Светилници на врв планина: Светите Кирил и Методиј и повикот за обожение

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Бигорската Свештена Обител, изговорено на споменот на Светите Браќа Кирил и Методиј, во бигорскиот скит во с. Битуше посветен на нив, на 24 мај 2025 лето Спасителово


Христос Воскресе!

Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!

Го чувме, возљубени, Светото Евангелие, одредено за денешниот величествен светителски спомен, кога со умиление и благодарност ги прославуваме светите сесловенски рамноапостолни отци и просветители, божествените Кирил и Методиј. Заедно со него, во овој саботен ден од пасхалниот богослужбен циклус, Црквата ни предлага уште едно евангелско зачало. И навистина, двете евангелија се некако таинствено надополнувачки едно со друго за нашето денешно празнување.

Евангелието посветено на Светите Браќа ни зборува за светлината. Господ Христос вели: Вие сте светлината на светот и светило што стои на врв планина не може да се сокрие[1]. Со овие зборови Господ ни открива дека оној кој ќе Го прими Него и ќе го усвои евангелскиот начин на живеење, станува светлина. Оти, Христос, Кој е една од Ипостасите на Светата Троица, ја излева Својата светлина врз оние кои се соединиле со Него, така што тие стануваат Негови носители, сведоци, светилници на светот. Тоа е голем повик, но и голема одговорност. Да бидеш христијанин не е формалност и номиналност, туку сведоштво. Нè повикува Господ да живееме како чеда на светлината, како луѓе што ја познаваат вистината, и не само што ја знаат, туку и живеат според неа.

Во второто Евангелие, пак, гледаме како Господ им се обраќа на Евреите кои Го обвинуваа, настојувајќи да Го убијат, бидејќи, според нив, се изедначувал со Бога. Христос, со тивок укор, ги прашува: „Многу добри дела ви покажав од Мојот Отец; за кое од нив сакате да Ме каменувате?“ А тие одговараат: „Не за добри дела, туку затоа што, ти – човек, се правиш Бог.“ И тука Господ, со авторитет на Оној Кој не само што ги познава Писмата, туку и ги создал и ги вдахнал истите, им укажува на зборовите од Стариот Завет: „Не е ли напишано во вашиот закон: Јас реков: богови сте?“[2] Зборови што се однесуваат на обожувањето по благодат, на можноста човекот, соединувајќи се со Бога, да учествува во Неговата светост и нетленост.

Несомнено, ова е нашата цел – обожението. Зашто Бог толку нè возљуби, што слезе при нас и стана еден од нас, за преку Него и ние да се совознесеме и да станеме учесници во Неговата Божественост преку Неговите енергии, богови по благодат. Тоа не е само една возвишена апстрактна мисла, туку вистина посведочена со многубројни примери, со животите на светиите, благословени чеда на светата Божја Црква, кои со своето постоење ни го покажуваат патот кон тоа обожување.

Такви се и светите браќа Кирил и Методиј коишто денес ги славиме: светли примери на вера и љубов кон Христа. Тие не само што Го познаа Господа, туку и Му послужија со сè што имаа: со умот, со јазикот, со трудот, со срцето. Големи просветители, коишто просветлија многу народи со словото на вистината, го предадоа светото Евангелие на јазик разбирлив, жив, близок на народот. И ние денес со благодарност се сеќаваме на нивното дело, зашто преку нив словенскиот народ излезе од смртната сенка на незнабожието и го прими светлото име Христово. Тие го облагородија словенскиот јазик, му создадоа писмо, го запишаа, му дадоа граматика и облик. Благодарение на тоа, и ние станавме народ со култура, со писменост, со духовна вертикала. Оти, токму Евангелието е тоа што го цивилизира човекот. Тоа е светлината што го преобразува човековото битие. Без него, без Христа, човекот останува во темнина. А денес, за жал, гледаме како целиот христијански свет, особено Европа, се наоѓа во сериозна духовна криза. Не поради недостаток на богатство, не поради технологија, туку поради тоа што христијаните ги напуштија евангелските начела. Заборавија како треба да изгледаат Христовите чеда.

За тоа Господ ни говори и денес, преку Евангелието, преку светителите, преку светлите ликови на божествените Кирил и Методиј, кои не се двоумеа да остават сè – и удобноста, и спокојот, и татковината, и почестите – и да го понесат крстот на проповедта, одејќи кај народи што живееле во длабок мрак, во незнаење, и со љубов им Го проповедаа Христа. Не со насилие, не со надменост, туку со добрина и со слово исполнето со Светиот Дух.

