Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено во неделата на Цветници, во храмот Успение на Пресвета Богородица во Дебар, на 31/13 април 2025 лето Спасителово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Благодатта на Светиот Дух нè собра денес сите заедно, возљубени, од различни краишта на нашата мила Татковина, овде, во овој свештен и сечесен храм – паметник на градот Дебар, за да го прославиме големиот празник, Влегувањето на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, во Светиот Град Ерусалим.
На овој празник Црквата торжествено пее: „Денес благодатта на Светиот Дух нè собра“. Неслучајно стихирата којашто започнува со овие зборови се повторува неколку пати во текот на богослужението за Цветници. Овој воспев не е само една поетска фигура, туку сведоштво за реалната и дејствителна присутност на Светиот Дух, Кој го собира расеаниот народ Божји и го прави едно тело во Христа. Тоа е химна за единството на Црквата во времето, но и во вечноста. Историски гледано, овој ден бил ден на повторното собирање на монасите отшелници од пустините на Египет и на Палестина, кои го минувале постот во строго воздржание, осамеништво и тишина, и токму на овој празник се враќале во своите матични обители, за да ја започнат заеднички најсветата седмица – седмицата на Христовите страданија, смрт и Воскресение. Таа историска и литургиска реалност нè повикува и нас денес да ја живееме духовната и есхатолошка смисла на празникот.
И така, возљубени, и ние денес сме собрани од живото присуство на Бог Светиот Дух, за да Го пречекаме Царот Христос во своите срца, во нашиот личен Ерусалим. Христос, вистинскиот Цар на мирот, денес триумфално влегува во Светиот Град. Но овој триумф, за разлика од сите земски триумфи, не е обележан со сила, ниту со оружје, ниту со крв, туку со смирение, кроткост и љубов. И токму овој триумф е најголемиот триумф во историјата. Тоа е триумф на љубовта. Христос влегува не на некој расен коњ, не со некоја раскошна триумфална кочија во злато и сјај – како што било обичај за војсководците победници од тоа време – туку качен на мало магаре, симбол на смирение, послушание и кротост. Тоа е парадоксот на боговоплотената љубов: моќта се пројавува во немоќта, а победата во доброволното распнување. Христос влегува како Цар, не за да владее според принципите на светот, туку за да го возведе човекот кон Царството што не е од овој свет.
Претходниот ден, во саботата, Господ го воскреснува Лазара, Својот пријател, кој веќе четири дена бил во гроб – за да го покаже пред целиот свет почетокот на новата твар, залогот на општото воскресение. Тоа е најсилниот аргумент за верата во победата над смртта. По извикувањето од гробот, Лазар за некое време повторно умре, но не за да се изгуби, туку за да сведочи за вечниот живот. За време на својот повторен живот на земјата тој бил епископ во Кипар, и неговиот втор гроб до ден денес се наоѓа таму како сведоштво на победата над тлението, додека неговата душа пребива со Христа, од Кого ништо веќе не може да ја раздвои. Затоа, празнувајќи го денес триумфалниот вход на Христа во Ерусалим, ние не се сеќаваме само на едно историско збиднување, туку се восовршуваме за влез во Неговата слава, преку Крстот и смирението, и најпосле, преку Воскресението.
Но зошто го кажувам сето ова? Затоа што токму со денешниот настан, со победоносното влегување на Господ Христос во Ерусалим, се објавува и предвкусува победата што ќе се оствари преку Крстот и Воскресението. Христос умре како човек, како Оној Кој го зеде човечкото тело и го направи жртва жива, света, совршена. Христос умре, за да воскресне во слава, и во тоа Воскресение, не како дух без тело, туку со Своето човечко тело, го победи самото проклетство на смртта. Од тој миг, смртта повеќе не е крај за човекот, туку премин; не е распад, туку очекување на преобразувањето. Христос, откако воскресна од мртвите, не умира повеќе: смртта нема веќе власт над Него (Рим. 6,9). И сите ние кои веруваме во Него, кои сме крстени во Него, кои сме сораспнати со Него во подвигот на верата и на животот, веќе не сме во сенката на смртта. Овој Цар, Кој денес влегува во Ерусалим, тоа му го ветува на човештвото: дека еден ден сите ќе совоскресне со Него. Му ветува на целото човештво триумф над смртта. Дека на крајот од овој свет, целото човештво повторно ќе го подигне од смртта.
