Верата како чин на љубов и жртва

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Божествената Литургија во Неделата на Свети Григориј Палама, во Рајчица, на 3/16 март 2025 лето Господово


Возљубени во Христа браќа, сестри и чеда,

Евангелското четиво што пред малку го слушнавме е едно од оние кои секогаш длабоко нè трогнуваат, нѐ восхитуваат, нѐ повикуваат да размислиме потемелно за верата, за пожртвуваноста, за гревот, за исцелението и за нашата жива врска со Христа. Овој евангелски расказ се читал во оваа втора недела од Чесниот и Велик пост, уште пред таа да биде посветена на големиот отец и учител на Црквата, Светиот Григориј Палама. Во неа гледаме две реалности што се силно поврзани меѓу себе: гревот како болест на човековата природа и пожртвуваната вера како сила што обновува и исцелува.

Имено, слушнавме за човекот кој бил парализиран, како и за неговите пријатели кои со голема љубов и непоколеблива вера се труделе да го донесат пред Христос. Тие дознале дека Господ се наоѓа во Капернаум, во еден дом, и веднаш тргнале кон Него. Но, како и секогаш, околу Спасителот имало множество народ, толку многу што било невозможно да пристапат до Него. Меѓутоа, како што сведочи Свештеното Евангелие, нивната вера не познавала пречки. Вистинската вера секогаш наоѓа пат до Бога. Тие го погледнале покривот од куќата и се сетиле дека преку него можат да пристапат до Божествениот Исцелител! Ги отстраниле гредите и преку отворот го спуштиле својот болен пријател, заедно со неговиот одар, пред нозете Христови.

Замислете ја нивната љубов, нивната упорност, нивната несебичност. Овие луѓе не барале исцеление за себе. Нивната грижа била насочена кон нивниот пријател. Тие не се жалеле, не се откажувале, не биле обесхрабрени ниту од толпата, ниту од трудот што бил потребен. Нивната вера била вера на дела, а не само на зборови. И токму таа ревност ја виде Господ во нив – нивната вера, нивниот напор, нивното срце исполнето со љубов и сострадание.

Верата што прави чуда е токму таква – вера што не останува пасивна, туку дејствува; што не се плаши од пречки, туку ги надминува; што не се колеба, туку упорно чекори кон Бога. Денешното Евангелие ни е дадено, за да нè потсети дека верата не е само размислување и апстракција, туку дејствителен живот во Христа; дека љубовта не е само чувство и сентимент, туку жртва и грижа за другиот.

Во денешниот евангелски настан забележуваме нешто многу значајно: Господ Исус Христос за првпат не ја истакнува верата на оној кој треба да биде исцелен, туку ја истакнува верата на неговите пријатели. Во повеќето други случаи кога Господ чудотворел, секогаш барал вера од оној кој молел за исцеление. „Веруваш ли?“ – прашува Христос. Но тука – ништо. За фатениот човек не знаеме дали имал вера, не знаеме дали воопшто очекувал чудо. Она што го знаеме со сигурност е дека неговите пријатели силно верувале, се надевале, љубеле, и токму таа нивна вера станува причина за чудото. И еве што прави Христос: Он не му вели на парализираниот: „Стани, оди“. Прво му вели: „Чедо, ти се простуваат гревовите твои!“

Овие зборови, возљубени, откриваат нешто суштинско. Причината за болеста не е само во телото, туку најнапред во гревот. Гревот ја раскинува врската помеѓу човекот и Бога, ја помрачува душата, го парализира целиот човек. Знаеме дека уште во почетокот на светот, со падот на Првосоздадените, во човечкиот живот влезе страдањето, болеста, смртта. Смртта, како што велат Светите Отци, освен што е последица на гревот, таа стана и еден вид лек – да не остане човек засекогаш во состојба на отпадништво, во состојба на зло и се разбира, во состојба на страдание. Замислете си еден зол човек, некој што никогаш не се кае, што постојано се насладува во гревот и во злото – колку би било пеколно ако тој човек живее вечно? Бог затоа ја допуштил смртта, не како казна, туку како граница, како начин човекот да осознае дека неговиот живот овде не е конечен, дека постои нешто повисоко, нешто подлабоко, дека нашиот вистински, вечен живот се наоѓа на друго место, дека нашата вечна Татковина е на небесата. 

Да видиме сега како постапиле фарисеите и книжниците за чудото на исцеление што го изврши Господ. Наместо да се израдуваат на чудото, наместо да Го прослават Бога што, ете, еден нивни брат, еден нивни сограѓанин е исцелен, наместо да Го препознаат во Христа Оној Кој им носи живот, тие се соблазнуваат: „Кој е овој што простува гревови? Само Бог може да простува гревови!“ Ова е врвот на нивната слепост. Стојат лице в лице со Оној Кој е Светлина, но остануваат во темнина. Самиот Бог е пред нив, но тие не можат да Го видат, затоа што нивните срца се исполнети со гордост, со суета, со завист, со формализам. 