Во житието на Свети Кирил читаме едно прекрасно и поучно сведоштво: кога светите браќа оделе да го проповедаат Евангелието кај незнабошците, биле нападнати од некои диви, воинствени и сурови скити. Но кога тие луѓе, иако гневни и подготвени на насилство, ги здогледале лицата на светителите како светлат со кротост, како јагниња Божји, нивната жестокост се растопила. Скитите се скротиле, им се поклониле на Светителите и ги пуштиле да поминат. Гледате ли што значи човек кој Го носи Христа во срцето свое? Оној кој е Христов станува сличен на Него. Станува тивка светлина, станува кротост, станува љубов. Не со зборови, туку со самото свое присуство сведочи. Такви биле светите Кирил и Методиј – не само мудри проповедници, не само образовани учители, туку живи икони на Господа Исуса Христа. Тие не биле обични мислители или философи на своето време – иако, навистина, по Божја промисла, биле украсени со секаква мудрост и знаење. Свети Константин – Кирил, на пример, бил библиотекар на големата царска библиотека на Великата Христова Црква во Новиот Рим – Константинопол. Имал можност и мудрост да ги изучи сите тогаш познати философски школи и учења. Исто така и неговиот брат Методиј, со длабоко образование и управничка служба, бил подготвен за големата мисија што Бог им ја довери.

И кога дошло времето, кога народот во Моравија почувствувал жед за вистината, кнезот Ростислав, од денешните простори на Чешка и Словачка, испратил писмо до римскиот цар Михаил во Константинопол, молејќи го да му испрати учители коишто ќе го поучат неговиот народ во верата, во Божјото откровение. И не побарал кого било, туку посакал вистински апостоли, такви коишто нема само да зборуваат, туку и ќе живеат според Христа. И токму такви му биле испратени – светите браќа Кирил и Методиј.

Еве, денеска ја имаме честа и духовната радост, со нас да сослужуваат двајца презвитери, себлагоговејните отци Василиј и Михаил, токму од земјите Чешка и Словачка, од тие благословени моравски предели каде што, пред многу векови, биле испратени Светите Браќа од светиот патријарх Фотиј Цариградски и благочестивиот цар Михаил, за да го проповедаат Христа на сите Словени. И тие, со тивка сила и молитвена љубов, заминале таму, не како освојувачи, туку како носители на Вистината. Го положиле темелот на верата, ја пренеле светлината на Евангелието, ги надминале јазичните и културните пречки и поставиле основа за единство на народите и на јазиците – не политичко, туку духовно, во името Христово. Всушност, тие се и првите вистински проповедници и гласници на една обединета Европа и обединет свет, но не според мерката на човечките идеологии, туку според мерката на Христос – вечниот Камен Темелник. Затоа и Црквата на Запад ги прогласи Светите Браќа за копатрони на Европа. Оти, нивната мисија не е истрошена со минувањето на времето, туку останува свежа и подеднакво важечка и денес.

Нашиот Спасител, возљубени, постојано нè повикува. И низ историјата ни испраќа такви апостоли, чудесни подвижници, просветители и учители, коишто Го носат Христа во себе, не само како познание, туку како живот. Рековме дека светите Кирил и Методиј не биле само учени луѓе. Тие биле, пред сè, живи икони на живиот Бог. Секој нивни збор, секое нивно дело, секој нивен поглед бил проповед на Воскреснатиот. И затоа нивната мисија била толку плодна – затоа што не само што говореле за Христа, туку и Го покажувале со дела и со живот. И кога народите, кои до тој миг живееле во мрак и незнаење, ќе ги здогледале, во нивните појави ја гледале, всушност, вистината. Во нивните ликови се оцртувала смислата на животот, зашто тие го носеле во себе Распнатиот и Воскреснатиот.

Така го повикаа словенскиот, а многу други народи во богопознание, во вистинска светлина. А ние, доколку навистина ги почитуваме, треба да ги славиме не само со зборови, туку и да живееме како што тие живееја. Да бидеме токму такви какви што Господ денес нè повика во Евангелието: светлина на светот, светило поставено на врв планина, светлина што не се крие, туку свети и сведочи. Зар можеле светите Кирил и Методиј да ја сокријат светлината што ја стекнале преку молитва, преку пост, преку љубов и подвиг? Не можеле. Дури и дивите народи што не Го познавале Христа, Го препознавале во нивните лица. А кога отишле во Рим, за да го одбранат правото на словенскиот јазик од тријазичната ерес, биле пречекани со големи почести. Зашто луѓето, дури и оние што не говореле нивни јазик, во нив препознавале нешто божествено, во нивните лица гледале божествени луѓе, обожени Христови личности што зрачат со незаодната светлина Божја.