Синот Божји и Синот Човечки влезе во Ерусалим како вечен Победител, како Оној Кој има власт над животот и над смртта. Тој му вети на човештвото нешто што ниедна философија, ниедна култура, ниедна утопија не можела ни да го замисли: триумф над распадливоста, победа над тлението, воскресение на телото. И сето тоа – преку соединувањето со Него. Смртта е општа и лично искусена болка. Сите ние знаеме колку е тешко кога некој заминува одовде; сите ние ја носиме во себе болката од заминувањето на некој свој ближен. Но само Христос, од почетокот на светот па сè до крајот, е лекот што никогаш не изневерува. Христос, Распнатиот, е Оној Кој не само што воскресна, туку и нè повикува сите да влеземе во Неговата неприкосновена победа.
Крстот, браќа и сестри, не е само страдање, туку мост. Воскресението е крај на смртта, но и почеток на вистинскиот живот. И сите оние кои веруваат во Него, веќе одовде, уште од овој живот, можат да го вкусат Воскресението. Чувствувањето на Воскресението започнува кога ќе го усмртиме гревот во себе, кога ќе ја одбиеме сенката на безбожноста, кога ќе Го примиме Светиот Дух како залог на иднината. Оти Христос не го победи гревот само со зборови, туку со Своето безгрешно тело, со светоста на животот, со покорноста кон Божјата волја. Тој стана Првина од мртвите, Првороден меѓу многуте браќа, Оној Кој го отвори патот кон Царството Небесно, не само на духот човечки, туку и на секое човечко тело, за секој човек кој Го следи со вера и во љубов.
Што уште ни открива, меѓу другото, денешниот празник? Ни го открива и парадоксот на човечката природа, нејзината длабока непостојаност, нејзината изменливост и расцепканост. Истиот тој народ што денес со палмови гранки Го пречекува Христа како Цар, извикувајќи „Осана!“ и приведувајќи пророштва од Псалмите и од Законот, по само неколку дена ќе извикува: „Распни Го! Распни!“ Тоа не е само историска случка, тоа е слика на човештвото во сите времиња – од Адама до последниот човек. Човекот, паднатиот човек, не знае да пребива цврсто во вистината; неговото срце е раздвоено, неговите мисли се непостојани. И токму во таа непостојаност и раздвоеност, Христос ја носи светлината на вистината. Он влегува во Ерусалим не за да царува според световни критериуми, туку за да покаже што значи вистинско Царство, Царство на љубовта, на кротоста, на смирението. Он е Цар без насилство, Владетел без меч, Победител без крвопролевање. Он не влегува во Градот како римски император, туку како Слуга на светот. И во тоа се состои и Неговото Божествено снисходење, во тоа што силата ја крие зад љубовта, а славата ја покрива со смирение. И ова не е само морална поука. Христос го објавува благовестието за човекот – човекот како создание повикано кон блесокот на обожението. Но тој пат не води преку наметната власт, преку насилие, туку преку доброволното носење на крстот. Он не ја поништува човековата слобода, туку ја повикува. Он не суди по изглед, туку гледа во срцето, дури и тогаш кога тоа срце е длабоко повредено. Христос ги прибира сите: грешници, блудници, болни, лепрозни, иноверни, другородни. Он не дојде да направи избор според критериуми на некаков си земски морализам, туку да го спаси човекот во неговата целост – човекот во неговиот пад, во неговото страдање, во неговата злоупотребена слобода.
И затоа денес, во свет кој сè повеќе ги заборава дури и основните човечки принципи, каде што љубовта бледнее, а добрината се релативизира, Христос останува не само вечен образец, туку и вечна можност. Неговото присуство е секогаш евхаристиско, повикувачко, преобразувачко. Он не нè повикува само да Го следиме, туку да бидеме како Него, да се уподобиме на Него. Да станеме носители на светлина, спроводници на Светлината вистинска, Којашто дојде во светот за да го спаси, а не да го осуди.