Христос, пак, Кој ја познава и најскриената мисла во сечие срце, не ги остава без одговор. Он говори нешто на кое никој не може да противречи: „Зошто размислувате така во своите срца? Што е полесно да му се рече на фатениот: ’Ти се опростуваат гревовите‘, или да му се рече: ’Стани и земи ја својата постела, и оди!‘ Но за да знаете дека Човечкиот Син има власт да ги опростува гревовите на земјата, му рече на фатениот: „Тебе ти зборувам – стани, подигни ја својата постела и оди си дома!“

И човекот, ослободен не само од болеста, туку, пред сè, од гревот, станува и си оди.

Возљубени мои, денешното Евангелие нѐ повикува да се запрашаме дали ние имаме вера каква што имаа овие пријатели на фатениот. Ги носиме ли и ние своите ближни пред Христа со љубов, со молитва, со постојана грижа за нивното спасение? Ја разбираме ли длабоката врска меѓу гревот и состојбата на човештвото? Господ не дојде само да исцелува тела. Он дојде да го исцели срцето на човекот, да го врати изгубениот син во прегратките на Отецот небесен.

Мили мои, не е случајно тоа што Црквата ја посветила оваа втора недела од Великиот пост на Свети Григориј Палама, големиот учител, кој го изрази, го објасни и го систематизира она што Црквата отсекогаш го живеела: дека со вера, со добри дела, со молитва и со духовен труд човекот се обожува, станува божествен по благодат. Често, во молитвите и во црковната поезија, Светиите ги нарекуваме: „божествени“, „просветлени“, „обожени“. Што значи ова? Тоа значи дека тие, живеејќи во Христа, станале учесници во Неговата Божественост преку благодатта Негова. Тие не станале само добри луѓе, не биле само морални личности и мудри учители, туку преку Светиот Дух, станале носители на несоздадената Божја светлина, преобразени во живи икони Христови. Понекогаш, кога ќе видиме нешто прекрасно, велиме: „Ова е божествено убаво!“ Гледаме на природата, на ѕвездите, на светот околу нас, и велиме: „Ова е дело на Бога, ова е божествено!“ И навистина е така – целата вселена е божествена, бидејќи Бог ја создал. Но во целото создание само едно битие има привилегија и повик да стане бог по благодат – човекот! Во Евангелието Господ вели: Небото и земјата ќе преминат, но Моите зборови нема да преминат (Мт. 24,35). Значи, целиот свет, ѕвездите, небото – еден ден сè ќе заврши, но ние сме создадени за вечноста, зашто нашето предназначение е обожението. Ова е тоа што Свети Григориј Палама го утврди како суштина на христијанскиот живот: човекот е сотворен да живее во Бога, да Го восприми Неговото присуство, да се обожи.

Но како? Како човекот може да се обожи? Преку подвигот, преку молитвата, преку љубовта, преку самопожртвуваноста за другите. Кога човек се труди да живее така, да љуби, да се моли, да се жртвува, Бог ја излева Својата благодат врз него, и тогаш тој се преобразува, станува светлина, станува живо сведоштво за присуството Божјо.

Мили мои, со срце исполнето со силна болка, не можам а да не споделам со вас за големата трагедија што се случи утрово. Веројатно веќе сте слушнале – во Кочани, во некоја ноќна дискотека се случила пеколна катастрофа. За жал, многу млади луѓе го загубиле животот. Што би можеле да кажеме пред една ваква трагедија? Небрежноста, невниманието, непочитувањето на основните безбедносни услови доведоа до оваа ужасна несреќа. Пиротехника во затворен простор, игра со смртта. Како и страшните сообраќајни несреќи што постојано се случуваат по нашите улици, каде што млади луѓе гинат поради невнимание, поради непочитување, поради недоволна свест. Овие несреќи, браќа и сестри,  се истовремено и повик за будење. Господ нè повикува да погледнеме околу себе, да ја видиме состојбата во која сме. Ова е крик за покајание, за промена на срцето, за промена на умот, за промена на животот.  Ние Христијаните не сме повикани да бидеме пасивни набљудувачи на страдањето во светот. Напротив! Ние треба да бидеме светлина во темнината, да живееме со жртва, да бидеме како оние другари од денешното Евангелие, кои се бореа со сета своја сила за да го спасат својот парализиран пријател. Нека оваа трагедија ни биде најгласна опомена. Нека ни биде потсетник дека животот не е игра, дека животот е дар Божји, дека сме одговорни едни за други. Господ ќе нè заштити, но само ако и ние се стремиме да бидеме заштитени. Ако се освестиме, ако се вратиме кон Него, ако внимаваме, ако се сакаме, ако живееме како Христијани, како луѓе што носат светлина, а не како луѓе што живеат во егоизам.

Да се молиме за овие млади души, Господ да ги прими во Своето Царство и да им дари добар Рај. Да се молиме за нивните родители, за нивните ближни, за повредените, за оние кои се жртвуваа за други да спасат, за оние кои сега плачат неутешно и не знаат како да ја поднесат агонијата и болката. И да се молиме за сите, за ова општество, за нашите млади, за нашите семејства – да се вратиме во вистинскиот живот кој е во Христа, да не живееме во алчност, во бесчовечност, во корупција, во мрак. Господ нека биде милостив, нека ни даде покајание, нека ни даде разум, нека ни дари љубов. Амин.