникот, кој се пее веднаш по Катавасијата. Во него, црковниот поет, во устата на Пренепорочната ги става следниве зборови: „Апостоли, собрани од краиштата на вселената, овде во гората Гетсиманија, погребете го телото мое и, Ти, Сине мој и Боже мој, прими го духот мој“. Овие дијахрониски зборови, во таа прилика упатени кон Светите Апостоли, прозвучуваат одново и одново и се однесуваат кон секого од нас поединечно. Оти, Богородица е Онаа Која како мајка ги собира пилињата свои. Преку својата мајчинска љубов и благост Таа нè учи и нè воведува во сите тајни на Христијанството. Нè собира и нè прави причесници во тајната на Христовото Воскресение. Вечерва нè собра и пред својот мисловен, животворен гроб, за да ѝ се поклониме и да ја прославиме како Мајка на Животот. Доколку ја имаме Неа во срцето, доколку ја чествуваме како своја Мајка и ѝ се предадеме со доверба и љубов, тогаш тие преубави зборови од Светилниот ќе се однесуваат и на нас; тогаш и ние ќе можеме мисловно да се собереме во Гетсиманија, во соборот Небесен на Царицата на Ангелите, во убоста на нејзината неизречена слава. Ќе можеме и да излеземе од границите на природните закони, зашто на секого кој ѝ се моли и ја слави и со дела ја почитува Мајката Господова, Таа му дава благодат да се издигне над земските пристрасности и природните законитости. Гледате, ние Христијаните се бориме и со она што е природно за овој свет, затоа што се стремиме да станеме жители на еден нов, неминлив свет, на Царството Небесно. Тоа е нашиот устрем, копнежот на нашите внатрини. Еве, да ги земеме монасите за пример – тие се борат и се воздржуваат дури и од оние природни страсти, кои за луѓето одовде се сосема нормални. Но Богородица е Таа Која како Мајка им помага да ги надминат дури и природните нешта.

Па така, мили мои, Богородица сите нас нè повикува Неа да ја сложиме во своето срце и откако ќе го сториме тоа, Таа ќе нè оснажува, ќе нè благословува, ќе нè утешува, ќе биде наша патеводителка, Одигитрија. А при сето тоа, нејзиниот Син Кој денес го прима духот нејзин, ги прима и нејзините неуморни моленија за нас, така што ги возвишува и нашите срца и души кон небесните височини. Мили мои, оние кои се молат, кои ја љубат Пресветата наша, почувствувале и се увериле колку многу пати и невозможното станало за нив возможно, бидејќи Таа има огромна слобода и сила пред својот Син и Бог и Спасител наш.

Во времето во коешто живееме, повеќе од потребно е ние Христијаните што поусрдно да се молиме, да ѝ се предаваме на Пресветата Богородица, постојано да ги имаме во своите срца и мисли преслатките Христос и Богородица и сите свети убавини на нашата богооткриена вера. На тој начин ќе си помогнеме, пред сè, себеси, потоа и на блиските околу нас, а и на овој многу измачен свет. Денес идентитетот и богосотвореното достоинство на човекот се наоѓа во невидена криза. Самовласниот човек стана роб на сопствените продукти. Но Богородица како Мајка нема да нè остави, доколку ние навистина ѝ ги предадеме своите срца. Таа ќе нè патеводи во сите таинства на нашата возвишена и спасоносна вера и ќе нè упатува кон Царството Небесно, коешто, впрочем, е нашата вистинска и постојана татковина.

Ви посакувам на сите да ја примите Богородица во своите срца, да го почувствувате благословот и духовната сладост од ова сеноќно бдение, кое е, навистина, еден прекрасен подвиг и благодарност кон Мајката на Животот. Оти, како што говорат некои свети отци, еден ваков благословен потфат во слава Божја се изедначува со повеќедневен пост. Па така, сите вие кои се потрудивте оваа ноќ, стоејќи во молитва и благодарења пред мисловниот гроб на Пресветата, гробот што живот точи, да можете да примите голем благослов за вас и за сите ваши ближни. И да ја молиме Владичицата наша Богородица, Мајката на целото човештво, да испрати милост, благослов, прошка и просветление на целиот свет.

Амин!