Сеноќно бдение за празникот Успение

Само што ќе се спомне Пресветата Дева Богородица – и на душата веднаш ѝ станува пријатно и топло и се чувствува сигурно, како што му е на детето во спокојот на мајчинските прегратки. Без разлика дали некој е млад или стар, образован или неук, сите ние, не еднаш сме ја почувствувале утехата и љубовта што извира од топлата Богородична прегратка. Колку е прекрасно за нас Христијаните што имаме таква нежна и милостива Мајка, кон Која со надеж прибегнуваме во секоја тага и неволја и никогаш не остануваме без нејзината помош. Таа подеднакво усрдно посредува дури и за најголемите грешници, кои речиси и да изгубиле секаква надеж за спасение, оти кај и да се свртат, од другите примаат само осуда. Но во Нејзиното мајчинско срце има место за сите, оти сите сме нејзини деца. Од моментот на Своето блаженото преселување од овој живот, со кое ни стана скала на спасение, ние под покривот на нејзината закрила се засолнуваме и од Неа молитви пред Синот Божји за нас просиме. Денес, пак, неизмерно се радуваме, оти Таа со Своето Успение како бела гулабица кон небото летна и на сите патот кон Царството на вечна радост ни го покажа.

И сега, знаејќи го ова, зарем би требало да останеме зачудени, што на сеноќната молитва во бигорското светилиште, монашките срца и оние на присутните во храмот гореа со неизмерна синовска љубов кон Мајката на нашиот сладок Христос? Па Таа нетлено ни го роди Младоженецот на нашите души! И ете, оваа година на својот најголем празник Таа украси уште две богокопнежливи души со светото монашко расо, браќата Деан и Оливер, кои положија метанија за монашки живот пред Старецот на Обителта, Епископот Антаниски г. Партениј, станувајќи расофорни послушници. А како посебна чест за својот празник, Таа ни го донесе јероѓаконот Хризостом, светогорски монах и пријател на нашата Обител, кој на бдението сослужуваше заедно со свештенослужителите од нашето братство.

И зарем да нè изненадат топлите солзи на благодарност и умилниот лик на нашиот сакан Старец, кој зрачеше со посебна благост додека во срцето таинствено се среќаваше со Онаа Која е повисока од Небесата и од сончевите зраци почиста. Таа благодатна средба најде свој одраз во неговото созерцателно слово и своевидна химна исполнета со пофалби кон Преблагословената Која ни во Успението свое не нè остава.