Ајде да бидеме чеда на Овој Цар, Кој нè повикува на најдлабоката и најсуштествена победа – победата над смртта. Тоа е есхатолошката победа што веќе започнува овде, во овој живот, преку постојаното соединување со Христа. Оти животот во Црквата не е ништо друго, освен една постојана борба, постојано војување со злото, со смртта што се сокрива зад привидната живост на светот. Секој ден ни е даден како духовна арена – во срцето, во совеста, во слободната волја. Ако не го победуваме гревот кој „лесно нè обвиткува“ (Евр. 12, 1), тогаш, всушност, секој ден малку по малку умираме – не само телесно, ами и духовно. Смртта тогаш станува почеток на вечното распаѓање, отуѓеност од Бога, тага без надеж. Затоа Христос мора да биде нашата прва и последна љубов, почетокот и крајот на сите наши љубови. Он мора да биде над сè – не како апстрактна идеја, туку како жив Бог, Кој „живее меѓу нас“ (Јован 1, 14) преку Црквата, преку Литургијата, преку Светите Тајни. А сè друго ќе ни се придодаде. Како што вели Самиот Он: Барајте го најнапред Царството Божјо и Неговата правда, и сè ова ќе ви се додаде (Матеј 6, 33). Ова е сведоштво на сите кои Го следеле Христа низ вековите. Светителите, мачениците, подвижниците – сите тие сведочат дека оној кој Го бара Бога, ги добива сите нешта, и во времето, и во вечноста. Оној кој ќе Го најде Христа, веќе нема ништо да бара, зашто нашол сè.
Накрај уште еднаш ќе ви кажам на сите: благодарам, благодарам, благодарам – од сè срце, што сте денес овде, собрани од сите краишта на нашата Македонија. Благодарност за тоа што заедно го израдувавме овој свет храм, споменик на побожноста на нашите предци, коишто со огромна љубов и жртва подигнувале храмови Божји, бивајќи и самите живи храмови на живиот Бог – и на непристапни места, и во време на големи лишувања и неможности. Овој храм е сведоштво на таа љубов, граден во околности што денес ни изгледаат речиси незамисливи. А потоа, во време кога сè имавме, ние го заборавивме. како што понекогаш се забораваме и себеси. Го занемаривме храмот – не само овој, ѕиданиот, туку и оној внатрешниот, духовниот. Оваа црква почнала да прокапува, влагата да се провлекува, фреските да се ронат, а слично на ова, и во нашите души почнала да навлегува расеаност, немарност, студенило. Но Бог секогаш издигнува сведоци: тука беше, на пример, нашиот драг Душан, кој не спиеше мирно додека не го смени покривот на црквата. Подвигот за нејзина обнова продолжи; еден по еден, сите ние се приклучивме. И храмот повторно почна да свети. Тоа не е само надворешна обнова – тоа е знак, призив, потсетување, да се вратиме кон внатрешниот храм на срцето. Секојдневно да се сеќаваме дека Господ сака да обитава во нас, како вистинско присуство, како обожувачка сила.
И еве, слава Му на Бога, гледаме како храмот денес изгледа поубаво од лани. Иконата на Богородица е обновена, а и таа на Христос. Оваа на Господ е зографисана од синот на Дичо Зограф, а на Богородица од еден, исто така, добар подоцнежен зограф. Нашите предци сега се радуваат со нас. Кога влегов денеска во храмот, го почувствував нивното присуство. Тие нè пресретнаа и како да ни велеа: „Живи се децата наши, живи се!“ Како што тие се живи во Христа, така и ние сме живи, зашто сме едно Тело, едно Причастие, една надеж и очекување. И не само ние. Овде сме заедно со сите чеда на Црквата Божја, без разлика на нацијата или јазикот. Во Христа нема другородни, зашто сите сме еден род, Негов народ. И денес, собрани сите заедно, Го пречекуваме Христа во своите срца, го славиме Неговото влегување во Ерусалим и се подготвуваме за најдлабокото таинствено созерцание – за Страсната седмица и за Воскресението.
Ви посакувам на сите добра и благословена Страсна седмица и светла и радосна Пасха Господова! Нека сите Христијани во овој свет, разделени по јазици и по народи, се обединат во оваа единствена светлина, во Христа Воскреснатиот!
Амин.