Дури и кога Свети Кирил, во телесна младост, но во духовна зрелост, се упокоил по исполнувањето на едно огромно свето дело, неговото свештено тело станало предмет на голема почит. Римјаните не дозволиле тоа да биде вратено во родниот му град Солун. Иако неговиот брат Методиј и учениците сакале да го однесат назад во татковината, римјаните одговориле: „Не, бидејќи тој се упокои тука, во Рим, за нас неговото тело е непроценливо богатство. И неговите мошти ќе бидат наша голема светиња.“ И навистина, до ден денес, дел од моштите на Светиот Кирил се чуваат во прочуената римска базилика на Свети Климент, каде што секоја година претставници од нашата Црква и држава одат со смирение и почит да му се поклонат на светиот учител и просветител.

Возљубени, да не ги почитуваме светите Кирил и Методиј само со зборови. Да не останеме само на тоа дека ни дадоа писмо, образование, култура. Бидејќи нивната вистинска мисија не беше само културна – таа беше, пред сè, духовна. Тие ни го покажаа патот кон обожението. Кон тоа што е најдлабоката цел на човечкото постоење: да станеме учесници во Божествената светост, да се соединиме со Христа. И токму затоа, нивниот прв превод, првото нешто што Свети Кирил го напишал на новата азбука, било светото Евангелие. Најнапред започнал со Евангелието според Свети Јован Богослов, со неговите возвишени зборови: Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото. Тоа било светлината што почнала да свети кај народите што сè уште живееле во сенката на незнаењето. Така започнало просветлувањето на целото словенско множество.

Да ги молиме, браќа и сестри, светите Кирил и Методиј да измолат од Бога силна вера за сите нас, просветление на умот и мир меѓу народите. Особено денес, кога сме сведоци на една болна и трагична рана што сè уште крвари – братоубиствена војна меѓу два словенски и православни народа, рускиот и украинскиот. Да испросиме светителските молитви да ја стишат таа бура. Да престане безумното крвопролевање, да се врати мирот, да се спасат човечките животи. Да ни дарува Господ дух на покајание, единство и љубов.

Да Му благодариме на Бога, возљубени, што овде, во овој свет храм, вчеравечер за прв пат беше отслужена вечерна богослужба, а еве денеска и света Литургија пред новиот иконостас. Иако сè уште нема насликани икони, со Божја помош, ќе пристапиме и кон нивно создавање, а потоа и кон живописување на фрески, и кон сè што е потребно за Божјиот дом да го добие своето полно духовно достоинство. Овој храм, како што сами гледате, стои како едно светило, токму така како што денешното Евангелие говореше: „Светило што стои на врв планина не може да се сокрие.“ Тој е симбол. Симбол на обновата. Симбол на тоа какви треба да бидеме сите ние, доколку сакаме да бидеме Христови – како светите отци наши Кирил и Методиј: светилници. Носители и гласници на светлината Божествена.

И еве, тука каде што некогаш имаше војска, денес има молитва. Онаму каде што се слушале команди, денес се вознесува „Господи помилуј“. Бог благоизволи ова место да го преобрази и да го освети. И сега, со посредство на Светите Кирил и Методиј, ова место стана пребивалиште на ангелите и светителите. Место што нè потсетува дека сме повикани да светлиме, не со наша, туку со Божјата светлина.

Со благодарност ги спомнуваме и ктиторите на овој храм – благочестивото семејство Џиковски од Скопје, кои со љубов и великодушност дадоа најголем дел од средствата за изградбата. Заедно со нив, и многу други луѓе, познати и непознати, помагаат ова место да расне, да се украсува, да прераснува во една вистинска Божја светиња. Нека Бог ги благослови сите што со срце се вложуваат во ова големо Божјо дело. Да им дарува здравје, мир и радост. А и сите нас нека нè укрепи. Да бидеме живи и здрави, и со љубов да го носиме крстот што ни е даден. Да светлиме со добрина таму каде што сме посеани.

Амин.


[1] Сп. Матеј 5, 14-15.

[2] Сп. Јован 10, 32-34.